За човекот, работникот

Во одредени ситуации, зависно и од расположението, човек сака да направи ова или она; да пушти ваква или онаква музика; да прошета некаде или наново да го прочита/препрочита овој или оној текст, на овој или оној писател. Така е и со мене. Еден од драгите писатели, помеѓу другите, ми е Итало Калвино. Понекогаш сакам да ја прочитам неговата книга „Баронот во дрвјата“, дел од трилогијата „Нашите предци“. Понекогаш e тоа збирката раскази „Космикомики“, кои се навистина космички и на свој начин комични. Понекогаш е тоа романот „Ако една зимска ноќ некој патник“. Едноставно, ги има многу и сѐ зависи од моменталното расположение, од ситуацијата, од непосредниот повод. Сега, додека го пишувам текстов, ден пред Денот на трудот, се сеќавам на неговата збирка раскази „Марковалдо“. Читајќи ја, човек не знае дали чита детска книга во која главниот лик е добродушниот Марковалдо или е тоа сериозна книга, пишувано лесно и полна со фина, невина фантазија, со нежност и љубов кон човекот. Особено за таканаречениот обичен, секојдневен човек, каков што е човекот Марковалдо.

Марковалдо живее во едно гратче, таму некаде во топлата Италија. Тој е обичен човек, оптоварен со секојдневните, обично-необичните проблеми од кои е исткаен неговиот живот, како и животите/секојдневието на повеќето негови сограѓани. Секој божји ден тие одат во фабриките на гратчето во кое полека, некако неосетно минуваат нивните животи. Таму, во фабриките, го произведуваат тоа што им е потребно за живот. Потоа, по работата, се враќаат дома, влегувајќи во дуќаните за да го купат она што претпладне го произвеле. Го купуваат работниците (така, го купуваат!) она што пред само некој час го произвеле. Така, на едноставен, меѓутоа ефикасен начин Калвино го отсликува човековото отуѓување – да мораш да го купуваш она што самиот, само предмалку, си го создал. Кое е, значи, твое. Размислувајќи за отуѓувањето, особено за отуѓувањето на работникот, се сеќавам на Карлс Маркс, еден од најзначајните аналитичари на човековото отуѓување.
Човековата отуѓеност/алиенираност е предмет речиси на сите Марксови дела, сеедно во кој период од неговиот живот ги пишувал. Сепак, за мене, највпечатлива е анализата на отуѓеноста во неговите рани, младешки трудови. Особено во „Економско-филозофските ракописи“, дело што во филозофската јавност е познато и како „Париски ракописи“, бидејќи Маркс ги пишувал за време додека престојувал во Париз, 1844 година. Тогаш Маркс бил сѐ уште млад човек. Имал само дваесет и шест години. Сепак, тоа не било причина да не ја сфати суштина на отуѓувањето, особено на човековото отуѓување, чии резултати се одразуваат на планот на трудот, животот, парите или во секојдневните односи помеѓу луѓето.
Размислувајќи за човековиот труд, Маркс пишува: „Трудот произведува прекрасни работи за богатите, но тој произведува осиромашување на работникот. Тој создава дворци, но и јами за работниците. Тој создава убавина, но исто така го осакатува работникот. Тој го заменува рачниот труд со машина, но притоа отфрла дел од работниците назад кон варварскиот труд. Тој произведува ум, но исто така и слабоумност, кретенизам кај работниците“. Тоа не е резултат од самата природа на трудот, туку поради отуѓувањето на трудот; затоа што трудот на работникот, особено неговиот производ, она што самиот го создал/произвел не му припаѓа нему, на работникот, туку на некој друг човек – на капиталистот, сопственикот, газдата, кои денес (еуфемистички) се нарекуваат работодавачи. Оттука, од отуѓениот труд, како и од отуѓувањето на производот/резултат на трудот, следува отуѓувањето на човек од човек, бидејќи оној што живее од трудот на производителот самиот производител не може да го чувствува како свој човек, туку како туѓ. Во овој случај станува збор за отуѓеноста на работникот од капиталистот и на богатиот од сиромашниот, гледајќи еден во друг не цел на своето дејствување, туку средство за да се опстане. Капиталистот го доживува работникот како средство преку кое повеќе ќе го зголеми своето богатство – капиталот. Работникот, исто така, во капиталистот гледа средство преку кое ќе може да се вработи и, преку работата, да дојде до она што му е неопходно за живот – како на неговиот живот, така и на животот на неговото семејство. Од оваа меѓусебна отуѓеност (богати-сиромашни) резултира наредната отуѓеност. Тоа е сеопштата отуѓеност на човек од човек, во која секој во другиот гледа средство преку кое ќе ги задоволи своите индивидуални интереси или во другиот гледа конкуренција, бидејќи секој миг работникот може да биде заменет од друг работник, кој е подготвен својот труд да го продаде поевтино, за помалку пари, бидејќи е без работа. Дека она на кое Маркс укажувал пред речиси два века не е фикција, дека не е негов празен конструкт се гледа токму денес, во современиот свет, кога почнува да се увезува работна сила (страшен, просто поразувачки израз) од други земји, во кои луѓето се без работа. Тоа, пак, значи и без можност за каква било егзистенција, бидејќи без работа нема и живот. Оваа тенденција да се увезува странска работна сила се најавува и во Македонија. Доволно е само мало потсетување на проектот за коридорите 8 и 10. Во нивното градење ќе учествуваат странски работници, сеедно што во Македонија владее невработеност. Тоа ќе доведе до најстрашниот облик на отуѓување – до отуѓување на работникот од другиот работник, бидејќи се доведени да си конкурираат.

Сепак, со ова не завршува ужасот на човековата отуѓеност, бидејќи ништо помал не е ужасот што произлегува од фетишизмот на парите. Размислувајќи за него, Маркс пишува: „Јас сум грд, но можам да си купам најубава жена; значи, јас не сум грд, бидејќи дејството на грдоста, нејзината одбивачка сила се уништува од парите. Јас сум лош, нечесен, несовесен и со дух скуден човек, меѓутоа парите имаат почит; значи, почитуван е и нивниот сопственик. Парите, освен тоа, ме спасуваат од маката да бидам нечесен, затоа што претходно се смета дека сум чесен. Јас сум скуден со дух, но парите – тоа се реалниот ум на сите нешта. Па како тогаш може да биде скуден со дух нивниот сопственик? Освен тоа, тој може да си купи луѓе со блескав ум, а зарем оној што господствува над луѓето што имаат блескав ум не е поумен од нив?“.
Во овој саркастичен дух Маркс продолжува и понатаму. Некој може да има склоност да студира. Меѓутоа, нема пари да студира. Според тоа, нема вистинска, дејствена склоност за студирање. Од друга страна, некој нема склон за студирање, меѓутоа има пари за студирање. Значи, тој има вистинска, дејствена склоност за студирање. Понатаму, продолжува Маркс, парите ја претвораат верноста во неверност, љубовта во омраза, омразата во љубов; добродетелта во порок, порокот во добродетел; глупоста во разумност, разумноста во глупост. Затоа, продолжува Маркс со иронијата, парите не се ништо друго освен видливо божество, претворање на сите човечки и природни својства во нивната спротивност, општо мешање и изопачување на нештата; тие овозможуваат збратимување на невозможностите. Тие се општа проститутка, општ сводник на луѓето и народите. Тие се отуѓена моќ на човештвото, во која човекот не ги потврдува своите индивидуални способности, својата права, вистинска моќ, туку моќта и способноста на тоа што го поседува, на парите, бидејќи, сеедно каков сум во стварноста, сепак ќе бидам ценет не според тоа каков сум навистина, туку според тоа што имам/поседувам во материјална, економска смисла. Оттука, многу подоцна, Ерих Фром го пишува делото со реторичкото прашање „Да се биде или да се има“, бидејќи одамна не е битно што навистина си или како навистина постоиш/бидуваш, туку што поседуваш, односно имаш.
Има уште многу да се пишува/каже на овој план. Сепак, и ова е доволно за оваа пригода – за Меѓународниот ден на трудот, на работникот, Први мај. Нека му е честит овој празник на секој честит човек.