Изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било од државите во регионот мислам дека не би било продуктивно во овој момент, ние се водиме од европски принципи и практики и тоа ќе остане така, тоа е наша уставна обврска, рече министерот Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со германската министерка за Европа, Ана Лирман.
И досега, нагласи тој, имавме пракса на немешање во внатрешните прашања на која било наша соседна држава.
– Тоа ни е обврска од Уставот, така што не е на Северна Македонија каде и какво малцинство има во регионот, тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја група на луѓе, етничка заедница или пак политичка партија или здружение имаат право да ги бараат своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права или Европската конвенција за заштита на човековите права – рече Маричиќ.
Во однос на прашањето за работните групи, како и за историската комисија, Маричиќ вели дека сето она што е досега направено, односно досегашните напори, ќе бидат вградени во наредната рамка.
– Би се формирале повеќе комисии, тоа значи би имало повеќе луѓе, институции, фактори или актери вклучени во процесот, но не мислам дека во делот на Историската комисија, иако се уште не сме договориле, јас претспоставувам таа ќе остане и ќе продолжи да функционира, во која форма ќе видиме, но тоа е всушност Комисија утврдена во билатералниот договор за пријателство и добрососедство што сме го растификувале во 2017 година. Сите луѓе кои биле вклучени и се што е направено ќе продолжи – рече Маричиќ, посочувајќи дека за нас е важно процесот да продолжи да биде искрен, конструктивен и пријателски со цел да се изнајде решение.
И новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски изјави дека Владата нема да се меша во внатрешните прашања на соседите.
Прашањето за македонското малцинство се наметна непосредно пред посетата на бугарскиот државен врв кој се очекува утре да допатува во Македонија. Претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков, изјави дека ниту тој, ниту други претставници на владата не разговарале со претставници на Амбасадата на САД во Бугарија за признавање на македонско малцинство во земјата.