Фото: „Нова Македонија“

Актуелните процеси во државава сигнализираат на сериозна деградација на статусот – македонски народ, и со тоа што некој се обидува да го направи обична заедница во својата држава, тоа би значело негово еволутивно враќање назад во развојот како нација. По фингираниот попис, се засили наративот за еднакви заедници, веќе не се споменува носечката улога на македонскиот народ, туку сè се сведува на агресивноста на одредена заедница во остварувањето на своите права. Затоа на Македонија ѝ се случува апартхејд, малцинството да управува со мнозинството само врз основа на закани и уцени со дестабилизација

Опасни тенденции за прекинување на врската меѓу македонскиот народ и неговата матична држава

Блокадата на македонскиот евроинтегративен пат со крајно неразумни барања од страна на Грција и на Бугарија, како и постојаните притисоци и уцени од страна на албанскиот политички фактор во земјава, покажува дека во заднината на сите овие опструкции се крие исклучително опасна внатрешно-надворешна тенденција на македонскиот народ да му се одземе државотворниот статус и тој да се изедначи со сите малцински етнички заедници во државата.
Ваквиот опасен преседан има цел да ја прекине врската на македонскиот народ со државата Република Македонија како негова матична држава, најпрво преку промената на името на државата, потоа и преку идентитетскиот инженеринг што сега го спроведува официјална Софија, сето тоа дополнето со сè погласните интенции за внатрешно преуредување на концептот на унитарна држава преку носење нов устав.
Сето тоа се постигнува така што намерно се еродираат сите институции врз кои се потпира моделот на независна Македонија од 1991 година, изградена врз темелите на АСНОМ и Илинден. Впрочем, идејата за независна македонска држава не потекнала од ниту една малцинска заедница во земјава, туку, напротив, македонскиот народ во борбата за остварување на вековниот сон за сопствена држава ги дал најголемите жртви за таа цел, почнувајќи од многубројните востанија против Османлиите, па до борбата на македонските партизани за време на Втората светска војна. Несомнено помагале и другите заедници што живееле на овие простори, но најголемиот дел од товарот бил врз македонски плеќи.

Од друга страна, не треба да се игнорира фактот дека сите малцински заедници во Македонија имаат свои матични држави и цврсто го бранат тоа право на народот на кој му припаѓаат, но дел од нив, особено албанската малцинска заедница, се обидува да го оспори правото на македонскиот народ на сопствена матична држава и се себепрокламира како државотворец и господар над преостанатите во Македонија, сведувајќи го македонскиот народ на обична етничка заедница.
Тука на виделина излегува и целата фингирана операција со пописот пред некоја година, кога вештачки се подигна процентот на албанско население во земјава, на сметка на намалениот процент на Македонците делумно поради бојкотот, делумно поради тенденциозно подготвените прашања со намера да се намали уште повеќе бројот на македонско население. Дури и Евростат се огради од методологијата на македонскиот попис оти беше јасно дека станува збор исклучиво за политичка операција на штета на македонскиот народ.

По таа операција се засили наративот за еднакви заедници, веќе не се споменува носечката улога на македонскиот народ, туку сè се сведува на агресивноста на одредена малцинска заедница, поточно албанската, во остварувањето на своите права многу повеќе од она што го уживаат малцинските заедници во другите земји. Затоа на Македонија ѝ се случува апартхејд, малцинството да управува со мнозинството само врз основа на закани и уцени со дестабилизација.
Актуелните процеси во државава сигнализираат на сериозна деградација на македонскиот народ и со тоа што некој се обидува да го направи обична заедница во сопствената држава, тоа би значело негово еволутивно враќање назад во развојот како нација.

– Забележлива е таа тенденција, особено во последните неколку години, македонскиот народ да се ословува исклучиво како обична етничка заедница, ускратувајќи му го правото да се идентификува како носител на државноста. Никој не треба да заборави дека Македонците ја создадоа оваа држава, а во времето кога тие ги даваа животите во Втората светска војна, некои малцински заедници, од кои една сега претендира да влезе во нашиот устав, биле на погрешната страна на историјата и работеле кој за голема Албанија, кој за санстефанска Бугарија. И обете групации биле на заедничката страна со фашистичкиот окупатор, тоа не треба да се заборави. Тие не граделе македонска држава, туку граделе некои други држави – велат соговорниците со кои продискутиравме околу најновите тенденции за деградација на статусот на македонскиот народ во сопствената држава.
Според нив, македонскиот политички блок мора да се обедини околу државотворноста на македонскиот народ и да не потпаѓа под замката што му ја подготвуваат и од надвор, но и од внатре.

– Дури и некои наши македонски политички чинители зборуваат за македонска етничка заедница, небаре сме племиња во државава. Ние не сме етничка заедница, ние сме државотворен мнозински народ и тука нема отстапки за никого. Македонските политички партии мора да сфатат дека некои работи се свети, посвети од секоја власт. Ако треба, нека одат и петпати на избори, но нека не прифаќаат ничии уцени. Пробуваат некои сили да го сменат и Уставот, за и таму да се избрише македонскиот народ, но мислам дека е редно да се каже доста! Да се вратиме на корените на АСНОМ и Илинден, оти ако ги изгубиме нив, ниту ќе има македонски народ ниту ќе има Македонија – категорични се нашите соговорници.
Првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, повикувајќи се на примерите од сите преостанати држави, смета дека никој нема право да го девалвира државотворниот карактер на македонскиот народ.

– Во државата Македонија носител на државноста е македонскиот народ и затоа јазикот и писмото на носителот на државноста е службен јазик на целата нејзина територија и во меѓународните односи! Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо не се поради мајоризација на малцинските етнички заедници, туку за ефикасна администрација и остварување еднакви права и слободи! Се разбира, државата Македонија мора да го институционализира правото на културна автономија на сите малцински етнички заедници како државна гаранција за заштита и афирмација на нивниот етнички, јазичен, културен и верски идентитет, во корпусот на колективните права, кои може но не мора да ги користат македонските државјани. Македонија е држава на македонскиот народ, исто како што Албанија е држава на албанскиот народ, Србија е држава на српскиот народ, Бугарија е држава на бугарскиот народ, Грција е држава на грчкиот народ… Се разбира, во државата Македонија сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус и општествената положба – е ставот на Петров.