Фото: Игор Бансколиев

Најдобриот пример за вистинска борба со организираниот криминал и корупцијата Македонија го имаше тука во соседството, во Романија, каде што актуелната европска јавна обвинителка Лаура Ковеси со своето работење остави вистински печат на непристрасна и вистинска борба против криминалот. За време на својот мандат како главна специјална јавна обвинителка, Ковеси отвори истраги против илјадници корумпирани политичари. Градоначалници, министри, пратеници, па дури и поранешниот премиер на Романија беа осудени и завршија во затвор за време на нејзиниот мандат. Тоа беше вреднувано од страна на Европа, која со големо мнозинство ја назначи на функцијата јавен обвинител на ЕУ

Во „борбата против корупцијата и организираниот криминал“ не дале резултат ниту формите ниту методите ниту ангажираните ресурси досега

Борбата со организираниот криминал во Македонија е најупотребуваната флоскула во овие три децении, но она што веќе одамна е кристално јасно меѓу македонските граѓани е тоа дека ниту формите ниту методите ниту ангажираните ресурси во таа „борба“ не дале никакви резултати досега.
Неодамнешните случувања во Обвинителството за гонење организиран криминал се само едно мало камче од мозаикот што се пополнува со „нефункционалните институции на дисфункционална држава“. Сега веќе индициите прераснуваат во основани сомневања дека политичките спреги не дозволуваат борба со криминалот, а уште помалку санкционирање на оние што самите работеле незаконски. Сето она на што сведочевме изминатиот период е само обликувано од активности за внатрепартиска борба за превласт, но никако обликувано со суштина за борба за владеење на правото и борба против криминалот.
Политичарите се тие што никогаш не престанаа да ги диктираат обвинителните акти, пресудите, па дури и да го надгледуваат пазарењето со изречените казни, небаре станува збор за продажба на недвижен имот стекнат по легален пат, а не за нелегално создадено богатство.
Најдобриот пример за вистинска борба со организираниот криминал и корупцијата Македонија го имаше тука во соседството, во Романија, каде што актуелната европска јавна обвинителка Лаура Ковеси со своето работење остави вистински печат на непристрасна и вистинска борба против криминалот. За време на својот мандат како главна специјална јавна обвинителка, Ковеси отвори истраги против илјадници корумпирани политичари. Градоначалници, министри, пратеници, па дури и поранешниот премиер на Романија беа осудени и завршија во затвор за време на нејзиниот мандат. Тоа беше вреднувано од страна на Европа, која со големо мнозинство ја назначи на функцијата јавен обвинител на ЕУ.
Македонското специјално јавно обвинителство на чело со Катица Јанева беше формирано по примерот на романското специјално обвинителство наречено ДНА. Ковеси во 2016 година дојде во посета на Македонија и на овдешното СЈО, при што се сретна со Јанева и со другите обвинители, споделувајќи ги личните искуства за борбата со организираниот криминал во Романија. Ковеси тогаш испраќаше пораки на охрабрување до своите македонски колеги, да не дозволат никој да ги заплашува и да го спроведат законот професионално и непристрасно.

По нешто повеќе од шест години, Ковеси денес е јавна обвинителка на ЕУ, а македонското специјално обвинителство е расформирано, со незавршени предмети и со главна обвинителка во затвор токму поради криминал.
Сето ова доволно говори дека во земјава никој не сака вистински да се бори против организираниот криминал, а кога се прави тоа, всушност, се прави на еден театрален начин во кој на крајот повторно казнетиот си го задржува најголемиот дел од нелегално стекнатото богатство, а дел оди кај оние со кои се испазарил околу пресудата. Пораката што се испраќа со ова е дека криминалот во Македонија дебело се исплати, а моќниците и во иднина ќе си останат моќници.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, се согласува дека во земјава никогаш немало вистинска борба против организираниот криминал, а главната причина за тоа ја лоцира во политичките влијанија врз правосудниот систем.
– Вистинска борба против организираниот криминал и корупцијата имаше во 70-тите години на минатиот век во поранешната држава, додека во самостојна Македонија сè е тоа фарса и политика. Дури и во прогонот на тој висок криминал е вклучена политиката – вели Илиев.
Според него, политиката е навлезена во секоја пора на правосудниот систем и нема никаква шанса нешто да помине без нејзино влијание.

– Главниот обвинител станува инструмент на политиката, а се знае кој е во таа политика – потенцира Илиев.
Тој уште дополнува дека на овој начин се испраќа порака дека криминалот во оваа држава се исплати.
– Секој криминал, ако вака се суди и гони, дефинитивно се исплати. Тоа е така пресметано, штом ни се случуваат вакви спогодби што никој не ги пресметува. Не може за кривично дело за кое се предвидува најмала казна од четири до пет години да вклучиш спогодба. Тоа е страшна работа. Со тоа и судиите прават кривично дело – нагласува Илиев.
Според него, има закони што овозможуваат да им се одземе сиот имот на оние што го стекнале незаконски и да се испрати силна порака дека сето она што е стекнато на криминален начин ќе се конфискува, со што во иднина би се демотивирале сите оние што мислат дека можат да се стекнат со богатство на незаконски начин.
– Има закони за конфискација, но никој не ги спроведува. Законот за кривична постапка предвидува одземање на сè, па дури и од трети лица, правни лица, но ништо не се случува бидејќи сè е дел од некаков политички пазар – констатира Илиев.