Фото: Маја Јаневска-Илиева

Станислав Бачев, бугарски политиколог и експерт за меѓународни односи и геоенергетика

Според Станислав Бачев, доктор на политички науки од Бугарија и експерт за меѓународни односи и геоенергетика, одлуката на Бугарија за зголемување на таксата за транзит на руски гас е резултат на погрешни процени и неспособност на властите.
– Одлуката за воведување данок на транзитот на рускиот гас, благодарение на кој годишно ќе се слеваат дополнителни 2,5 милијарди лева во бугарската каса, има неколку аспекти и води до неколку заклучоци. Прво, од перспектива на бугарската влада, станува збор за прашање од финансиска и од дипломатска, односно од геополитичка природа. Од една страна, тоа е невешт обид да се генерираат приходи што би помогнале да се реализира краткорочната геополитичка цел за намалување на буџетскиот дефицит. Важно е да се напомене дека буџетот за 2023 година, кој веќе завршува, беше донесен дури летово, кога веќе помина половина година. Тоа го покажува нивото на политичкиот слој што не е способен да ја прогнозира, планира и води финансиската политика на државата. Затоа, одлуката за воведување данок на транзитот на гас не само што е неправилна туку и опасна, бидејќи не ги зема предвид другите последици на дипломатско ниво и во односите со земјите што се директно засегнати од таа одлука – оценува експертот за меѓународни односи и геоенергетика Бачев.

Резултат на неспособноста на Софија

– Во овој случај целта не ги оправдува средствата. Сега ќе бидеме уште подлабоко вовлечени во финансиски проблеми. Во геополитиката и дипломатијата, ваквите одлуки се носат само како форма на мека моќ, со цел да ѝ зададат удар на некоја земја. Тоа е форма на санкции, а како што постојано се потврдува, санкциите кон другите земји не функционираат како механизам, тие го поскапуваат производот или стоката. Значи, имате еден истрел: ако пукате и ја промашите целта, тоа ја намалува довербата меѓу земјите. Во овој случај не станува збор за желбата да се „казнуваат“ земји како Србија или Унгарија – ова е резултат на неспособност, а ударот врз тие земји е последица, која очигледно не била предвидена – смета експертот.
Сепак, како што додава тој, има уште еден аспект што повторно ја покажува зависноста на Бугарија.
– Владата има договор со турската компанија „Боташ“. Гасот што се испорачува од „Турски тек“ преку територијата на Бугарија наскоро транзитно ќе се испорачува не како руски, туку како турски гас. Така, производот ќе остане ист, само името се менува. И тука завршува „генијалниот“ потег на Владата. Ќе има гас, но Турција ќе добива повеќе приходи, додека Бугарија ќе плати за изгубената доверба во билатералните односи со земји како Србија и Унгарија. Уште еднаш покажуваме дека не знаеме кои се нашите национални интереси. А кога не се знае тоа, самите се местиме да штитиме туѓи национални интереси – поради непознавање на соодветното решение, поради неспособност и национално предавство – наведува Бачев.

Бачев: Бугарија е држава без држава

Коментирајќи ги рестриктивните мерки што Бугарија ги воведува против руските производители на енергија, поради кои опозицијата ја обвинува Владата дека носи неповолни одлуки од желба да се покаже пред ЕУ, експертот оценува дека во моментов нема сфера во која Бугарија признава дека ги штити своите национални интереси.
– Бугарија во моментов нема национален суверенитет. Тоа е држава без држава. Одлуките во сферата на енергијата се само еден аспект. И ова е еднострано гледање на темата на странско влијание во земјата. Сега сѐ што е руско е прогонувано, но никој не го поставува прашањето дали во Бугарија има странско влијание од пријателски и сојузнички земји. Тоа е реторичко прашање. Бугарија губи секаква предност во создавањето влијание надвор од земјата. Бугарија не е субјект на своето постоење, а цената што ќе треба да ја плати е долгорочна. Во основата на тој проблем е еден политички слој што е целосно зависен од странско влијание во целиот политички спектар – заклучува Бачев. П.Р.