Фото: Игор Бансколиев

На сегашните генерации новинари и креатори на нашиот најчитан весник „Нова Македонија“ им посакувам многу здравје и успеси и, се разбира, содржини што ќе ѝ го привлечат вниманието на широката читателска публика во Република Македонија. Зашто убеден сум дека овој весник е стожер и бедем што ги негува и зачувува историските настани и вредности на македонскиот народ, а на денешните, но и на идните генерации им укажува дека треба да се продолжи по патот што го трасирале нивните дедовци и татковци…

Од името на читателите…

Уште како ученик во основното училиште почна мојот интерес за читање на весникот „Нова Македонија“. Но како редовен читател ја сметам годината 1963, кога на 15 години го започнав гимназиското образование. И тоа трае сѐ до денешен ден, октомври 2023 година – кога се навршуваат цели 60 години другарување со мојот омилен весник. А тоа е време и кога точно на 8 декември оваа година полнам 75 години од мојот живот. И не кријам дека овој весник како да ми беше учебник по македонски јазик. А еве зошто го кажувам тоа.
Весникот го читав секое утро и најмногу ме привлекуваа содржините од спортот и прилогот „Колибри“. Не помалку ми беа привлечни и содржините и репортажите за убавините и легендите и преданијата за нашите села и градови, за информациите за постигањата во земјоделството, овоштарството, сточарството, индустријата, за културните манифестации и други настани од општествениот живот на Македонија. Особено ги истакнувам содржините во прилогот „Колибри“, каде што најпривлечни и интересни за мене беа личните творби и прилозите посветени за ликот и делото на многу наши познати поети и писатели (Видое Подгорец, Ванчо Николески, Волче Наумчески, Славко Јаневски, Глигор Поповски, Стојан Тарапуза, Киро Донев и многу други). Тоа на некој начин ја поттикна љубовта кон литературата, па и јас почнав да пишувам лични творби и ги праќав во почитуваниот весник за објавување. Таа љубов кон пишаниот збор остана вградена во мојата душа и срце до денешен ден.
Имајќи ги предвид важноста и, пред сѐ, многубројните и привлечни содржини во омилениот весник „Нова Македонија“, сакам во оваа пригода, по повод одбележувањето 79 години постоење, да ги истакнам и следните мои согледби. Вршејќи ја многу благородната, но и одговорна работа на новинар и публицист, секогаш кога сметав дека е потребно, во многубројните телевизиски емисии преку ТВ Скопје, денес Македонска телевизија, ја истакнував важноста на првиот дневен весник во нашата земја. Тоа беше присутно во дел од моите текстови во одделни емисии, а тоа беше случај и преку учеството на многумина врвни македонски јазичари (лингвисти), академици, артисти, новинари, како што се Блаже Конески, Благоја Корубин, Трајко Стаматоски, Коста Пеев, Божидар Видоески, Блаже Ристовски Илија Милчин, Верољуб Андоновски и многу други научници и вљубеници во македонскиот јазик. За мене, исто така, беа привлечни и написите и статиите што се објавуваа во прилогот ЛИК на саканиот весник.
Инаку, саканиот весник „Нова Македонија“ зазема посебно место во мојата богата историографска архива. А во неа можат да се најдат важни и, би нагласил, историски примероци од ова значајно информативно гласило. Така, на пример, може да се најдат примероци од весникот од смртта на Јосип Броз Тито, претседателот на СФРЈ, потоа од растурањето на споменатата заедничка држава на повеќето јужнословенски народи, како и повеќе броеви од осамостојувањето на Република Македонија како посебна држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа. Не треба да ги заборавам и содржините и објавите на првиот устав на нашата нова држава, за воените судири во 2001 година, за територијалната поделба во 2004, за промена на името, за договорот за пријателство со Бугарија и многу други, кои се од многу важно значење за развојот и проблемите во нашето општество. Во архивата на мојата библиотека се и броеви на „Нова Македонија“ од атентатот на претседателот Киро Глигоров, загинувањето на вториот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, како и трагичниот настан со сообраќајната несреќа на познатиот пејач Тоше Проевски.

Посебно место во мојата архива од важни и значајни броеви од саканиот весник се оние во кои се објавуваат радосни вести, информации и репортажи. Чувам броеви од овој весник кога ФК Вардар (1987 г.) од Скопје стана првак на тогашната држава Југославија, потоа кога ракометниот женски клуб Кометал Ѓорче Петров (2002 г.) стана европски клупски првак. И, се разбира, присутни во мојата библиотека се броевите кога машкиот ракометен клуб Вардар од Скопје ги освои двете европски титули во текот на 2017 и 2019 година. Многу весници чувам и со извештаи и записи за успесите на Македонската фудбалска репрезентација, за која многу значајна улога одиграа фудбалските великани Дарко Панчев и Горан Пандев. Засега мојата архива со весникот „Нова Македонија“ располага со над 50 примероци.
На крајот од ова мое сеќавање за почетоците, но и за денешните содржини на весникот „Нова Македонија“ да забележам дека неговите богати и историски вредности ги вградувам и во многу мои публицистички дела („Првите учители на македонски јазик 1943-1948“, „Народниот учител-гордост на повоеното македонско школство“, „Величината на странските слависти-македонисти“, „Учители на прогонетите деца од Егејска Македонија“, „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“, „Македонски лингвисти“, прв и втор дел). Со особено задоволство го истакнувам примерот што во последното мое публицистичко дело „Македонска историска читанка“ (Скопје, 2021) го публикувам прилогот „40 години ’Нова Македонија‘“, кој е посветен на книгата (монографија) „Во чекор со државноста“ што ја напиша познатиот новинар и уредник Верољуб Андоновски. Во него ги прикажувам сите почетоци и премрежиња од излегувањето на првиот македонски дневен весник, сѐ до 1984 година, кога најпрво содржините беа претставени од почитуваниот новинар преку програмата на ТВ Скопје, а подоцна засекогаш се втемелени во моето публицистичко дело.
На сегашните генерации новинари и креатори на нашиот најчитан весник „Нова Македонија“ им посакувам многу здравје и успеси и, се разбира, содржини што ќе ѝ го привлечат вниманието на широката читателска публика во Република Македонија. Зашто убеден сум дека овој весник е стожер и бедем што ги негува и зачувува историските настани и вредности на македонскиот народ, а на денешните, но и на идните генерации им укажува дека треба да се продолжи по патот што го трасирале нивните дедовци и татковци…

Иван Глигоровски