Решението да има атрибути: заедничко, национално и севкупно, за македонските граѓани / Фото: Игор Бансколиев

Премиерот Димитар Ковачевски завчера испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките што во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за предвремени парламентарни избори. Политичките аналитичари веќе со доза на алегорија лицитираат дека е можна опцијата да се постигне 4К-резолуција (компромис, консензус, крај на кризата)?! Ако според соговорниците веќе доволно сликовито е кажано што е тоа „крај на кризата“, се поставува прашањето што всушност би значело „компромис“ и „консензус“ и по кои прашања?

Лидерска средба од која треба да се очекува резултат или само обид на иста маса да седнат премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на опозицијата Христијан Мицкоски? Дали од овој политички дијалог може да се очекува какво било приближување на ставовите, ако во моментов двете најголеми партии имаат дијаметрално спротивни ставови? Повеќе од очигледно е дека во вакви околности на повеќеслојна криза (економско-финансиска, стопанска, енергетска, па и политичка), над сѐ е неопходно наоѓање заедничко решение и излез што би имал атрибут на нешто „севкупно, национално, заедничко“, без разлика на недоразбирањата, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од своите политички лидери!
Вака некако се отсликува анкетата со повеќе граѓани во пресрет на претстојната средба на политичките лидери во Собранието што ја иницира власта, а поврзана со европската агенда на Македонија, или индиректно со процесот на уставни измени. На таа тема опозицијата е против и бара предвремени избори. Власта, пак, смета дека не е време за предвремени избори. Но барем сите се убедени дека суштината е барање излез од повеќеслојната криза и дека за тоа треба да се седне на заедничка маса и да се побара целокупно, заедничко решение.

Одлуки што во наредниот период треба да се носат во
Собранието со широк политички и општествен консензус

Премиерот Димитар Ковачевски завчера испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките што во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.
– Средбата што ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките што во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус – соопштија од владината прес-служба.
Средбата е предвидено да се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека ќе ја прифатат ако се разговара за актуелните проблеми, но не и за измени на Уставот, бидејќи темата е дефокус и го поларизира општеството.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за актуелните проблеми на граѓаните, како тешката економска состојба, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза, а не за промена на Уставот, за што партискиот став е непроменет.
Во интерес на партијата е, според него, да се разговара за една изборна единица, за предвремени парламентарни избори, но вели дека се подготвени овие прашања да ги стават настрана и да разговараат за проблемите на граѓаните.
– Ако мислат дека насила ќе го сменат Уставот, како што правеа со Преспа, нема да го сменат, јас го гарантирам тоа – рече Мицкоски.
Пратеникот и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, во однос на најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека на средбата со премиерот на маса ќе се отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори, рече дека сега не е време за избори.
– Ние максимално сме фокусирани на реализација на нашите програмски определби и имаме многу поважни прашања од избори. Не е време, не е одговорно, не е сериозно во време на енергетска, економска и финансиска криза да се зборува за предвремени парламентарни избори. Треба да размислуваме да носиме државнички одлуки што ќе носат подобро утре за сите граѓани – рече Адеми.

Засега нема препознатлив сигнал за договор, но…

Професорот Александар Спасеновски од Правниот факултет вели дека во моментот не можеме да ја откриеме стратегијата на власта во врска со најавените уставни измени, но, сепак, околностите даваат некаков сигнал за можниот тек на настаните.
– Поканата за лидерска средба на претседателот на Владата претставува обид да се обезбеди консензус помеѓу клучните партии од власта и од опозицијата за уставни измени. Дали ќе се случи тоа, мислам дека е многу малку веројатно.
Не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот би поддржала уставни измени, затоа што тоа би претставувало нагло и остро скршнување на оваа партија од декларираните ставови за оваа тема. Истовремено, мислам дека е уште поневеројатно ВМРО-ДПМНЕ да ја поврзе евентуалната поддршка на уставните измени со предвремени избори, бидејќи во тој случај оваа партија би излегла од овој процес со намалена поддршка, затоа што, како што рековме, тоа би претставувало нагла промена на ставовите, која не би била одобрена од симпатизерите и поддржувачите – објаснува Спасеновски.
Според него, поверојатно е да се случи заглавување на процесот во кој власта ќе се обиде, но на крајот нема да успее да собере 80 пратеници што би ја поддржале иницијативата за нови уставни измени.

Постигнување резолуција 4К?!

Аналитичарот Сефер Селими вели дека лидерските средби во земјава се користат како алатка преку која политичките партии ја користат и за надминување на политичките кризи, но и да наметнуваат дебата на отворена политичка сцена.
– Во овој случај се прашувам дали ВМРО-ДПМНЕ е сериозно или искрено заинтересирана за предвремени парламентарни избори во време на енергетска и економска криза, за која никој не може сигурно да предвидува како ќе заврши, а дополнително на тоа како би можела да ескалира во блиска иднина. Во вакви времиња, многу поисплатливо е да си опозиција и да критикуваш без да преземаш некоја сериозна одговорност и да се надеваш дека така ќе поентираш повеќе кај гласачите во следните избори. Затоа мислам дека барањето за предвремени парламентарни избори ќе се користи само да се избега од одговорноста и јавниот и меѓународниот притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за уставни промени и отстранување на оваа пречка од патот кон ЕУ – заклучи Селими.
Но и покрај политичко-партиските натегања и расправања, сепак во заднината повеќето аналитичари со кои се консултиравме се согласуваат дека „приоритет над приоритетите е заеднички договор за излегување на Македонија од деценискиот ќор-сокак, непросперитет, стагнација, односно назадување на државата во повеќе области“ и дека решавањето на домашните предизвици (судство, корупција, реструктурирање на системот и институциите заради поголема административна ефикасност итн.) претставува всушност главен клуч за исчекор. Затоа, во основа, политичките аналитичари веќе со доза на алегорија лицитираат дека е можна опцијата да се постигне 4К-резолуција (компромис, консензус за крај на кризата), во интерес на граѓаните и на државата.