Тешкото ехо на пресилниот збор

Ќе се стави ли некогаш крај на ова лудило, на ова крајно неодговорно редење зборови од страна на кој како стигне, од еден куп самонаречени и самонабедени колумнисти, аналитичари, кафеански филозофи и „тупаџии“, кои окупираа дел од медиумите. Ликови што безмилосно ја истураат својата лавина од зборови, а потоа уште зборовите неслегнати се правдаат и се објаснуваат, дозаплеткувајќи се во мрежата што самите невешто ја сплеле

Бранко Миљковиќ, од многумина негови обожаватели и следбеници наречен „принц на српската поезија“, го има напишано пророчкиот стих „Ме уби пресилниот збор“. Токму овие зборови се впишани и на неговиот гроб, откако во 27-та година прерано го завршува животот во неразјаснети околности, иако официјално е наведено самоубиство во службените извештаи. Во неговиот кус, но бурен живот има напишано прекрасни стихови, кои до денешен ден се помнат и се цитираат, но токму овој стих засекогаш ќе остане да асоцира, да потсетува на немирниот дух на поетот.
Токму овие зборови деновиве повторно ми дојдоа пред очи, а во врска со полемиката што се разви по повод една несреќно срочена колумна, која деновиве ги разбранува духовите кај нас. Во случајов дури и најмалку е важно кој е авторот и што сакал да каже, односно дали се во право тие што реагираа бурно, па дури и бараа да се поведе истрага за авторот. Многу е поважно уште еднаш, којзнае по кој пат да ги повториме нашите заложби за сериозен и одговорен пристап кон јавно искажаниот, напишаниот збор. Останува само нејасно до кога ќе ги повторуваме овие заложби, и не само ние туку и сите други добромислечки луѓе во оваа земја.
Ќе се стави ли некогаш крај на ова лудило, на ова крајно неодговорно редење зборови од страна на кој како стигне, од еден куп самонаречени и самонабедени колумнисти, аналитичари, кафеански филозофи и „тупаџии“, кои окупираа дел од медиумите. Ликови што безмилосно ја истураат својата лавина од зборови, а потоа уште зборовите неслегнати се правдаат и се објаснуваат, дозаплеткувајќи се во мрежата што самите невешто ја сплеле.
Зборовите не се лего-коцки, па кој како сака да ги реди и да ги прередува. Постојат правила, постојат техники, постои ред на нештата што треба да се почитува. Конечно, постојат новинарски стандарди, кои исто така мора да се почитуваат ако веќе некој се дрзне да објавува во медиуми. Ако тоа се занемари, се доаѓа во вакви ситуации во кои „претешките“ зборови можат навистина да нанесат штета, која подоцна тешко дека ќе може да се надомести или поправи.
Објаснувањето дека авторот не мислел да го каже тоа што го кажал не држи вода, бидејќи напишаното зборува само за себе. Не попусто се вели „трипати мери, еднаш сечи“, затоа што откако во јавноста ќе се пласира некој став, тогаш не вредат толкувањата на авторот, тој што имал да каже кажал со објавеното. Оттаму натаму искажаното, напишаното, објавеното веќе не е негово туку на јавноста, која суди, односно дава вредносен суд.

Напливот на електронски медиуми, како и социјалните мрежи го сторија своето. Денес секој може да се амбицира да пишува или да зборува што сака и како сака. Тоа е „придобивка“ на новото време. Но тоа не значи од друга страна дека никој не треба да биде одговорен за јавно искажаниот збор. Јазикот коски нема, ама коски крши е стара поговорка, која, ете, е актуелна и денес. Прелесното играње со зборовите, сепак остава тешки последици ако се преиграме, ако се претера со комбинирањето на зборовите чие значење не го знаеме докрај или, пак, не ја разбираме конструкцијата што сме ја создале

И затоа, повторно се враќаме на почетокот. За да се направи добра колумна не е доволно само да се познава добро одредена област или само да се владее добро со јазикот или, пак, да се биде вешт пишувач. Потребно е сето тоа, но и многу повеќе. Потребно е да се знае добро да се комбинираат сите чинители и да се знае кој и кога да се стави в преден план, а кога само да се навести нешто за да се постигне подобар ефект. Некојпат и неискажаното, а само навестено во текстот може да има поголема тежина од она за кое се истурени редици зборови. Но во тоа е мајсторијата на авторот, тука се гледа умешноста да се погоди вистинската комбинација што ќе го привлече читателот.

Напливот на електронски медиуми, како и социјалните мрежи го сторија своето. Денес секој може да се амбицира да пишува или да зборува што сака и како сака. Тоа е придобивка на новото време. Но тоа не значи од друга страна дека никој не треба да биде одговорен за јавно искажаниот збор. Јазикот коски нема, ама коски крши е стара поговорка, која, ете, е актуелна и денес.
Прелесното играње со зборовите, сепак остава тешки последици ако се преиграме, ако се претера со комбинирањето на зборовите чие значење не го знаеме докрај или, пак, не ја разбираме конструкцијата што сме ја создале.