Палатата Долмабахче

Нашата дописничка од Прилеп беше повторно во Истанбул, непосредно по локалните избори во Турција, и ги пренесува своите впечатоци од градот што живее 24 часа на ден. Резултатите од локалните избори воопшто не се одразија на секојдневниот ритам на градот, кој им нуди на туристите средба со неговото минато, но и со сегашноста, која одушевува

„Нова Македонија“ во Истанбул по локалните избори во Турција

Во Истанбул пристигнавме веднаш по локалните избори и иако очекувавме дека можеби ќе почувствуваме дел од изборната атмосфера, градот со ништо не оддаваше дека само пред некој ден тука се водела политичка трка. Сообраќајот функционираше најнормално, продавниците беа отворени, градот полн со туристи, како и секогаш порано кога сме доаѓале, безбедноста на високо ниво… Во неколкуте средби со локалните жители, како по традиција, имаше одушевување при првиот контакт кога ќе кажевме дека доаѓаме од Македонија, со желба да ни се излезе во пресрет за каква било потреба, да ни се укаже некој правец на движење, да ни се посочи одредена локација, помош од каков било вид. Едноставно, како и секогаш, се чувствувавме како дома, меѓу свои луѓе, секогаш подготвени да помогнат.
Во таква атмосфера, едноставно не ни помисливме да бистриме политика или да бараме какви било информации поврзани со изборите или политиката. Се решивме за уште една класична туристичка тура.
Кога и да отидам во Истанбул, откривам нешто ново, автентично, бидејќи градот е полн со интересни места, со извонредни атракции. Ме плени историско наследство, така што можам да шетам безброј пати низ убавите градби – палати, џамии. Но, не помалку се восхитувачки обелисците и парковите, а крстосувањeто по Босфор е приказна за себе, приказна преку која ја дознавате историјата на овој убав, восхитувачки град.
Најпрво кога ќе стигнете во Истанбул прошетајте. Ако шетате со водич, потребни ви се три-четири часа, а ако истражувате сами, тогаш изборот е ваш од каде ќе тргнете во обиколка на градот и во зависност од тоа во кој дел сте сместени.
Туристичките водичи обиколката ја започнуваат од областа Лалали кон Топкапи. Одејќи нагоре се запознавате со многубројните споменици на културата, за да стигнете до хиподромот, кој датира од 4 век од нашата ера. Древен стадион од грчки период, место што било користено за трки со коњи и кочии, како и за други јавни настани. Е тука, надолго и нашироко ќе ја дознаете историјата на овој дел од градот, каде што можете да посетите неколку музеи, меѓу кои Истанбулскиот археолошки музеј, кој е збир од три музеи – Археолошкиот, Музејот на античкиот Ориент и Музејот на плочки, возбудливо место за посета и квалитетно поминато време. Во музејот има милиони артефакти од различни култури. Нивното собирање потекнува од периодот на владеењето на султанот Мехмед Освојувачот. Се наоѓа меѓу паркот Џулихан и палатата Топкапи.

Кулата Галата

Тука е и Сината џамија, која се истакнува со својата структура и со сините плочки. Изградена е во 1616 година, а влезот не се наплаќа. Возбудливо е да се посети, но почитувајте ги правилата за влез. Во овој дел се и музејот „Аја Софија“, Музејот на мозаици, базарот Араста….
Во палатата Топкапи, во која се влегува во дворот без влезница, откако претходно ќе ви извршат проверка, султанот живеел во периодот од 1478 до 1856 година. Ако имате време, посетете ја палатата во која ќе видите многубројни бесценетости, создавани и собирани низ вековите. Ќе ве пленат со брилијантната архитектура, големите дворови и паркови… Уживајте и поминете подолго време тука.
И кога веќе се враќате назад, неизбежна е посетата на „Аја Софија“, едно од најатрактивните места во Истанбул. Во „Аја Софија“ од јануари се влегува со влезница, ама само во еден дел, и работи до 19 часот. „Аја Софија“ е исклучително градителско наследство на земјата. Таа поврзува три периоди, почнувајќи од византискиот, па до муслиманскиот период. Во еден период православен цариградски објект, па музеј, па џамија, „Аја Софија“ го покажува целиот величествен елемент и на исламот и на православието. Се наоѓа во областа Султан Ахмет.
И кога ќе завршите со разгледот на „Аја Софија“, неизбежно е да ја посетите Капели чаршија, најпознатото место за купување сувенири и за шопинг, особено за производи од кожа. Таа е најголем покриен базар на светот, со над 4.000 продавници, со прекрасен декор. Тука ќе ви требаат повеќе часови за да прошетате. Едноставно препуштете се на исклучителната убава атмосфера и, без оглед дали ќе купите нешто или не, одете од продавница до продавница.
Интересно место за посета е областа Еминону, најстара во Истанбул, во Фатих, во близината на јужниот влез на Босфор и спојот на Мраморно Море и Златниот рог, поврзана со областа Гала. Тука е базарот за зачини, каде што ќе уживате шетајќи. Убава е и прошетката до кулата Галата, изградена во 14 век, која се користела за надзор на пристаништето во Златниот рог. Подоцна служела и како противпожарна кула. Овој симбол на Истанбул се реновира и се наоѓа во областа Беоглу, а во близината на кулата е и музејот Галата. Нагоре прошетајте по улицата Истиклал, а можете да појдете да го разгледате и Музејот на илузии… Секој посетител треба да прошета по улицата Истиклал, една од најпознатите во Истанбул, со многу продавници. Едноставно место за уживање и шопинг.

Просторот пред сината џамија

И, секако, најубавото доживување кога си во Истанбул е крстосувањето по Босфор. Задоволството е големо. Ги разгледуваш двата континента и секако уживаш, се забавуваш и нормално ги овековечуваш посетата и разгледот на градот од двете страни. И откако ќе завршите со крстосувањето, посетете ја убавата палата Долмабахче. Величенствено здание на Босфор, изградено во 19 век, резиденција на султанот и административно седиште на Отоманското Царство. Извонреден објект што плени со архитектурата, со прекрасниот спој на европскиот и исламскиот дизајн. Шетајќи низ палатата, ќе уживате. Запомнете го секој детаљ, бидејќи фотографирање не е дозволено. Едноставно, тука препуштете им се на сетилата, а вдишете чист воздух шетајќи низ градините покрај морето.
Да појдете во Истанбул и да не ја посетите областа Балат е грев. Вистинско уживање е да шетате низ тесните улички со шарени куќи, потоа да ја посетите Вселенската патријаршија, да појдете до највисоката кула Сафир… Едноставно шетајте и откривајте нови места. А, навечер задолжително посетете ресторан со традиционална музика и храна, за да ги доживеете во целост турската култура и традиција.

Текст и фото: Каролина Мицевска