Кина во четвртокот го лансира вселенскиот брод со екипаж „Шенжу-17“, а тројцата астронаути во него ќе останат во орбитата околу шест месеци на мисија на вселенската станица. Вселенскиот брод, на врвот на ракетата носач „Лонг марч-2Ф“, беше лансиран во четвртокот во 11.14 часот (по пекиншко време), од центарот за лансирање сателити „Џиукван“ во северозападна Кина.
Околу 10 минути по лансирањето, вселенскиот брод „Шенжу-17“ се одвоил од ракетата и влегол во својата одредена орбита. Членовите на екипажот, составен од Танг Хонгбо, Танг Шенџие и од Џианг Ксинлин, се во добра форма и лансирањето е полн погодок, соопшти Кинеската вселенска агенција.
Откако ќе влезе во орбитата, вселенскиот брод „Шенжу-17“ ќе направи брзо автоматизирано поврзување и приклучување со комбинацијата на вселенската станица. Екипажот „Шенжу-17“ ќе ротира со екипажот „Шенжу-16“ во орбитата.
Она што треба особено да се истакне е фактот дека екипажот „Шенжу-17“ го има најмладиот состав од почетокот на изградбата на кинеската вселенска станица Тиангонг. Танг Хонгбо, роден во 1975 година, е командант на мисијата и ветеран астронаут што еднаш беше лансиран во орбитата на мисијата „Шенжу-12“ во јуни 2021 година. Танг Шенџие, роден во 1989 година, е ново лице и наедно најмладиот астронаут што влегол во кинеската вселенска станица. Џијанг Ксинлин, роден во 1988 година, исто така е новодојденец во вселената.
Според најавите, целта на екипажот првично е одржување на вселенската станица и научноистражувачка работа, како и постепено проширување на нејзините можности.
Астронаутите, исто така, ќе продолжат да ги оценуваат функционирањето и перформансите на вселенската станица и да ги тестираат координацијата и компатибилноста на центрите за поддршка на земјата во извршувањето на работата на вселенската станица и задачите за управување, за дополнително да ги подобрат оперативната ефикасност и способноста за корекција на грешките на вселенската станица.