Седници денеска ќе одржат Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ на кои се очекува претседателот на партијата и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владејачката коалиција, како и понудата до актуелниот коалициски партнер Алтернатива со чиј лидер Африм Гаши вчера имаше средба. Извршниот одбор ќе заседава во 17 часот, а за 18 часот е закажана заедницата на Централиот одбор.
Од Алтернатива не откриваат детали за исходот од разговорите помеѓу Ковачевски и Гаши и најавуваат дека одлука за натамошното делување нивните партиски органи ќе носат откако, како што велат, ќе се формализира новата коалиција.
Во меѓувреме, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека вчера имале куртоазна средба со Гаши, а и лидерот на Алтернатива Гаши потврди синоќа во изјава за ТВ Клан дека вечерта во Собранието имал средба со претседателот опозициската партија Христијан Мицкоски.
Според Гаши, на средбата е разговарано за актуелната политичка состојба и евро-интеграциите. Мицкоски, пак, во изјава за Клан тврдеше дека станува збор за куртоазно поздравување на сретнување во собраниските ходници. Тој бил во друшто на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и рече дека зборувале за идните активности на пратеничката група.
Од АА претходно за МИА информираа дека е постигнат договор за нивен влез во владината коалиција, согласно кој партијата во идната влада ќе има три члена, и тоа министри за правда и за здравство, додека за третото место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Од СДСМ, пак, посочија дека разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно договорено. Потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов во телевизиско гостување синоќа истакна дека СДСМ разговара за проширување на мнозинството со сите коалициски партнери, коишто го прават парламентарното мнозиство.
– СДСМ работи на зголемување на мнозинството со усогласување на програмските, политичките, кадровските потенцијали со потенцијалните нови коалициони партнери, без да се доведе во никаква корелација дека некој би требало да замине, нагласи Костадинов, истакнувајќи дека коалициската влада предводена од СДСМ се стреми кон најважниот процес и државна цел – зачленувањето во ЕУ.
Според изворите во Алијансата за Албанците, партијата ќе добие и заменик-министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика, додека вториот ќе биде дополнително утврден. Меѓу директорските места што би ги добила Алијансата за Албанците се во „Пошта на Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменик-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.
Според најавите, по средбата со актуелните коалициски партнери премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.
Од Алијансата за Албанците наведуваат дека конечниот договор за приклучување на партијата кон парламентарното мнозинство би требало да финализира најдоцна денеска, бидејќи од утре Таравари заминува на службено патување.