Министерот Османи најави дека на состанокот на ОБСЕ во Скопје ќе се носеле историски одлуки, без да открие детали за тежината на одлуките. Сепак, меѓународна практика е на ваквите големи состаноци да присуствуваат врвните светски политичари од сите земји, без оглед на моменталните политички конфронтации, за да може и одлуките што ќе се усвојуваат да имаат своја тежина и гаранции дека тие ќе се имплементираат од сите страни
Неделава треба да биде познато дали шефот на руската дипломатија ќе присуствува на состанокот на ОБСЕ во Скопје
На помалку од десет дена пред одржувањето на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, и натаму не е јасно дали македонските власти, но и властите во соседните земји, ќе го отворат воздушниот простор за да може во земјава да пристигне шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи најави дека постојано пристигнуваат апликации и во текот на оваа недела конечно ќе биде познато дали рускиот министер за надворешни работи ќе се најде меѓу многубројните гости на јубилејниот министерски совет на ОБСЕ или, пак, Русија ќе биде претставена на пониско ниво.
– Се процесираат апликациите и, во наредните денови, очекувам некаде до среда-четврток да имаме конечна одлука – изјави Османи, притоа додавајќи дека е задоволен од динамиката на организирањето на состанокот.
Тој уште додаде дека очекува ова да биде историски министерски совет на ОБСЕ, на кој ќе бидат донесени многу клучни одлуки.
Иако министерот не открива какви историски одлуки би можеле да бидат донесени, сепак меѓународна практика е на ваквите големи состаноци да присуствуваат врвните светски политичари, за да може и одлуките што ќе се усвојуваат да имаат своја тежина и гаранции дека тие ќе се имплементираат од сите страни.
Во македонската јавност веќе извесно време се води сериозна полемика за тоа дали со евентуалното недозволување на Лавров да присуствува на состанокот на ОБСЕ во Скопје, Македонија ќе ја прекрши Виенската конвенција.
Дополнителен проблем е што евентуалното недавање дозвола за присуство на рускиот шеф на дипломатијата ја комплицира целата ситуација околу изборот на идниот претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка бидејќи одлуката се носи со консензус, кој засега го нема.
– Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, е добредојден во Македонија. Ние немаме никакви лоши односи како народ со Русите, така што како членка на ОБСЕ, Македонија треба да му обезбеди добар и мирен престој на Лавров во земјава – смета адвокатот Тони Менкиноски.
Според него, министерот Османи требало многу повеќе да се занимава со македонското прашање и да го претстави тоа прашање во рамки на ОБСЕ како актуелно за време на едногодишното претседавање со организацијата, наместо да се плаши од доаѓањето на Лавров во Македонија.
– Македонскиот народ заедно со рускиот народ се два народа што никогаш немале фашисти во своите редови. Ние не се срамиме од тоа, за нас тоа е добра работа и затоа Османи треба да му посака добредојде на Лавров – истакна Менкиноски.
Тој појаснува дека никакви изговори за затворено небо не може да го спречат Лавров да присуствува на завршната конференција на ОБСЕ во Скопје.
– Во согласност со Виенската конвенција, Османи мора да му овозможи присуство на Лавров. Ако направи спротивно од она што е предвидено со таа конвенција, односно ако забрани влез, тоа ќе биде спротивно на интересите на македонскиот народ и македонската држава – констатира Менкиноски.
Околу можноста Македонија да не му дозволи присуство на шефот на руската дипломатија Лавров на завршната конференција на ОБСЕ се огласи и Светскиот македонски конгрес.
– Ако ОБСЕ во 1975 година е основано со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти, безусловно е присуството на рускиот министер за надворешни работи на самитот на ОБСЕ во Скопје, оттука и должноста на македонската влада да го одобри слетувањето на неговиот службен авион на аеродромот во Петровец – порачуваат од СМК.
Нивен став е дека Македонија не смее да зазема ничија страна, туку како суверена земја да носи мудри одлуки во согласност со меѓународните конвенции и практики. С.Т.