Хуморот – чистилиште на опстанокот

Некои луѓе имаат смисла за хумор, некои знаат да се шегуваат, а некои го ценат добриот хумор. Во основа на хуморот се комуникациски вештини и благородни доблести, а сето заедно се одлики и знаци и показателите на интелект и креативност на луѓето што ги гледаме како хумористични, ги перципираме како нежни, човечни и пријатни. Но кому му е важен хуморот и на кој начин?
Пред триесетина години, вниманието и мојата творечка љубопитност го привлече Војче Китановски, човек уметник – несекојдневна појава што хуморот и сатирата ги вгради со еден благороден напор и создаде уметнички жанр што го направи препознатлив и ценет од широката публика во Македонија и пошироко во регионот. Почеток на нашата соработка беше и документарниот филм насловен „Куса неверојатна и бездушна историја на Војче Китановски“, каде што во низа од биографски секвенци ја раскажува својата приказна, при што на уверлив и впечатлив начин со артистички набој во хумористично-сатиричен редослед се осврнува на својата неверојатна игра на судбина. Она што следува е неколку децениска негова беспрегорна работа и посветеност, при што во извесна смисла го востанови стенд ап жанрот, благороден микс од хумор, сатира, комедија, со која долги години настапува пред широката публика, ја разонодува, ја засмејува и ја весели.

Шумарскиот инженер Војче Китановски во една секвенца во документарниот филм во неговата родна Крапа ги реди и ословува дрвјата и растенијата со нивните латински и роднокрајни имиња, ги допира и духовито коментира за нереализираната негова љубов кон дрвото и другата флора. Хуморот и сатирата остануваат негова животна определба. Со текот на времето тој израснува во вистинска ѕвезда, настапува на приредби, добротворни манифестации, концерти, заедно со врвни регионални ѕвезди. Китановски е автор на четири книги од областа на хуморот и сатирата за деца и возрасни. На децата во своите настапи им раскажува досетки, смешки, со еден ведар и педагошки коректен пристап. Како енциклопедија за хумор и сатира (прв дел) е насловена една од книгите во која на еден оригинален пристап во кој провејува духот на Волтер, Чехов… ги раскажува, прераскажува низа од случки, шеги досетки, што во извесна смисла е показ за искрена и (не)сериозна посветеност на дејноста во која тој вложи голем благороден напор и енергија и целиот и свој работен век. „Македонски маг на смеата… Војче е легитимен хуморист, претставник на себеси… човек што постојано трага по мудроста во сите сфери на животот, но најмногу во областа на хуморот и сатирата, жанрови потценувани и неугледни, но луцидни и најкондензиран дел на човечкото искуство и мудрост…“. Ова се само дел од многубројните одгласи и оцени на почитувачи на благородниот напор на артистот, хумористот, енциклопедист и лиценциран водич низ непрегледот по врвиците на насмевките, смеата, кикотот.
Некои од големите доблести на уметникот, хуморист, волонтер, хуманист се безброј настапи на значајни датуми на Црвениот крст, денови на крводарителството, претстави во домови за деца без родителска грижа, специјализирани установи за деца и возрасни, настапи за собирање средства за лекување деца, 200 настапи во домови за возрасни и голем број настапи за собирање средства и помош за луѓе унесреќени од елементарни непогоди и сл.

И само уште белешка за континуитетот на нашата соработка – сцена од нов документарен проект што го подготвуваме… „Неранимајковци, каде сте тргнале“.
Во 1970 година, Ј.Б. Тито е во посета на градот Прилеп, 35 километри оддалечен од питорескното село Крапа, Македонски Брод, каде што на 11.2.1955 година, во среда, во 5.30 ч., е роден Војче Китановски. Слободен естраден уметник, шумарски инженер и лиценциран туристички водич. Ова со лиценцата е од особена важност за документарниот филм „И по Тито, Тито“, во кој еден Војче Китановски ќе настапи во соодветна карактеристична маршалска униформа (и друга) и ќе нѐ води на десетина историски локации врзани, познати и кои се однесуваат на времето од НОБ и на личноста, животот и дејствувањето на маршалот, и во негов хумористичен стил ќе нѐ потсети и забавува со згоди, анегдоти и ќе нѐ потсети на едно време. Кумровец – родното место, Јајце – исто такa родно место, овој пат на некогашна славна Титова творба – Југославија. Следуваат Дрвар, Сутјеска, Неретва, Загреб, Белград, Москва и… Прилеп, се разбира како почетна, појдовна основа… и за крај и почеток. И како што во разговорите и долгогодишната соработка често се согласувавме и нотиравме, „на небото е рајот, на земјата е пекол, во средина меѓу нив е хуморот како чистилиште на опстанокот“.