Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Фејсбук објави фотографија од наводен допис од 23 февруари од МВР на Италија, каде што стои дека по препорака на Европската комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември.

Одлуката не ја прифатиле само две земји членки – Грција и Франција, но министерот Бујар Османи ја скрил информацијата од јавноста, пишува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

– МВР на Италија во дописот напоменува дека одлуката е донесена заради заштита на правото на слободата на движењето, а за периодот по септември граничната полиција дополнително ќе добие инструкции како да постапува. Во истиот овој период многу некоректна беше постапката на министерот Османи, кој ја криеше оваа информација за одлуката на 25 членки на ЕУ, која и тогаш и денес е многу важна за слободното движење на стотици илјади македонски државјани, кои престојуваат во ЕУ. Врв на оваа негрижа кон македонските државјани беше тоа што на 6 февруари амбасадорот Весел Мемеди (Рим) направи скандал со доставување официјална дипломатска нота до италијанските власти, во која патните исправи на кои пишува Република Македонија ги прогласи за неважечки. За жал, изгледа дека 25 држави членки на ЕУ имаат поголемо разбирање за слободата на движењето на македонските државјани со важечки пасоши „Република Македонија“ отколку што за тоа се грижат амбасадорот Мемеди и министерот Османи, кои се платени за да ги штитат интересите на македонските државјани – пишува Милошоски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, рече дека се лажни вести обвинувањата оти наводно скрил важен документ потпишан од 25 земји-ленки на ЕУ дека до септември македонските граѓани ќе може да влегуваат во Унијата со важечките пасоши со старото уставно име на државата.

– Не е точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести, што ја открија во ВМРО-ДПМНЕ – рече Османи.

Како што образложи, проблемот e тоа што МВР го има сменето законот и ги има декларирано македонските пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Со тоа, вели Османи, ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ, а граѓаните не може да ја напуштат нашата граница бидејќи од нашите закони се декларирани тие пасоши како неважечки.

– За враќање, ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ – рече Османи.

Министерот оцени дека е бавен процесот на издавање пасоши и рече се понудил лично со Министерството за надворешни работи да фотографираат за пасоши, да пополнат формулари да им помогнат. Оваа работа, вели Османи, бара капацитет, а не политиканство и удирање во гради дека нема да го користат новото име на државата, а потпишале сè со Северна Македонија и даваат такви изјави.