Македонската дизајнерка Ивана Кнез ги прослави петнаесетте години присуство на домашната сцена со драматичната ревија „Вива ла драма“ во четвртата сезона на „Скопскиот моден фестивал“. Таа на присутните гости „под маски им ја сервираше целата своја кариера“, преточена во креации инспирирани од петте филма што оставиле најсилен впечаток во креативната дејност на дизајнерката.
– Инспирирана сум од пет култни филма што влијаеја во создавањето на тоа што сум, култни филмови што до ден-денес менуваат животи. Им ја посветувам на моите најмили, на оние што ме поддржаа, без разлика на сѐ што се случуваше во изминативе петнаесет години. Наменета е за жени што не се плашат да живеат, кои не се вклопуваат во туѓите критериуми за среќа и кои имаат храброст да бидат свои – истакна Ивана Кнез.
На модната ревија со драмски призвук, дизајнерката ја претстави новата колекција, која е стилски омаж на филмовите: „Пинк Пантер“ (1963), „Скарфејс“ (1983), „Палп фикшн“ (1994), „Петтиот елемент“ (1997) и „Гладијатор“ (2000), низ сценска игра на моделите, кои слободно комуницираа со публиката, претворајќи ја и неа во активен учесник во претставата.
Свеченото отварање на четвртата сезона на фестивалот продолжи со уметничкиот перформанс на артистот Бојан Ковски, во соработка со брендот за накит „Адор“. Втората ревиска вечер беше во знакот на „Дајмонд шоу“, најголемата модна ревија направена од овој тип досега, со заедничко претставување на петнаесет премиум бренда од трговскиот центар, над 70 модели на писта, поделени во три различни тематски дела: „Лукс лукс“ или луксузни изгледи, „Фенси спорт“ и „Смарт елеганс“. Дека на македонската мода ѝ претстои светла иднина потврди и студентската ревија на Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје и групата млади и талентирани студентки со нивната колекција инспирирана од домородните Американци. Менторка на групата е професорката Емира Имери, модна дизајнерка и костимографка. С.Ј.