Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во телефонски разговор го информираше украинскиот колега Дмитро Кулеба за одлуката Македонија да се приклучи кон основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.

– Ваквиот чекор претставува уште една потврда за нашата континуирана поддршка за Украина во борбата за правда, слобода и споделените демократски вредности. Руската агресија мора што поскоро да престане, а извршителите на воените злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата – нагласи Османи.

Воедно, Османи ја реафирмираше македонската цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија. Во тој контекст, истакна дека Македонија има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија, нагласувајќи ја и поддршката за украинскиот народ.

Дополнително, стана збор и за активностите во рамки на претседавањето Македонија ОБСЕ, како и за актуелните безбедносни состојби во Украина и европскиот континент.