На денешен ден пред 19 години поднесено е барањето за членство во ЕУ
Јасно е и извесно дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Тоа е само прашање на мудро искористување на околностите, како и на подготвеноста на државата. Ова го смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, осврнувајќи се на 19-годишнината од поднесеното барање на Македонија за членство во ЕУ.
– Со поднесувањето на барањето за членство во Унијата, во Даблин пред 19 години, македонската Влада избра европска иднина за земјата, со што и официјално го започнавме нашето патување низ бриселските процедури до членство во ЕУ – објави Маричиќ на официјалниот фејсбук-профил.
– После 18 години чекање за почеток на преговори со ЕУ и тешките и државнички одлуки кои ги донесовме, успеавме членството на Северна Македонија во ЕУ да го направиме реално и сигурно. Сега е прашање само на мудро искористување на околностите и нашата подготвеност. Денес не треба да имаме дилема дали требаше или не да се поднесе апликацијата во Даблин. Стратешки ја позициониравме државата и застанавме на страната на европските вредности, мирот, стабилноста и просперитетот – пишува Маричиќ.
Тој додава дека наша одговорност е како и пред 19 години сите да се обединиме околу европската перспектива и барањето за членство во ЕУ да го направиме реалност.
– Ги имаме сите услови, и позитивна атмосфера и политички моментум, за тоа да го направиме и да ја исполниме желбата на претседателот Борис Трајковски, кој својот последен потпис го стави токму на документот за членство во ЕУ. Минатата година направивме напредок и исчекор во евроинтеграциите. Очекувам да го задржиме позитивниот имиџ кој го имаме во ЕУ и местото во процесот на евроинтеграција како кандидат, место во иднината на ЕУ – дополнува Маричиќ во објавата на Фејсбук.