Амбасадорот на Народна република Кина во Македонија г-дин Џанг Ѕуо \ Фото: Горан Анастасовски

Колумна на амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо

Неодамна, во Пекинг успешно се одржа 24-от самит на лидери Кина – ЕУ. Претседателот Си Џинпинг се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, кои беа присутни на самитот. Премиерот Ли Чианг копретседаваше со самитот заедно со двајцата ЕУ-претседатели. Лидерите на двете страни ги споделија своите искрени и длабоки гледишта за стратегиските прашања во врска со односите Кина – ЕУ, како и за Кина – ЕУ-дијалогот и соработката на различни полиња. Исто така, дискутираа и за заедничките клучни грижи, за глобалното владеење, за меѓународните и регионалните жаришта и друго, притоа, со меѓусебни напори испраќајќи позитивни сигнали за промовирање на понатамошниот развој на односите Кина – ЕУ што внесуваат конструктивност и стабилност во светот испреплетен со хаос. Горенаведените активности привлекоа големо внимание во целиот свет и покажаа дека односите Кина – ЕУ имаат глобално влијание и се од големо значење за светот. Северна Македонија исто така посвети големо внимание на овој самит, каде што многу медиуми известуваа за релевантните вести. Би сакал да споделам некои ставови за односите и соработката меѓу Кина и ЕУ.

Прво, Кина и ЕУ инсистираат на меѓусебно почитување, тие се спротивставуваат на конфронтацијата меѓу двата табора и подготвени се да работат заедно за зајакнување на стратегиското усогласување меѓу двете страни. Кина отсекогаш гледала на односите Кина – ЕУ од стратегиска и долгорочна перспектива, секогаш ја сметала Европа за независен пол во мултиполарниот свет и инсистирала односите Кина – ЕУ да не се насочени, зависни или контролирани од трета страна. Оваа година се одбележуваат 20-годишнината од воспоставувањето на сеопфатното стратегиско партнерство меѓу Кина и ЕУ и 25-годишнината од воспоставувањето на механизмот за состаноци меѓу лидерите Кина – ЕУ. Од крајот на минатата година, Кина и ЕУ имаат интензивна размена на високо ниво и продуктивни дијалози на повеќе полиња: стратегиско, економско, трговско, зелено и дигитално поле, кои вродија продуктивни резултати. Овој самит е втор офлајн состанок помеѓу лидерите на двете страни во рамките на една година, по три години пандемија. Претседателот Си Џинпинг истакна дека двете страни треба да воспостават правилно разбирање, истото тоа да го зајакнат заедно со меѓусебна доверба, да ја ценат довербата и да ја поддржуваат правдата и од срце да ги развиваат односите. Претседателите Мишел и Фон дер Лејен исто така истакнаа дека односите меѓу ЕУ и Кина се едни од најважните надворешни односи на ЕУ, која е подготвена да биде кредибилен и доверлив партнер на Кина, придржувајќи се кон стратегиска независност, како и политиката на една Кина. Кина е подготвена да работи со ЕУ, придржувајќи се до позиционирањето на сеопфатното стратегиско партнерство, во континуитет да гради цврста политичка основа, да ја продлабочува стратегиската меѓусебна доверба и да дава поголем придонес за просперитетот и стабилноста на евроазискиот континент и на светот.

Второ, Кина и ЕУ се придржуваат до двонасочната отвореност, се спротивставуваат на раздвојувањето и прекинувањето на врските и подготвени се заедно да работат и да промовираат меѓусебно корисна соработка на различни полиња. Кина и ЕУ наместо ривали се партнери, затоа што нивната соработка е дополнувачка, заемно корисна и победничка, а нивните заеднички интереси далеку ги надминуваат разликите. За 20 години откако двете страни воспоставија сеопфатно стратегиско партнерство, обемот на билатералната трговија се зголеми за шест пати, а двонасочните инвестиции се зголемија повеќе од пет пати. Во моментов, просечниот обем на трговската размена меѓу Кина и Европа достигнува 2,3 милијарди евра на дневно ниво. Двете економии се многу комплементарни, имаат силна отпорност и потенцијал и обезбедуваат големи придобивки за луѓето од двете страни. Релацијата Кина – Европа ја возат вкупно 81.000 воза, достигнувајќи 217 града во 25 европски земји. Возовите стануваат добро познат бренд во заедничката изградба на „Појас и пат“, создавајќи нов модел на меѓународен транспорт меѓу Азија и Европа, ефективно промовирајќи ги економскиот развој и егзистенцијата на луѓето во земјите и регионите по должината на маршрутата. Најновите податоци покажуваат дека од јануари до ноември оваа година, товарниот обем на возовите Кина – Европа го надминал истиот тој на целата 2022 година. Пред неколку дена, Кина одлучи да испроба едностран безвизен режим за носителите на обични пасоши од Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија и од други земји, што е поздравено од страна на релевантните европски земји. Двете страни треба дополнително да ги зајакнат комплементарните предности, да промовираат културна размена, како и надградување на традиционалните и развој на новите индустрии. Тие треба постојано да истражуваат нови модели на соработка, да ги негуваат новите аспекти за економски раст и да ја зајакнат врската меѓу Кина и ЕУ преку подлабока и поширока соработка под логото на заедницата со заемни интереси.

Трето, Кина и ЕУ се придржуваат до мултилатералната координација, се спротивставуваат на изолацијата и исклучувањето и се подготвени заедно да работат за справување со глобалните предизвици. Како што рече претседателот Си Џинпинг, Кина и Европа се двете главни сили што промовираат мултиполарност, двата главни пазари што ја поддржуваат глобализацијата и двете главни цивилизации што се залагаат за диверзификација. Во сегашната меѓународна ситуација на зголемени превирања, односите меѓу Кина и ЕУ имаат стратегиско значење и глобално влијание, и поврзани се со светскиот мир, стабилност и просперитет. Кина е подготвена да продолжи да промовира висококвалитетна заедничка изградба на „Појас и пат“ и да ја интегрира со развојните стратегии на другите земји, вклучувајќи го и планот „Глобална порта“ на ЕУ за да им помогне на земјите во развој да го забрзаат истиот тој. На самитот, и европската страна констатираше дека Европа и Кина споделуваат заеднички одговорности и заеднички интереси за мирот и стабилноста на светот. Двете страни се согласија да ги зајакнат комуникацијата и координацијата во рамките на Обединетите нации и на други меѓународни организации, да ги промовираат неопходните реформи на СТО и да одговорат на глобалните предизвици, како што се безбедноста на храната, климатските промени, јавното здравје и други. И Кина и ЕУ го поддржуваат мултилатерализмот, имаат заедничка одговорност да му обезбедат на светот поголема стабилност и да го поттикнуваат развојот. Кина е подготвена да ја зајакне комуникацијата со ЕУ во врска со главните меѓународни и регионални прашања и да промовира политичко решавање на критичните регионални прашања во Украина, Блискиот Исток и други. Кина и ЕУ, кои работат заедно за да го заштитат мултилатерализмот и да го зајакнат глобалното владеење, во одговор на глобалните предизвици, ќе дадат важен придонес за благосостојбата на целото човештво.
Самитот на лидерите ја посочи насоката, го изготви планот и ја зголеми довербата за односите меѓу Кина и ЕУ. Кина и ЕУ треба да се придржуваат до правилното позиционирање на сеопфатното стратегиско партнерство, да инсистираат на партнерство за заемно корисна соработка и да ја развијат водечката улога на самитот, како и на петте дијалози на високо ниво. Односите меѓу Кина и ЕУ се во согласност со интересите на двете страни и со очекувањата на луѓето. Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Северна Македонија. Во текот на изминатите 30 години, Кина и Северна Македонија меѓусебно го почитуваа патот на развојот, ги прифатија заемните главни грижи, континуирано ја продлабочуваа политичката заемна доверба, постигнаа продуктивни резултати во практичната соработка и остварија прекрасна //меѓучовечка// персонална и културна размена. Стоејќи на оваа нова почетна точка за односите Кина – ЕУ, Кина е подготвена да работи со Северна Македонија и да ги искористи можностите за соработка меѓу Кина и ЕУ и меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, притоа преземајќи го самитот на лидерите Кина – ЕУ како водич за стабилен и практичен развој на односите Кина – Северна Македонија и Кина – ЕУ.