Засега проблемот останува на тоа секое училиште или, пак, секој наставник да поставува свои правила за тоа колку и на кој начин ќе се користат мобилните телефони за време на часовите. Некои наставници на почетокот на часовите ги собираат телефоните од сите деца на едно место, а некои им велат само да ги исклучат. Велат дека многу често се случува родителите да им вртат на децата за време на часовите, па децата да мораат да кренат. На тој начин посочуваат дека се прекинува часот и на децата им се одвлекува вниманието
Мобилните телефони во образовниот процес во основните и во средните училишта
Им требаат ли мобилни телефони на децата во основните училишта? Во ред ли е деца од пониските одделенија да бидат на телефон додека тече наставниот процес или за време на одморите меѓу часовите? Училиштата се тие што треба да ги постават правилата на игра, но колку во време на силен технолошки напредок можат да останат доследни и да почитуваат препораки што ги изрекло и Министерството за образование и наука?
Владата во мај годинава усвои сет препораки наменети за училиштата, а една од нив е и секое училиште да направи и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите во просториите на училиштата. Тогаш Јетон Шаќири, министерот за образование, посочи дека укинување на потреба од мобилните за време на часовите ќе поттикне повеќе дискусија, размена на идеи и слично.
И експертите посочуваат дека мобилните телефони се неопходност на денешницата, но дека нивната употреба од страна на децата треба да знае за мера, особено надвор од домот.
Родителите велат дека во училиштата често се случува, особено кај помалите деца, телефоните лесно да се губат. Но потенцираат и дека децата на големите одмори наместо да се дружат, да си играат, тие седат и гледаат во мобилните телефони. Сепак, носењето мобилен телефон во училиште, родителите го оправдуваат со тоа дека во секој момент можат да знаат каде е нивното дете и што прави. Засега проблемот останува на тоа секое училиште или, пак, секој наставник да поставува свои правила за тоа колку и на кој начин ќе се користат мобилните телефони за време на часовите. Некои наставници на почетокот на часовите ги собираат телефоните од сите деца на едно место, а некои им велат само да ги исклучат. Велат дека многу често се случува родителите да им вртат на децата за време на часовите, па децата да мораат да кренат. На тој начин посочуваат дека се прекинува часот и на децата им се одвлекува вниманието.
Контрола на користењето на телефоните не е казна за учениците
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека ограничувањето на употреба на мобилните телефони во училиштата е позитивна мерка, зашто на тој начин учениците имаат можност повеќе да се фокусираат на наставата отколку на тоа кој ги бара или кој им пишува на социјалните мрежи.
– Наставниците работат по наставна програма, часот е испланиран, се знае како ќе се одвива предавањето или вежбите. Телефонот може само да им го одвлекува вниманието на децата. Затоа на часот треба да се создаде атмосфера во која учениците можат да се концентрираат. Ако наставникот процени дека телефонот е потребен на часот, тогаш во ред. Тоа треба да го одреди тој. Сепак, децата треба да го прашаат наставникот за сите нејасни процеси околу предметот, а не да го бараат на Гугл она што не им е јасно. Така се создава бариера меѓу односот наставник и ученик – објаснува таа.
Сепак, смета и дека мора да се стави контрола на користење на телефоните за време на училишниот ден.
– Но мора и децата да знаат зошто е тоа така. Земањето на телефоните не смеат да го чувствуваат како насилен процес. Тоа не е казна и тоа треба да им се потенцира – додава психологот.
Виничко училиште спроведува целосна забрана за телефони
Инаку, последен позитивен пример на темата користење на мобилните телефони доаѓа од Виница. По упатство од Министерството за образование и наука, а со целосна поддршка од Општина Виница, во ОУ „Славчо Стојменски“ е донесена одлука за целосна забрана учениците да користат мобилни телефони за време на наставата. Употребата на мобилните ќе биде ограничена и за наставниците. Секој родител ќе има телефонски број од класниот раководител, од стручните служби и од директорот за каква било потреба од учениците. Од училиштето соопштуваат дека секој телефон што ќе биде откриен, односно ќе се користи за време на наставата ќе биде одземен и вратен кон крајот на учебната година.
Хрватските ученици поделени во ставовите
Последните истражувања во Хрватска посочуваат дека повеќе од 85 отсто од наставниците се за забрана на мобилните телефони, а учениците се поделени.
Според истражувањето спроведено од Институтот за истражувачки општества во Загреб, во јуни минатата година, значителен дел од учениците се залагаат за забрана. Истражувањето е спроведено на примерок од 1.705 наставници и 3.706 ученици од петто одделение, како и 3.866 ученици од седмо одделение од 84 основни училишта во Хрватска. Учениците од петто одделение се поделени по прашањето за забраната за користење мобилни телефони, односно 47,4 отсто од учениците се против забраната, а 52,6 отсто од нив ја поддржуваат, додека мнозинството ученици од седмо одделение се против забраната, речиси 70 отсто од тие (68,9), а некои помалку од една третина ја поддржуваат забраната, пишува хрватскиот портал „Индекс“.
– Перспективата на учениците за забрана на користење мобилни телефони во училиштата укажува на сложеноста на оваа тема – наведуваат авторите на студијата.
Како во ЕУ се спроведува забрана за телефони меѓу учениците?
Неколку земји веќе воведоа забрани за користење паметни телефони во училиштата, со оглед на потенцијалното влијание врз академските постигнувања на учениците. Целосната забрана за употреба на телефони во училиштата прва ја воведе Франција во 2018 година, а во Холандија оваа одлука ќе стапи во сила од 1 јануари 2024 година. Холандија воведува забрана за паметни телефони, таблети и паметни часовници во училиштата. Исклучок ќе има само за часовите по дигитални вештини или доколку учениците со попреченост или други медицински состојби имаат потреба од уреди. Финска, која е позната по одличните резултати на тестовите за училишна способност ПИСА, сака да го промени моменталниот опаѓачки тренд и да промовира фокусирана средина за учење така што ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата. Во Германија, пак, само покраината Баварија формално има забрана за мобилни телефони во училиштата.