Дилемата што повторно се наметнува во јавноста е зошто секогаш се бараат некакви критериуми што се близу до минимумот, односно минимум технички услови, наместо да се инсистира на некакво средно ниво на исполнување на техничките услови пред некој да се стекне со лиценца
Македонските граѓани заслужуваат повисоки стандарди од она што им се нуди
Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ во која животот трагично го загубија 59 лица, а над 200 беа повредени, е резултат на неисполнувањето на техничките услови за работа на самиот објект.
Мерките што сега надлежните интензивно ги преземаат, откако беше платена превисока цена во човечки животи, одат во насока на контрола на сите објекти и проверка дали тие ги исполнуваат техничките услови за дејноста што ја вршат.
Од Министерството за економија најавуваат законски измени на Законот за угостителска дејност, со кои прво ќе се проверуваат минимум техничките услови, па потоа ќе се доделува лиценца за работа.
Дилемата што повторно се наметнува во јавноста е зошто секогаш се бараат некакви критериуми што се близу до минимумот, односно минимум технички услови, наместо да се инсистира на некакво средно ниво на исполнување на техничките услови пред некој да се стекне со лиценца.
Луѓе од фелата тврдат дека минимумот технички услови е ставен само затоа што ако се покачат стандардите, тогаш многу објекти и дејности едноставно нема да добијат лиценца.
– Кај нас сѐ е на некаков минимум услови и тоа не е добро решение, а трагедијата во Кочани го потврди тоа. Еве и сега ќе се прават законски измени на Законот за угостителство и повторно ќе се проверува дали некој објект ги исполнува минимум техничките услови за да добие лиценца. Кога се постапува така, тоа значи дека објектот исполнува минимум услови, но за кратко време една работа нека откаже, на пример нека не се сменат навреме противпожарните апарати, нека се направат некакви внатрешни интервенции во објектот и толку е од исполнувањето на минимум условите. Затоа државата, ако веќе постојано говори за европски стандарди, треба да ги преслика критериумите од Германија, од Италија, Франција, Шведска, па врз основа на нивното исполнување да дава лиценци за секоја дејност. Не може класични шупи да се дискотеки, магацини, простории за производство на храна, автосервиси, станици за технички преглед, бензински пумпи и слично, без да исполнуваат европски стандарди. Како граѓани доста ни е од минимуми и потпросеци оти некомпетентноста и импровизациите доведоа до вакви трагедии и упорно ја влечат државата надолу – нагласуваат експертите.
Според нив, техничките услови на секој објект што претендира да добие лиценца мора да бидат повисоки од минимумот и да се на ниво на европските.
– Порано во Југославија постоеше ЈУС, односно југословенски универзален стандард што мораше да се исполни за да се добие лиценца. Ако не беше по ЈУС, тогаш нема производство или, пак, таквите производи ја немаа довербата меѓу купувачите. Така треба да биде и сега, Македонија да ги усогласи овие стандарди со европските и да инсистира на нив при издавањето лиценци, па макар наместо 500, биле само 50 дискотеки, кафулиња, ресторани, превозници, градежници, ревизори, инспектори, контролори и слично. Мора македонските граѓани да добијат повисок стандард наместо постојано да се задоволуваат со минимуми – заклучуваат експертите. С.Т.