И додека Србија и Унгарија реагираа на новите даночни оптоварувања, од македонското МНР повторно ги игнорираат провокациите од страна на Софија и не реагираат на прекршувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, вклучувајќи и прекршување на редица други билатерални договори потпишани со бугарската страна за време на заедничката владина седница во Скопје, кога, меѓу другото, двете земји потпишаа договори за соработка во енергетската сфера, што го вклучува и транзитот на гасот. Со потегот на Бугарија, сето тоа паѓа во вода…
Бугарија продолжува најфлагрантно да го прекршува Договорот за добрососедство и пријателство со Македонија и со тоа не само што го условува продолжувањето на македонските евроинтеграции со уцените за уставни измени, туку сега, со наметнување дополнителни давачки за земјава, директно удира по џебот на македонските граѓани.
Ова е уште еден пример во низата кога Софија уште еднаш флагрантно го прекршува меѓународното право со носењето внатрешен пропис што е во спротивност на меѓународните договори склучени со земјите кандидати за ЕУ, во кои категорично стои дека Бугарија, како сосед и членка на Унијата, ќе им помага на земјите кандидати да ги достигнат бенчмарковите на ЕУ, помагајќи и во развојот на стопанството, економијата, трговската размена и слично. Софија, воведувајќи отежнувачки околности во врска со транзитот на гасот како енергент кон своите соседи, Македонија и Србија, не само што економски им го отежнува патот за приклучок кон ЕУ, туку и со правно ништовни внатрешни регулации (од областа на енергетиката) прави дополнителен упад во Договорите со соседите, ставајќи го внатрешното право над меѓународното, при што прави уште еден тежок преседан/инцидент пред очите на целата меѓународна јавност, меѓународни организации и институции?!
Како Бугарија ги саботира договорите за добрососедство?
Деновиве Бугарија воведе такса од 20 лева (10,76 долари) за мегават-час руски гас што транзитира низ нејзината територија, со што ѝ зададе дополнителен финансиски товар на Македонија, како и на другите земји од регионот и пошироко во Источна Европа што преку цевката низ Бугарија се снабдуваат со руски гас.
Потегот на официјална Софија е спротивен не само на Договорот за пријателство и соработка потпишан со Македонија туку со него се прекршуваат и редица билатерални договори со кои земјите кандидати требаше да бидат помагани од членките на ЕУ на патот кон Унијата.
Дополнително, Бугарија го прекрши и самиот Договор за пристапување во ЕУ, така што еднострано воведе нефер однос кон други земји членки.
Бугарскиот премиер Николај Денков оваа одлука ја правда така што вели дека сега веќе има алтернативи за рускиот гас.
– И покрај санкциите против Русија, на некои земји им беше дозволено да увезуваат руски гас бидејќи немаа други опции. Такви се Унгарија и Србија. Но веќе има интерконектори, така што има алтернативи и рускиот гас не треба да ужива никакви посебни преференции – рече Денков.
Ако веќе има алтернативи, како што тврди бугарскиот премиер, тогаш зошто и Бугарија не е опфатена со истиот повисок данок, ако се има предвид дека и таа користи руски гас. Згора на тоа, со новата давачка наметната на соседните земји нејзиниот буџет годишно ќе биде пополн за 1,3 милијарда евра.
На едностраниот потег на Софија реагираа Србија како земја кандидат и Унгарија како членка на ЕУ, кои во заедничка изјава наведоа дека одлуката на Бугарија да воведе данок на рускиот гас што се испорачува преку нејзината територија е непријателски чекор насочен против овие две земји. Потегот на Софија е во спротивност со меѓународното право, конкретно со договорите со Македонија и со Србија од правен аспект, а крајно нефер од економски.
Не е прифатливо нашето МНР да не реагира со нота
И додека Србија и Унгарија реагираа на новите даночни оптоварувања, од македонското МНР повторно ги игнорираат провокациите од страна на Софија и не реагираат на прекршувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, како и на погазувањето на редица билатерални договори потпишани со бугарската страна за време на заедничката владина седница во Скопје, кога, меѓу другото, двете земји потпишаа договори за соработка во енергетската сфера, што го вклучува и транзитот на гасот. Со потегот на Бугарија, сето тоа паѓа во вода.
Според познавачите на состојбите во делот на меѓународното право, Македонија нема обврска да ги плаќа повисоките давачки наметнати од Бугарија за транзит на рускиот гас или, пак, и самата да не ги почитува Договорот за добрососедство и другите договори потпишани со Бугарија.
– Зголемувањето на данокот за транзит на руски гас низ Бугарија е регулирано со внатрешен закон, така што тој во практика е ништовен, бидејќи не може да биде посилен од претходно потпишаните меѓународни договори, кои секогаш имаат поголема тежина. Македонија во 2017 година потпиша Договор за пријателство и соработка со Бугарија и во него јасно е посочено дека двете земји ќе си помагаат во сите области, а ова што сега го прави Софија не е помош, туку бркање во џебовите на македонските граѓани – велат аналитичарите.
Според нив, прекршен е првиот член од Договорот, во кој се наведува дека „двете земји ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството“.
– Прекршено е меѓународното право така што внатрешен закон се става над меѓународен договор. Погазено е добрососедството бидејќи Македонија сè уште не е поврзана на друг интерконектор и нема алтернатива за рускиот гас. Тоа е како на соседот да му ја запрете водата, иако тој сè уште не се приклучил на друга водоводна мрежа. Понатаму, прекршен е и членот 7, во кој се наведува дека „двете земји ќе ги прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите меѓу себе, вклучувајќи и во рамките на регионалните инфраструктурни проекти“. Гасоводот од Бугарија кон Македонија е важен инфраструктурен проект преку кој земјава се снабдува со гас, а повисок данок на транспорт на гасот е далеку од некакво „усовршување“ на транспортните врски. Уште прекршен е и членот 11, во кој се наведува дека „ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја што имаат непријателски карактер“. Повеќе од извесно е дека станува збор за непријателски чин, бидејќи дополнителното финансиско исцрпување на македонските граѓани води кон создавање внатрешни општествени тензии – појаснуваат познавачите на меѓународните состојби и легислативи.
Тие сметаат дека Македонија како држава мора уште веднаш да реагира на ваквиот однос на официјална Софија.
– Независно од реакциите на Србија и Унгарија, македонската страна мораше веднаш да реагира, бидејќи овој чин е во спротивност на Договорот што го имаме со Бугарија. Македонија освен цевководот од Бугарија, нема друга гасна конекција. Интерконекторот во Грција не е готов, така што очигледно Софија како да сака да ја казни и Македонија поради одбивањето да ги направи уставните измени. Но, да не се лажеме, Бугарија не е сама во ова. Таа постапува по налог на некои европски центри на моќ, чија цел е да се предупредат оние држави што се опираат на европските политики околу диверзификацијата од рускиот гас. Бугарија е само алатка за казнување, затоа за Бугарите нема повисок данок, иако оваа земја е целосно зависна од рускиот гас. Оваа улога што ѝ беше доверена, бугарската страна ја искористи за дополнителен притисок и врз Македонија – заклучуваат соговорниците.