Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена до 30 октомври, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Преку своите дела, трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата на ковид-19, кој неизбежно се рефлектира во нивните дела.
– Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на темата за глобалната пандемија, како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат трага врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата – вели кураторот Горјан Ѓорѓиев.
Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин ги прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

– Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ги претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација – се вели во текстот за изложбата.
Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“.
– Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето што ни доаѓа. Регенерација на просечното и болното е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото е она што не ни се допаѓа – подвлекува Горјан Ѓорѓиев.