Фото: Маја Јаневска-Илиева / Програмата „Амбер алерт“ овозможува брзо и синхронизирано дејствување за пронаоѓање на исчезнатото дете

Американската јавност беше толку мобилизирана по прашањето за сѐ почестата појава на киднапирање деца и за ефикасно спротивставување на истото тоа, што реши да преземе акција, при што се создаде систем што ќе ги зголеми шансите за преживување на децата што се жртви на криминални киднапирања. Така, создаден е системот „Amber alert“ („Амбер алерт“), кој го носи името во чест на убиената девојка во случајот „Арлингтон“. Зошто е важен „Amber alert“, односно системот „Најди ме“?
Експертите велат дека е важно пошироката јавност што поскоро да биде информирана, бидејќи во такви случаи времето е клучен фактор, распространувањето на информацијата е исклучително битно, а секоја информација е животно важна

Систем за извонреден прогрес во оперативното дејствување за пронаоѓање деца што се жртви на
криминални киднапирања

Србија имплементира систем за итно известување „Најди ме“, со кој, во случај на исчезнување на малолетно дете ќе се испраќа итно известување во медиумите на секои 30 минути. Предвидено е медиумите да ја прекинат програмата и да објават фотографија од исчезнатото дете со основни информации. Потоа мобилните оператори на своите корисници ќе им испратат порака за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Како функционира брзиот систем за
пронаоѓање киднапирани деца

Во рамките на овој систем е предвидено ЈП „Патишта Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, автобуските и железничките станици на своите екрани да објавуваат информации за исчезнувањето на детето.
Претседателот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, истакна дека системот ќе се активира кога животот на детето ќе биде во опасност, а ќе функционира така што телевизиските програми ќе се прекинуваат на секои половина час во првите осум часа по исчезнувањето.
– По тие осум часа до истекот на 48 часа од пријавувањето на исчезнувањето, емитувањето на таа објава ќе мора да продолжи секој час. Потоа медиумите повеќе не се обврзани да ги објавуваат информациите, освен ако полицијата не го побара тоа – објасни Јуриќ.
Системот „Најди ме“ претставува дополнителен механизам за пребарување на исчезнати лица помлади од 18 години и ќе игра важна улога во случаите во кои се оценува дека информирањето на јавноста може да придонесе за побрзо пронаоѓање.
Сепак, не секое исчезнато дете ќе биде објавено. Според системот, во оние ситуации кога објавувањето податоци за исчезнување на дете го отежнува, се меша во работата на полицијата и претставува опасност за жртвата, началниците на полициските управи ќе направат одлука за активирање на системот врз основа на јасно дефинирани пораки.

Амбер Хагерман

Сите зборуваат за системот, но дали се знае за девојчето по кое тој е именуван?

Системот „Amber alert“, врз основа на кој е создаден „Find Me“, е создаден во САД во 1996 година, а го добил името по Амбер Хагерман, деветгодишно девојче од Тексас, кое било киднапирано и убиено.
Вообичаената полициска практика во светот беше потрагата по исчезнати лица, вклучувајќи и деца, да започне по 24 или 48 часа, за да им се даде шанса на оние што во афект побегнале од дома или отишле кај дечко или девојка да се вратат. На овој начин полицијата заштедувала ресурси, но трагичниот настан во 1998 година ги променил сите процедури и светот го добил системот „Amber alert“, кој во голема мера ги зголемува шансите за пронаоѓање исчезнати деца.
Системот „Amber alert“ го добил името по девојчето Амбер Хагерман, кое живеело со родителите и помладиот брат во Арлингтон, Тексас, Соединетите Американски Држави. Амбер била девојче што живеело типичен американски живот, возело велосипед, било во извидници и не се разликувало од своите врсници.
Сето тоа се сменило на 13 јануари 1996 година. Нејзиниот помал брат и таа ги возеле своите велосипеди до паркингот на една напуштена продавница бидејќи таму била инсталирана рампа за велосипеди, па сите деца се собирале таму. Нејзиниот брат си заминал, но таа останала, што било и фатална грешка.
Нејзиното киднапирање го посведочил еден постар жител на Арлингтон, кој подоцна сведочел дека видел црн автомобил или пикап со темна боја како застанува, а возачот го грабнува детето. Девојчето врескало и се обидело да избега, но возачот бил пресилен за детето, кое не успеало да се спаси.
Сведокот повикал полиција и го пријавил случајот. Патролата пристигнала брзо и го снимила описот даден од сведокот, дека киднаперот е бел или Шпанец, на возраст меѓу 25 и 40 години, просечна висина, просечна градба. Опис што не може многу да ѝ помогне на полицијата.
Иако сведокот бил стар, а описот општ, почнала опсежна потрага, а бидејќи се работи за киднапирање, се вклучиле и агентите на ФБИ. Во претресот учествувале дури 60 полицајци. За жал, сето тоа било залудно.
Случаен минувач шетајќи го своето куче го пронашол телото на Амбер пет дена подоцна, фрлено во поток. Местото каде што било пронајдено телото било на помалку од 10 километри од паркингот каде што се случило киднапирањето.
Обдукцијата ја реконструираше агонијата низ која поминало детето. Криминалецот ја одржувал во живот два дена, ја тепал и ја силувал, а потоа ѝ го пресекол грлото. Телото било пронајдено без облека, само со еден чорап.
Нејзиниот убиец никогаш не бил изведен пред лицето на правдата.

Спасени животи

Американската јавност беше толку шокирана што реши да преземе акција и да создаде систем што ќе ги зголеми шансите за преживување на децата што се жртви на криминални киднапирања. И создаден е системот „Amber alert“, кој го носи името во чест на убиената девојка од Арлингтон и благодарение на кој се спасени безброј животи.
Зошто е важен „Amber alert“, односно системот „Најди ме“, зашто времето е пресуден фактор, експертите велат дека е важно јавноста што поскоро да биде информирана, бидејќи во такви случаи секоја информација е важна.
– Имајќи предвид дека е докажано дека првите 48 часа по исчезнувањето се клучни за пронаоѓање дете, медиумите се обврзани да информираат во тој рок, почнувајќи од приемот на информацијата за исчезнувањето – објаснуваат експертите што работат на оваа проблематика.
Според нив, првите два дена се клучни.
– Првите 48 часа се клучни за пронаоѓање на детето, поради што времетраењето на ваквото јавно информирање е ограничено на тој период. Заклучокот е дека, по правило, времетраењето на системот не смее да биде предолго, за да се задржи ефектот на сензибилизирање на јавноста. Во земјите каде што се спроведува, во најголем број случаи системот „Amber alert“ трае 24 часа, меѓутоа во Франција трае четири часа, а во Грција 48 часа – велат упатените.
Според истражувањата, во повеќето случаи злосторството се случува во првите четири часа од киднапирањето, така што времето е од суштинско значење, а системот за предупредување „Amber alert“ ги зголемува шансите за преживување на детето за повеќе од 90 проценти.

[email protected]