Илустрација: „Нова Македонија“

Две тесно поврзани новинарски опсервации како резултат на еден дневен уредничко-новинарски колегиум на „Нова Македонија“

1.

Поглед на 14. точки од текстот на меморандумот меѓу САД и Иран за траен мир на Блискиот Исток

Текстот на меморандумот меѓу САД и Иран претставува многу повеќе од договор за прекин на огнот. Тој е политичка карта на новиот блискоисточен поредок по најопасната конфронтација меѓу Вашингтон, Техеран и нивните регионални сојузници во последните децении.

Интересно во документот не е само она што го предвидува туку и она што не го предвидува. Во текстот нема капитулација на Иран, нема барање за предавање на власта, нема услови што вообичаено им се наметнуваат на поразените држави. Напротив, структурата на меморандумот покажува дека Техеран е третиран како сила со која мора да се преговара, а не како режим што треба да биде скршен. (Токму овие поенти принципиелно се повеќе битни и за нас и се предмет на опсервација во наредниот текст, на третата страница.)

А во овој текст нашата опсервација ќе биде со тежиште на анализа на самиот меморандум меѓу САД и Иран, во 14 точки. Имено, овие 14 точки треба да се читаат како политички биланс на една војна во која никој не победил целосно, но во која Иран успеал да ја преживее максималната економска, воена и дипломатска офанзива против себе. Во продолжение кратка анализа за секоја од точките во меморандумот.

Фото: ЕПА

Прва точка: Крај на војната без победник и без поразен

Најважната формулација се наоѓа уште во првиот член. Се прогласува „моментален и траен крај на војната на сите фронтови“, при што и двете страни се обврзуваат да не преземаат непријателски дејства. Ова е исклучително значајно. Да беше Иран поразен, документот ќе зборуваше за исполнување услови, разоружување или безбедносни ограничувања. Наместо тоа, двете страни се појавуваат како рамноправни потписници што заемно се откажуваат од употреба на сила. За Техеран ова претставува политичко признавање дека преживеал.

Втора точка: Признавање на иранскиот суверенитет

Обврската за немешање во внатрешните работи е можеби најголемиот дипломатски успех на Иран. Со децении официјалната политика на дел од американскиот политички естаблишмент се темелеше на притисок врз режимот во Техеран. Сега, доколку меморандумот е вистински, Вашингтон би се обврзал токму на спротивното – почитување на политичкиот систем на Исламската Република. Тоа претставува фактичко признавање дека политичката промена во Иран повеќе не е непосредна американска цел.

Трета точка: Иран купува време

Рокот од 60 дена за конечен договор изгледа технички, но во суштина е политички. Војните најчесто завршуваат со ултиматуми. Овде нема ултиматум. Наместо тоа, постои процес на преговарање. Самото постоење на долг преговарачки период значи дека никој не е способен да ја наметне својата волја на бојното поле.

Четврта точка: Укинување на блокадата

Ова е една од најважните отстапки што би ги добил Иран. Американската поморска блокада и военото присуство беа клучни инструменти на притисок врз иранската економија. Со нивното укинување, Техеран добива кислород за економско закрепнување. Уште поважно е ветувањето за повлекување на американските сили од околните области по конечниот договор. Тоа практично значи намалување на американската воена проекција околу Иран.

Петта точка: Иран како гарант на поморската безбедност

Техеран не е претставен како закана за поморскиот сообраќај, туку како актер што треба да помогне во неговото обновување. Тоа е огромна промена, а не е симболична. Државата што долго време беше обвинувана за дестабилизација на Персискиот Залив сега добива улога на гарант за неговата нормализација.

Шеста точка: 300 милијарди долари за обнова

Доколку оваа точка навистина постои, тогаш станува збор за историски преседан. САД и нивните партнери би се обврзале да обезбедат најмалку 300 милијарди долари за економски развој на Иран. (Искрено речено, и нам на редакцискиот колегиум ни беше тешко да поверуваме дека САД би ги обезбедиле или гарантирале овие средства, а можеби, како резултат на т.н. „трансакциска политика“ на Трамп, оваа точка би отпаднала од нацрт-меморандумот. Но за тоа потоа, кога ќе биде обелоденета конечната верзија на меморандумот.) Во секој случај, 300 милијарди долари за обнова не личи на однос кон поразена држава. Напротив, повеќе потсетува на голем геополитички компромис во кој Вашингтон е подготвен финансиски да го интегрира Иран во регионалната архитектура за да обезбеди долгорочна стабилност.

Седма точка: Демонтажа на режимот на санкции!

Ова можеби е најголемата победа за Техеран. Со години санкциите беа главното оружје на американската политика кон Иран. Ако тие бидат укинати, тогаш ќе биде демонтиран целиот систем на економски притисок граден повеќе од четири децении. Особено е значајно што се споменуваат и санкциите поврзани со ОН и МААЕ. Тоа би значело враќање на Иран во меѓународната економија.

Осма точка: Нуклеарната програма останува жива

Во текстот нема барање Иран целосно да ја укине нуклеарната програма. Иран само повторува дека нема да произведува нуклеарно оружје. Разликата е огромна. Вашингтон, според оваа формулација, би се откажал од максималистичката позиција за целосна демонтажа и би прифатил компромис околу мирнодопската нуклеарна програма.

Деветта точка: Замрзнување наместо разоружување

Во преодниот период Иран го задржува статус квото во нуклеарната програма. Не се бара затворање постројки, уништување центрифуги или предавање материјали. Тоа покажува дека американската страна фактички ја признава реалноста создадена на терен.

Десетта точка: Враќање на нафтата на пазарот

Извозот на иранска нафта е срцето на иранската економија. Со американските изземања, Иран повторно би можел легално да продава нафта, да користи банки, осигурителни компании и транспортни мрежи. Така Техеран добива непосреден економски ефект уште пред конечниот договор.

Единаесетта точка: Ослободување на замрзнатите средства

Оваа точка дополнително ја потврдува претходната логика. Замрзнатите ирански средства би станале достапни за користење од страна на централната банка на Иран. Станува збор за десетици милијарди долари што со години беа блокирани низ светот. Тоа би претставувало драматично финансиско олеснување за иранската држава.

Дванаесетта точка: Механизам за надзор

На прв поглед ова е административна точка. Меѓутоа, таа има длабоко политичко значење. Механизмот за имплементација покажува дека двете страни очекуваат долгорочен процес на соработка, а не краткорочно примирје.

Тринаесетта точка: Прво отстапки, па потоа преговори

Ова е можеби најинтересниот член во целиот документ. Иран се согласува на преговори за преостанатите прашања само откако ќе добие гаранции дека започнало спроведувањето на клучните американски обврски. Со други зборови, Техеран бара конкретни дела пред да даде дополнителни концесии. Тоа е позиција на самоуверен преговарач, а не на држава што капитулирала.

Четиринаесетта точка: Гаранција од Советот за безбедност на ОН

Последната точка има цел да го реши најголемиот проблем од претходните договори – недостигот од гаранции.

Со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на ОН, Иран би добил меѓународна правна заштита од еднострано повлекување на договорот во иднина.
Токму искуството со напуштањето на нуклеарниот договор од страна на САД во минатото го прави овој член особено важен за Техеран.

Меморандум на држава што не е само дека „преживеала“, туку нешто многу повеќе

Ако овие 14 точки навистина го одразуваат текот на преговорите, тогаш нивната најважна порака, според нашата опсервација и мислење, е дека „Иран не настапува како поразена страна“.

Во текстот на меморандумот нема елементи на капитулација, нема безусловно разоружување, нема барања за промена на режимот и нема окупациски механизми. Наместо тоа, постојат меѓусебни обврски, постепено укинување на санкциите, финансиска помош, признавање на суверенитетот и прифаќање на Иран како неизбежен фактор во регионалниот поредок.

Тоа не значи дека Техеран победил во класична смисла на зборот. Но тоа значи дека Иран ја преживеал најсилната комбинација од воен, економски и дипломатски притисок што можеше да биде применета врз него. А во геополитиката, понекогаш е доволно, ајде да се изразиме така, дека „самото преживување на овој начин може да се протолкува и како – победа“. Доколку меморандумот биде потврден и преточен во конечен договор, тогаш историчарите можеби нема да го паметат како документ што завршил една војна, туку како документ што го означил моментот кога Иран од цел на регионално ограничување повторно станал признат столб на блискоисточниот баланс на моќ. П.Р.