Фото: Приватна архива

ДА ГО НЕГУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Односот спрема македонскиот литературен јазик треба да почне да се гради и да се негува во една позитивна насока уште од најмалата предучилишна возрaст на најмалите Македонци. Кај децата во предучилишните установи, но и дома, уште од најмала возраст треба да се негува свеста дека македонскиот јазик го зборуваат мал број луѓе и дека ако самите не си го зборуваме и изучуваме ќе нема кој друг да го прави тоа наместо нас на планетава. За жал, ние во градинките, но и меѓу родителите, денес слушаме дека децата посетуваат часови по англиски или француски јазик… Па така, тие побргу ги научуваат боите, предметите и поимите на англиски отколку на македонски; пеат песнички за Божиќ, за Дедо Мраз, за сонцето, за мајката побргу на туѓиот јазик отколку на својот…

Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…

За врзување на најмладите Македонци кон сопствениот јазик, веројатно, во градинките, а потоа и во училиштата, ќе треба да се внесуваат детски содржини во вид на песнички, стихотворби, приказни и раскази на македонски, со теми од нашата култура, фолклор и поднебје, но не претенциозно со изучување голи и сувопарни факти, туку дискретно со патемно спомнување имиња што претставуваат македонско книжевно достоинство, како што се нашите автори, сега веќе класици: Славко Јаневски, Петре Андреевски, Ванчо Николески, Душко Аврамов, Васил Куноски, Стојан Тарапуза, Михо Атанасовски, Киро Донев, Горјан Петревски, Александар Поповски, Глигор Поповски, Видое Подгорец, Македонка Јанчевска, Тамара Арсовска, Бистрица Миркуловска, Владо Димовски и др.; и од помладата генерација македонски писатели за деца, меѓу кои, секако, забележително место заземаат Билјана Црвенковска, Бистра Георгиева, Владимир Лукаш, Јулијана Величковска, Владимир Мартиновски и др.
Во овие најмали години, македонскиот јазик, богатењето на речничкиот фонд и убавиот израз кај најмладата популација треба да се градат ненаметливо и низ игра.

Според мене, во основното образование многу повеќе треба да се учи НА јазикот отколку ЗА јазикот… Тоа популаризирање на македонскиот јазичен израз треба да се поттикнува низ натпревари во училиштата со пишување слободни состави на определени современи теми што претставуваат рефлексија од историски собитија случени на наша, македонска почва, или размисли за делата на славни Македонци, и тоа не само на револуционерите туку и на оние што оставиле трајни и неизбришливи траги во македонската културна историја, како што се: светите браќа Кирил и Методиј, Климент Охридски, Константин и Димитар Миладинови, Григор Прличев, Ѓоргија Пулевски, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Кочо Рацин, Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Блаже Конески, Милтон и Јанаки Манаки, Јован Кукузел и др. со чија работа и дела на ненаметлив начин ќе се запознаваат младите Македонци.
Покрај ваквите натпревари, потребни се и почести рецитаторски натпревари на кои како главни критериуми при изборот на најдобриот ќе се земаат превид: македонскиот правоговор, добрата артикулација на самогласките, но и на согласките како ќ, ѓ, љ, њ, л и др., добрата дикција, правилното акцентирање… Покрај ова, во македонските медиумски, пред сè, телевизиски куќи што побргу е потребно враќање на некогашните образовани и културни редакции, кои на младите Македонци ќе им овозможат стекнување наобразба и културна надградба на својот мајчин јазик, македонскиот.
Во контекст на ова никако не смееме да ги заборавиме и нашите Македончиња, чии родители поради лошата економска ситуација во Македонија, емигрирале во Западна Европа, но и на австралискиот и американскиот континент. За нив треба посебно да се погрижи македонската држава во следнава смисла: поради неисчезнување на врската со родната Македонија, треба да се направи македонскиот јазик што подостапен за младите Македонци во дијаспората. Имено, покрај корисните содржини од македонската литература, култура и историја на ТВ-каналите или на интернет, треба да бидат обезбедени и онлајн курсеви за учење и за описменување на македонски.
Македонската држава, исто така, треба да инвестира и во афирмацијата, популаризацијата и проучувањето на македонскиот јазик, покрај во земјава, и во странство. За да се оствари ова потребна е силна поддршка, пред сè, финансиска на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој во своето, речиси, шестдецениско постоење со отворањето лекторати ‒ претставува вистински расадник на македонисти низ светот.

Македонскиот јазик, за жал, не страда само од условно наречена „непопуларност“ меѓу младите Македонци, ами и од сè помал број говорители. За да се спречи овој тренд на опаѓање на говорителите, сите политички фактори во земјава, и позицијата и опозицијата, што поскоро треба сите сили да ги насочат кон економското закрепнување на Македонија со што ќе се спречи одливот на младите надвор од земјава. На тој начин најдобро ќе го зачуваме и ќе го зацврстиме македонскиот јазик. Во спротивно бадијала ќе ни бидат сите стратегии, мерки, закони, институции и инвестиции. Зашто за да биде еден јазик жив, еластичен и витален му се потребни „борци“, а тие борци се токму говорителите на нашиот милозвучен мајчин јазик, МАКЕДОНСКИОТ!
И сосема на крајот: сите политички фактори во земјава, и позицијата и опозицијата, што поскоро треба сите сили да ги насочат кон економското закрепнување на Македонија со што ќе се спречи одливот на младите надвор од земјава. На тој начин најдобро ќе го зачуваме и ќе го зацврстиме македонскиот јазик. Во спротивно бадијала ќе ни бидат сите стратегии, мерки, закони и институции. Зашто за да биде еден јазик жив, еластичен и витален му се потребни „борци“, а тие борци се токму говорителите на нашиот милозвучен мајчин јазик, МАКЕДОНСКИОТ!
Затоа да засадиме ДОБРО ДРВО зашто само тоа дава ДОБРИ ПЛОДОВИ како што се пее во Евангелието по Матеј (7, 17)!

Проф. д-р Елка Јачева-Улчар, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје