Непочитувањето на принципот пресумција на невиност продолжува да урнисува човечки судбини
Практиката на погазување на принципот на пресумција на невиност продолжува. Уште потрагично е што социјалните мрежи станаа главниот ринг во кој најбезобѕирно се погазува ова уставно загарантирано човеково право, при што неправедно се жигосуваат поединци пред воопшто да се докаже каква било вина за некого.
Тоа најдобро го покажа полициското приведување на наводниот осомничен за испратените закани за подметнати бомби во скопските средни училишта, кој по десетчасовен распит во полиција беше ослободен, со констатација дека нема докази оти тој стои зад овие закани.
Јавно објавен личниот идентитет на осомничениот
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се објави целосниот идентитет на приведениот, по што следуваше канонада од напади, осуди, објавување фотографии со ликот на приведениот, со еден збор јавно линчување на лице за кое не се докажа никаква вина и кое подоцна беше ослободено. Уште потрагично е што на тоа му се придаваше и некаква политичка конотација. Како и да е, штетата се направи, а клучното прашање што се поставува сега е како да му се стави крај на прекршувањето на уставно загарантираниот принцип на граѓаните за пресумција на невиност и дали треба да има сериозна одговорност за оние што постојано го прават тоа, а минуваат неказнето.
Ваквите „случајни“ протекувања на идентитетот на приведените не се од вчера, туку постојат со години, кога се случуваше при полициски приведувања „ненадејно“ да се појават камери и осомничениот да биде осуден од јавноста уште пред да му се утврди каква било вина.
Сето ова не остана незабележано ниту од меѓународните претставници во земјава, особено од САД, кои побараа од Македонија целосно да ја почитува пресумцијата на невиност и да прекине практиката со објавување на идентитетите и од страна на институциите, но и од медиумите. Ако земјава сака да напредува во преговорите со ЕУ, тогаш во делот на владеење на правото ќе мора да посвети поголемо внимание на заштитата на пресумцијата на невиност, вклучувајќи и на социјалните мрежи, кои очигледно никој не ги контролира, а уште помалку ги санкционира.
Секој осомничен или обвинет закривично дело се смета за невин сè додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен
Инаку, институтот пресумција на невиност е еден од правните темели според кои секој осомничен или обвинет за кривично дело се смета за невин сè додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен. Едни од основните принципи на кои се заснова Уставот на Република Македонија се гарантирањето и заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Во согласност со членот 13 од Уставот на РМ, секој што е обвинет за казнено дело се смета за невин сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Оттука, лицето на кое му е повредено правото на пресумција на невиност, како уставно загарантирано право може да бара заштита пред судските органи.
Ако се следеше оваа уставна практика, тогаш стотици луѓе ќе беа поштедени од јавната осуда на која беа изложени само затоа што по некоја случајност беа осомничени за некакво дело, за потоа едноставно да не им биде утврдена никаква вина.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека пресумцијата на невиност за нас ќе остане „мислена именка“, бидејќи нема санкционирање на тие што го обелоденуваат идентитетот на осомничениот.
– Кога ќе се наруши пресумцијата на невиност, се загрозуваат цели судбини, нечии животи, животот на нивните семејства. Треба да почнеме малку поинаку да се однесуваме, но најважно од сè е да почне да се санкционира секое нарушување на пресумцијата на невиност. Тоа апсолутно треба да се санкционира и на социјалните мрежи, каде што имаме тешки навреди, пцости, клевети и никому ништо. Сето тоа треба да се санкционира и да има последица, да има казна, само така може да се спречат некои работи, оти очигледно е дека кај нас ништо не функционира, сè е дозволено, тоа се смета за демократија, а всушност тоа е анархија – вели Давидовиќ.
Според него, практиката на нарушување на пресумцијата на невиност се случувала отсекогаш и потфрламе сите ние како општество.
– Потфрламе сите. Ова е генерална состојба, поврзана буквално со сè кај нас. Немаме основна култура на однесување ниту во сообраќајот, ниту во урбаното живеење, а не, пак, ова што е нешто префинето и софистицирано, да се испочитуваат нечии права. Ние сме само едно навивачко и плукачко општество – нагласува Давидовиќ.
Тој уште додава дека интернетот им овозможи еднаков простор и еднакво внимание и на оние што се стручни за повеќе области, но и на оние што немаат никакви познавања од ништо, односно ги изедначи сите.
– Ова е проблем што е многу подлабок. Немаме никакви вредности веќе, сè е извитоперено и сè е изопачено. Се урниса вредносниот систем. Се величаат криминалци, лажни политичари, младите генерации величаат очигледни антихерои, за нив политичките лидери се херои, а материјалните средства, дури и нелегално стекнати, се единствен показател дека некој е способен и создава вредност, што е трагично и за жал – заклучува Давидовиќ.