Ветераните на македонската музичка сцена, групата „Реквием бенд“, во состав Југослав Милановски (гитара) и Георги Гавровски ака Гого Реквием (вокал) и новиот член на бендот Филип Каровски (гитара и придружни вокали), обединети во новофрмираната група „Д Трикстерс“ , со мал „трибјут“ на четири нивни омилени песни од групата „Архангел“ му оддадоа почит на овој македонски култен бенд.

За нив е од особена важност што лидерот на бендот Ристо Вртев даде позитивен коментар за овој нивни потфат и им одобри песните да бидат објавени.

– Голема чест е за еден бенд кога и авторот на оригиналните изведби ќе даде на знаење дека си сработил добра работа. Благодарност до нашата легенда, господинот Ристо Вртев. Целта не ни беше да ги копираме „Архангел“ и господинот Ристо Вртев бидејќи и да сакаме тоа не можеме да го направиме ниту ние ниту некој друг. Групата „Архангел“ е култ! Изведбите на неколкуте песни на „Архангел“ веќе ѝ се добро познати на публиката што доаѓа на нашите настапи. Секако, песните се направени во нови, акустични аранжмани. На наше големо задоволство и на посетителите на веб-сајтот на „Нова Македонија“ им го претставуваме нашиот акустичен „Мини трибјут Архангел“ (во живо од Подгорица) – вели вокалистот на „Трикстерс“, Гого Реквием.

Снимени се нови кавери на добро познатите песни на „Архангел“: „Сениште“, „Heart core“, „Uber Makedonishe“ и „1.000.000 $“.

Инаку, неодамна „Трикстери“ гостуваа во Подгорица, Црна Гора, но беа само двајца бидејќи Југослав беше спречен да дојде поради работни обврски.

Се претставија со најпознатите песни од екс Ју просторите и со странските ретро-хитови, а легендарната „Џипси меџик“ на Влатко Стефановски ја отпејаа заедно со КИЦ Поп хор од Подгорица, а секако ги изведоа и песните на „Архангел“ и пред црногорската публика. М.Т.