Фото: Игор Бансколиев

Македонското општество е затрупано и затруено од секојдневни соопштенија и контрасоопштенијата од политичари, политички партии, институции и од други чинители за различни прашања, при што многумина од нив не се воздржуваат да си поигруваат и со лажни вести, кои прво меѓусебно ги пласираат, па потоа ги демантираат. Сето тоа создава конфузија и збунетост кај јавноста за тоа кој манипулира, а кој ја говори вистината. Според аналитичарите, ваквите состојби се индикатор дека нема сериозни политичари, кои имаат капацитет да размислуваат и да дејствуваат за решавање на вистинските проблеми на граѓаните и за квалитативниот развој на општеството

Политичко-партиски пресметки и манипулации со информациите

Предизвикот за коректно и (непристрасно) известување во македонскиот медиумски простор се претвори во елементарна практика на објавување соопштенија и контрасоопштенијата од политичките партии, државните институции и од другите општествени чинители за прашања и случувања со одредена моментална актуелност. Таквата практика, која навидум ги почитува и остава простор за „различните ставови и мислења“, сѐ повеќе се злоупотребува од политичарите за манипулација со вистината во меѓусебните вербални докажувања и пресметки, насочени пред сѐ за зголемување на сопствениот политички рејтинг.
Така, пред некој ден, за актуелната политичка тема (и предизвик) – мнозинство за уставните измени што ЕУ ги бара од Македонија за да продолжи преговарачкиот процес за членство, вицепремиерот Артан Груби (ДУИ) изјави дека е оптимист, а својот став го темели на разговори со опозициски пратеници, кои му влеваат надеж дека ќе дадат поддршка за внесување на Бугарите во македонскиот устав.
На таквата изјава од вицепремиерот реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, негирајќи ги неговите тврдења и уште еднаш потврдија дека партијата останува на ставот дека во овие околности ниту еден опозициски пратеник нема да поддржи уставни измени.

– Тоа е лага на Груби. Ако имаат пратеници, што веќе се докажа дека немаат, следната недела нека ја стават оваа точка на дневен ред. Прашањето за уставни измени не е прашање дали сме ЗА или ПРОТИВ Европска Унија, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми – демантираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Слични вербални престрелки секојдневно се дел од медиумската активност на партиите, со меѓусебни обвинувања за тоа кој повеќе ја зголемил цената на струјата (кога бил на власт), кој повеќе ги зголемил платите со и без пресметана инфлација, кој порано, а кој подоцна исплатил субвенции…, правејќи статистички споредби на сопственото (не)справување со реалните проблеми на граѓаните, но во нереален контекст, кој не комуницира со вистинската слика на реалниот живот, кој за граѓаните сѐ повеќе станува луксуз. Притоа, некогаш несвесно (поради заслепеност од политичките амбиции), а почесто и свесно (водени од логиката – целта ги оправдува средствата), политичарите лесно посегнуваат по манипулација на вистината до степен на лажни вести.
Своевремено се најавуваше поставување бројчаник на плоштадот што ќе мери колку од незаконски потрошените пари се вратени назад во буџетот. Бројчаникот никогаш не профункционира во вистинска смисла на зборот. Но во актуелните околности, веројатно, исто толку е важно и поставување на некаков вистиномер што ќе регистрира кој ја говори вистината, а кој манипулира со граѓаните и со јавноста.
– Во состојба на медиумски вриеж од информации, во партизирано општество, партиите се свесни нека најголем дел од политичките битки се водат на полето на комуникациите со јавноста. Како што ги партизираа институциите и функционалноста на општеството, така се партизира и медиумската комуникација, а притоа не мислам на тоа дали одредени медиуми се понаклонети на една или друга политичка опција. Партизираноста на медиумската комуникација ја гледам во тоа што не остава простор и време за соочување со вистината, односно вистинските состојби и проблеми на граѓаните и општеството. Во напливот на контрадикторни соопштенија, политички изјави, меѓусебни обвинувања, инстинктивно се наметнува дилемата – кому и на што да се верува. За партиски определените, обично нема друга вистина, освен таа на партијата. Но оние што не се откажуваат од барањето на вистината, имаат многу тежок предизвик доколку сакаат да ги проверат фактите на тврдењата што постојано некој ги пласира. Потребни се многу време и енергија за утврдување на вистината, а во меѓувреме се пласирале уште цела низа информации за кои треба да се вложи истиот труд. Некои истражувања велат дека денес современите луѓе консумираат дневно информации, колку што еден човек од 16-17 век примал за целиот свој живот. Според тоа, се чини дека денес не е можно да се има контрола на вистината, но ниту на лагата. Но политичката одговорност за искажаните лаги секогаш доаѓа за наплата на избори. Колку и да се вешти, политичарите не можат да ги лажат сите луѓе, цело време – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.
Инструментот „проверка на фактите“ функционира во демократските земји со поголема, поразвиена и помоќна медиумска индустрија. Проверката на фактите се смета за базичен принцип на истражувачкото новинарство, но напливот и брзината на интернетските медиумски форми го става на сериозен тест ваквиот принцип. Освен тоа, не постојат гаранции дека и проверката на фактите никогаш не е подложна или дури и иницирана за одреден политички интерес.

– Комуникацијата на ниво на вербални престрелки во јавноста на политичките чинители во Македонија, во која не се воздржуваат да си поигруваат и со лажни вести, само ни говори дека немаме сериозни политичари, кои имаат капацитет да размислуваат и да дејствуваат за решавање на вистинските проблеми на граѓаните и за квалитативниот развој на општеството. Во време кога сме во вителот на економска и енергетска криза, комуникацијата во јавноста (и со јавноста) на македонските политичари и понатаму се сведува на кулоарско ниво со обвинувања и подметнувања на политичките противници и реплицирање во ист манир. И понатаму македонските политичари се повеќе заинтересирани за сопствениот политички рејтинг отколку за решавање на огромната економска криза, која повторно е натоварена на грбот на граѓаните, ниту за достоинствено решение за политичките предизвици на државата. Оваа гарнитура политичари во Македонија се покажува како неспособна да се занимава со прашањата и предизвиците за кои е избрана – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.