Како принц престолонаследник, кралот Чарлс Трети во 1998 година ја има посетено Македонија, кога имал прием во Охрид од тогашниот македонски претседател Киро Глигоров

Политиката, во принцип, е збир на разни партикуларни интереси, кои не секогаш соодветствуваат со интересите на граѓаните и на државата. Единствениот начин тие разлики да се сведат на најмалата можна мера е јавноста постојано и упорно да ги детектира таквите интереси на политичките репрезенти, да се бори против нив и да изнаоѓа начини да ги санкционира на различни начини, а секако на избори. Јавноста да инсистира на изградба и јакнење на силни и независни институции, отпорни на секаква политичка злоупотреба. Експертите се согласни дека „со решителни чекори во насока на воспоставување на владеењето на правото и на правната држава, енормно ќе скокне довербата во веродостојноста на сѐ погласните повици за обединување, а шансите нештата суштински да бидат сменети прогресивно ќе се зголемат“!

Македонија боледува од слабоста на институциите и од силата на партикуларните интереси

Гледано низ призмата на македонскиот силно поларизиран политички амбиент, во прв момент се добива впечаток дека во земјава постојат ненадминливи идеолошки, етнички, конфесионални и секакви други поделби. Но откога само малку ќе се загребе по површината, јасно може да се види целиот спектар на партикуларни интереси на поединци и групи, започнувајќи од лични и фамилијарни, преку партиските, транспартиските и разни бизнис-интереси, па сѐ до интересите на одредени надворешни центри, кои најчесто не се поклопуваат, а неретко се и сосема спротивни на она што би требало да претставува општ и национален интерес за граѓаните и за државата. Иако таквата состојба одамна е идентификувана, политичарите, сепак, како мантри, ги повторуваат повиците за обединување, наместо, како што сугерираат експертите, да обезбедат непречено функционирање на институциите, кои, барем онака како што се конципирани, би требало да ги штитат споменатите интереси.

Сѐ погласни повиците за обединување околу очигледните заеднички интереси, но владеењето на правото е клучно за меѓусебната доверба

Така, јавноста и во текот на изминативе неколку дена, при одбележувањето на Денот на независноста, од повеќе страни можеше да ги слушне повиците за обединување околу заедничките интереси. Можеби најгласно одекна повикот на шефот на државата, Стево Пендаровски, упатен од неговото обраќање на свечената церемонија на одликувања по повод 8 Септември – Денот на независноста.
– На овој тежок пат постигнувавме и успеси, но, приредувавме и разочарувања за македонските граѓани. Енергијата честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а, за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес, туку за општото добро. Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес, сам по себе, не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес, за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели – констатира Пендаровски.
Слична порака упати и Владата, одбележувајќи ја 31-годишнината на независноста под слоганот „Обединети во различноста“, а и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, на својот фејсбук-профил, повикувајќи на референдум и на предвремени избори, напиша дека „на Македонија ѝ треба нов Осми септември, нова надеж, национално и сеопштествено обединување околу заложбата за подобра иднина, и зачуван идентитет“.
Во меѓувреме, во јавноста постојано се дебатира на оваа тема, а експертите се согласни дека со нејзиното константно политизирање и упорното одбегнување на заедничката одлука да се преземат решителни чекори во насока на воспоставување на владеењето на правото и на правната држава, само се намалува довербата во веродостојноста на ваквите повици и шансите нештата суштински да бидат сменети. Притоа, тие како главна причина за состојбата на константни поделби и недоверба ја посочуваат слабоста на институциите, кои никако не можат да се стабилизираат поради тоа што малку внимание им се посветува на заедничките интереси и што во процесот на одлучување владее еуфорија на лични интереси.

Меѓусебната доверба на луѓето е битна, но и стаменоста на институциите

– Потребно е јакнење на институциите во македонското општество. Институциите се битни, а не луѓето. Луѓето се подложни на корумпирање на лични интереси, додека институциите дејствуваат објективно. Судството да се усовршува ако сакаме да одиме напред, бидејќи тоа е поврзано со правдата. Таму каде што има правда има и стабилност и институции и обратно, каде што владее личниот интерес институциите се неодржливи – објасни неодамна професорот Светозар Шкариќ од што боледува Македонија.
Проблемот, доколку сака, може да се види дури и од внатрепартиската перспектива.
– Навидум различните предизвици, всушност, се плодови на еден проблем во коренот ставање на личните интереси, кои некогаш се затскриваат зад партиските интереси, над општите интереси. Личните интереси олицетворени во доживување на политиката/партиите како алатка за лична корист од вработување до збогатување. Личните интереси, пред сѐ, се коренот на неслободата, на заробеноста на политичките парии и политичкиот простор, на патрон-клиентелистичкиот систем и авторитарниот режим. Тоа е коренот на селективно право и невладеење на правото. Тоа фаворизира кој фаворизира послушност и неспособност наместо професионалност и компетентност. Без професионалност и компетентност нема развој, нема подобар живот. Како е поврзано тоа со партиските делби и ескалирачката поларизација во општеството? Државата сѐ уште е значаен дел на македонската економија, капитални вложувања, набавки, вработувања. Доколку патрон-клиентелистичкиот систем регрутира послушни и неспособни, станува од животно значење дали партијата е на власт или во опозиција. Тоа ги јакне партиските делби. Се користи сѐ и сешто, и легитимно и нелегитимно, да се остане или дојде на власт! Поларизацијата расте, политички дијалог не постои, нема развој, нема прогрес! – објасни аналитичарот Сашо Клековски.

Будното око на јавноста, фундаментален елемент на дијагностицирањето на слабостите

Сепак, колку и да се зборува на оваа тема, многу тешко, според упатените, е да се прогнозира дали во Македонија конечно ќе се соберат сили што ќе можат да ги поправат акумулираните системски слабости. Освен тоа, како што потенцираат, со таквите „болки“ тешко се справуваат и многу поуредените држави.
Притоа, тие потсетуваат дека политиката, во принцип, е збир на разни партикуларни интереси, кои не секогаш соодветствуваат со интересите на граѓаните и на државата. Единствениот начин тие разлики да се сведат на најмалата можна мера е јавноста постојано и упорно да ги детектира таквите интереси на политичките репрезенти, да се бори против нив и да изнаоѓа начини да ги санкционира на избори, а паралелно со тоа да инсистира на изградба и јакнење на силни и независни институции, отпорни на секаква политичка злоупотреба. Д.М.М.