Фото: Игор Бансколиев

Споменатиот предлог-закон предизвика жолчна јавна дебата меѓу претставниците на политичките партии, експертите, дипломатските мисии и воопшто јавноста во Македонија. Сите тие изнесоа сопствени ставови, согласни, но и спротивставени мислења, околу целисходноста на амнестијата. Предлагачот на законот смета дека „со ова ќе се реши проблемот со пренатрупаноста на затворите“, но некои го поврзуваат тоа со гласањето на уставните промени. Текстот на законот за амнестија е веќе доставен до македонските пратеници и се очекува неизвесна собраниска расправа

Стручната фела, дипломатите, политичките партии и јавноста со различен ракурс за предлог-законот за амнестија

Законот за амнестија пристигна во Собранието на Македонија и ќе се носи по скратена постапка. Доколку биде донесен, се планира 286 лица да добијат целосна слобода, а 960 други затвореници делумна слобода. Иницијативата е веќе доставена до пратениците, но сè уште не се знае кога ќе се најде на дневен ред за разгледување. Очекувањата се тоа де се случи наредната недела, откако министерот за правда Кренар Лога ќе се врати од службено патување, бидејќи рече дека самиот сака да го брани законот во парламентот. Носењето на овој закон предизвика јавна политичка дебата меѓу претставниците на политичките партии, експертите и дипломатските мисии во Македонија, кои изнесоа сопствени, но и спротивставени мислења околу целисходноста на амнестијата. Предлагачот на законот смета дека со ова ќе се реши проблемот со пренатрупаноста на затворите, но некои го поврзуваат тоа со гласањето на уставните промени.

Стручната јавност со низа основани прашања…

Измените на Кривичниот законик што неодамна беа изгласани во Собранието се упад во казненоправниот систем, а измените и во другите закони може да алудираат на некаков договор за можна амнестија, смета професорот Владо Камбовски.
– Сега тоа иницира на некои такви договарања, не може друго да заклучите. Ако не се вратиме на патот на правото и уставноста, ние нема да добиеме бесмислено вето како што добивме од Бугарите, туку ќе добиеме едно тешко вето за владеење на правото, од кое потоа тешко дека ќе се извлечеме – додава Камбовски.
Професорот Таки Фити вели дека само затворските казни нема да ја решат корупцијата.
– Ние можеме да менуваме закони и декларативно да велиме нема толеранција за корупцијата, меѓутоа политичката волја им е основна на партиите на власт, кои ја имаат моќта – изјави Фити.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, очекува да има целосна транспарентност при носењето на законот за амнестија. Според него, важно е да се добијат одговори од кои причини се носи овој закон, но и какви се ефектите.
– Очекувам да бидеме вклучени во некој дел од целата таа процедура со свое мислење како Судски совет, како судска фела. Колку што знам, тој е во процедура, а како ќе помине, тоа останува на законодавниот дом – рече Георгиев.
Адвокатот Звонко Давидовиќ го застапува ставот дека ваков закон ѝ е потребен на Македонија, но истиот тој треба да ги исполни основните функции што ги има амнестијата, а тоа е ресоцијализација на сите осуденици. Но пред сè треба да служи за помирување во општеството, кое е длабоко поделено партиски и национално, а треба да послужи и како коректив на сомнителните судења и пресуди за политички монтираните предмети за кои со години зборува јавноста, како домашната така и меѓународната.
– Редно е и крајно време да се направи нешто што има правна логика и цел во Македонија, а да не служи единствено за политичко пазарење и калкулирање – вели Давидовиќ.
Впечатокот на политичкиот аналитичар Петар Арсовски е дека американската амбасадорка со оваа изјава, со која бара транспарентност и отчетност, им прави услуга на сегашните власти во контекст на изгласување на уставните измени.
– Подобро ќе беше дијалогот за уставни измени да се води на друг начин наместо да оди преку некаков закон за амнестија или други механизми преку кои решавате политичко прашање што треба да се решава на друго место – вели Арсовски.
За Марјан Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ оваа амнестија е иста како за Преспанскиот договор, за да се изгласаат уставни измени.
– Мене овој закон ми личи на селективен, како оној во 2018 година, кога беа амнестирани за да се изгласа Преспанскиот договор со Грција. Мислам дека овој закон треба да биде добро објаснет. Јас мислам дека има и други модели да се реши состојбата со затворите преку системот на пробација и системот на алки, потоа општокорисната работа, но за тоа е потребна политичка дебата на сите чинители – вели Ѓорчев.

Реакции на дипломати, амбасадори, странски мисии во Македонија

Европската Унија со загриженост констатира дека некои од измените на Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Македонија, кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста, влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво, предупредија од Европската комисија
– Изминатите недели и месеци имаше многу случувања што ја ставија под знак прашалник посветеноста за реформи и овој тренд мора да запре – рече шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, посочувајќи ги измените во Кривичниот законик донесен со несоодветна употреба на европското знаме, но и серијата случувања во Судскиот совет.
Холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп, се приклучи на загриженоста на ЕК за измените на Кривичниот законик и нивното брзо усвојување.
– Амбасадата на Холандија многу сериозно ги следи последните случува во однос на измените на Кривичниот законик и целосно се согласува со изјавата што ја објави ЕУ – изјави холандскиот амбасадор Јан Коп.
Американската амбасадорка Анџела Агелер во врска со предложениот закон за амнестија изјави дека за САД и американската амбасада е важно ваквите процеси да се одвиваат транспарентно и да бидат легални.
– Ова не е прв закон за амнестија, секако нема да биде ни последен, и ние одблизу го следиме процесот за да го видиме крајниот резултат – изјави Анџела Агелер.
Амбасадорката појасни дека многу е важно земјата да биде дел од ЕУ поради иднината на децата и оти треба да се искористи секоја можност.

Партиите со спротивставени ставови

– Предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворите. Ист вакво закон се донесе во 2018 година и тогаш сите го поддржаа. Сега предложениот закон е дури и порестриктивен. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи што се случиле во минатото во државата, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман – порача премиерот Димитар Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за амнестија, како што изјави претседателот на партијата Христијан Мицковски.
– Не гледам што е европска вредност да амнестирате криминалци што се осудени за перење пари, за насилство, да амнестирате луѓе што помагале во најгрозоморниот чин во последната историја на Македонија, а тоа е убиството кај Смилковско Езеро. Ако се случи да дојде тој закон со европско знаме, ќе излеземе надвор од парламентот – истакна Мицкоски.
Ставот на ДОМ е дека „треба да се релаксираат затворите, но тоа не треба да се прави со ваков закон, со кој се практикува неказнивост“. Од ЛДП се воздржани, но, како што изјави претседателката на партијата Моника Зајкова, во принцип тие не почитуваат неказнивост, но сепак главната одлука дали нивната партија ќе гласа „за“ во Собранието ќе ја донесат партиските органи. Од Демократски сојуз најавуваат дека нема да дадат поддршка на законот и убедуваат дека ќе поднесат голем број амандмани и тој воопшто нема да помине.
Пратеникот и потпретседател на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, рече дека како партија го поддржуваат предлог-законот за амнестија.
– Ги знаеме условите во затворите и затоа мислам дека интенцијата е добра. Треба сите да се грижиме за похумани услови во овие установи – рече Адеми.
Изет Меџити, претседател на Демократското движење, изјави дека законот за амнестија не е во интерес на граѓаните или на ЕУ-интеграциите, туку е амнестија на криминалот што е направен во тоа време и сегашно време.
– Заинтересирани сме да има закон за амнестија, но моментот и причината зошто денес и зошто законот за амнестија сега се праќа по скратена постапка се погрешни. Целта се политички калкулации, како што беа и измените на Кривичниот законик. Во овој момент и во оваа форма како што е поднесен законот за амнестија, нема да го поддржиме – рече Биљал Касами од движењето Беса. М.Ј.