Фото: Маја Јаневска-Илиева

Апетитите на политичарите од албанскиот политички кампус веќе не се ни затскриваат: промена на карактерот на државата, без унитарност, да бидат конститутивен народ заедно со Македонците во една бинационална држава?! И нема нешто што поприоритетно ги интересира, како економски развој, инфраструктура, индустријализација, аграр итн. И споменатото веќе не е само идеја, туку процес, кој македонската страна се прави дека не го гледа и го игнорира. Зошто нивна фундаментална цел е да се смени Уставот и да се редефинира Македонија?!

Етноцентрични предизборни политички платформи со вкус на безобѕирни уцени

Отворањето на „картите“ за политичките партии и коалиции за претседателски кандидати, особено од албанскиот политички блок, се чини дека ги врати во македонскиот јавен дискурс идеите со кои се минуваат линиите на уставноправниот и политички систем на државава, ја минуваат црвената линија и водат кон продлабочување на етничките поделби, наместо кон афирмација на унитарниот карактер на Македонија и воспоставување на мерит-системот на вредности и заслуги при изборот за највисоките државни функции, но и воопшто за функционалноста на институциите во државата.

Трите амбиции на Таравари

Имено, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој и покрај расколот во неговата партија Алијанса за Албанците и оспорувањето на неговото лидерство во партијата е предложен за претседателски кандидат на Македонија, од коалицијата на опозициски албански партии Европски сојуз за промени – претстави три главни заложби во својата кандидатура, со кои се бараат дополнителни државни привилегии врз, најблаго кажано, етноцентрична основа. Суштината на претседателската кандидатура на Таравари главно се сведува на – внесување на Бугарите во македонскиот устав, отстранување на дефиницијата „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот, како и Македонците и Албанците да ги делат трите највисоки функции во државата.
– Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи: внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот, отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик и изборот на претседател да се прави во Собрание, а не повеќе преку избори. Ова е големата вест. На овој начин во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции – изјавил Таравари на вонредна прес-конференција.
За овие свои „програмски заложби“, Таравари побара поддршка од Албанците и од ДУИ.
– Ги повикувам Албанците и ДУИ, која сѐ уште се двоуми кого да кандидира и која во минатото поддржувала и македонски кандидат за претседател, повикувајќи се на консензуализам, да ги поддржат мојата визија и мојата кандидатура. Сега ја имаме можноста заедно да ја зајакнеме консензуалната демократија на уставен начин. Сега можеме да обезбедиме една од трите главни државни функции по автоматизам да им следува на Албанците, како втор мнозински народ во Македонија – се вели во изјавата на Таравари, која ја пренесува неговиот кабинет.
Експлицитна политичка поддршка од конкуренција во ДУИ, Таравари засега нема добиено, но сепак доби реакција дека и тие се залагаат за истите цели.

Од мултинационално општество, до бинационална држава!?

Ваквите отворени побарувања на претставниците на албанскиот политички фактор во предизборниот амбиент предизвикуваат повеќе прашања. Дали откако сѐ можно во оваа држава се подели по етничка линија треба и највисоките функции да се делат по етнички принцип, и тоа само меѓу Македонците и Албанците? Што е со другите заедници, дали тие ќе бидат само декор? Треба ли Македонија наместо етнички поделби, да гради систем на квалитет, според кој, претседател, премиер или некоја друга функција ќе се добиваат според квалитетот на кандидатот, а не според неговата етничка поделба?
– Според сите дејствувања и изјави на речиси сите претставници од албанскиот политички блок, ваквите декларирани заложби и цели на Таравари како претседателски кандидат се очекувани. Политичката платформа на Албанците во Македонија, која веќе не се ни затскрива, е тие да бидат конститутивен народ, заедно со Македонците во една бинационална држава. Никој друг и ништо друго не ги интересира. Тоа веќе не е само идеја, туку процес, кој македонската страна се прави дека не го гледа и го игнорира. Нивната цел е да се смени Уставот и Албанците да се изедначат со македонскиот народ. Албанските партии во Македонија не се граѓански партии! Тоа се етнонационалистички партии, во кои далеку од нивниот примарен програмски интерес се економскиот или демократскиот развој на државата, владеењето на правото, правната држава, влезот на Македонија во ЕУ… Сите овие флоскули можат да ги користат во нивните наративи, но во интерес за постигнување на нивната националистичка агенда – вели универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Јован Донев.

Давитковски: Длабока ерозија на демократските процеси

Универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски е зачуден до какво дно е дојдена македонската демократија, кога маргинални партии со етнички предзнак можат да поставуваат уцени за уставноправниот поредок во земјата.
– До кое дно е дојдена македонската демократија кога некои маргинални албански партии дојдоа во позиција да уценуваат со менување на уставноправниот поредок во Македонија и да наметнуваат свои националистички агенди?! Секако, тоа е резултат на анимозитетот меѓу најголемите македонски партии, кои за да ја освојат власта, или да опстанат, свесно прават опструкции на националните интереси, дозволувајќи уцени од пајтон-партии и да профитираат пајтон-политичари. Ваквите уценувачки изборни платформи на албанските партии во Македонија се врз непочитување на мнозинските права на македонскиот народ. Според стандардите на демократијата, не може да прави влада малцински политички чинител, но тоа им е овозможено на албанските партии поради политичкиот анимозитет и недостиг од кредибилитет кај македонските партии. Ваквиот воспоставен начин на политичко функционирање, секако дека ги става во краен план принципите на мерит-системот за извршување на највисоките државни функции и воопшто за функционалност на институциите, а го наметнува етничкиот принцип – вели професорот Борче Давитковски.