Осумдесет и три години од смртта на знаменитиот македонски активист и револуционер Лазо Трповски
„Дали ќе останам жив, не е толку важно. Јас нема да бидам ни првиот, ни последниот, што ќе го жртвува својот живот во борбата. Жалам само за едно – што не можам да бидам меѓу вас да ги искорениме агентите на фашизмот и врховизмот од редовите на иселениците. Убеден сум дека вие, моите другари, ќе го продолжите и ќе го завршите тоа дело…“ Oвие зборови ги напишал во 1932 година Лазо Трповски, знаменитиот македонски комунист и еден од организаторите на Народноослободителната борба на македонското население во Егејска Македонија, во своето писмо до своите содејци во Канада, пред да биде протеран оттаму од канадските власти поради своите политички ставови. Претходно Трповски бил принуден во 1928 година да емигрира од Грција во Канада, бидејќи се наоѓал во опасност поради својата борба за национално македонско самоопределување на Македонците од егејскиот дел на Македонија и за нивна слобода. На 11 април во 1943 година, Трповски платил со својата глава поради таа своја македонска национална борба: грчките националисти го масакрирале дивјачки заедно со уште шестмина други негови соборци и истомисленици.
Јавно жигосување на спогодбите меѓу грчката и бугарската влада за размена на населението од 1919 до 1924, со кои биле протерувани Македонците од Егејска Македонија.
Лазо Трповски е роден во Д’мбени, Костурско, во 1901 година, како прво дете на Насо Трповски, чие семејство дало многу револуционери, активни учесници во револуционерното движење во Егејска Македонија и Грција. Првата светска војна го затекнала како момче на петнаесетина години. Не е познато кога точно станал активен член на Комунистичката партија на Грција, но честопати го предизвикувал вниманието на полицијата поради своите отворени истапи против експлоатацијата на работниците. Јавно ги жигосувал спогодбите меѓу грчката и бугарската влада за размена на населението од 1919 до 1924 година, со кои македонското население од Егејска Македонија било искоренувано од својата земја.
Во 1928 година на Лазо Трповски му се заканувале апсење и судење од воен суд поради неговата политичка дејност, така што тој бил принуден да замине од Грција и емигрирал во Канада. Таму, во текот на следните четири години, покрај секојдневната работа за обезбедување на својата егзистенција, активно учествувал во синдикалниот и политичкиот живот на Канада. Се зачленил во Комунистичката партија на Канада, а дејствувал и во напредните македонски емигрантски организации (МАНС) и други. Притоа, особено се истакнувал во разобличувањето на ванчомихајловистичките елементи. Луѓето на Ванчо Михајлов во Канада го сметале за опасен човек, го следеле насекаде и на крајот им го предале на канадските власти.
Канадската полиција, исползувајќи еден политички инцидент во 1932 година, го уапсила Трповски и подоцна било донесено решение да биде екстрадиран во Грција. Но бидејќи во Грција го очекувале затвор и интернација, поради ставот за самоопределување на Македонците како одделна нација, тоа не била поволна опција за него. Сепак, на канадските комунисти им успеало на патот од Канада за Лондон да го ослободат Трповски и тој, наместо за Грција, заминал за Советскиот Сојуз. Во Москва останал три години и ја следел Високата партиска школа.
Пред да биде депортиран од Канада, Трповски, преку партиски канали, испратил писмо до своите канадски другари, во кое напишал: „Дали ќе останам жив, не е толку важно. Јас нема да бидам ни првиот, ни последниот што ќе го жртвува својот живот во борбата. Жалам само за едно – што не можам да бидам меѓу вас да ги искорениме агентите на фашизмот и врховизмот од редовите на иселениците. Убеден сум дека вие, моите другари, ќе го продолжите и ќе го завршите тоа дело…“
Затвор и интернација
Во 1935 година, преку партиски канали, Трповски бил префрлен во Грција. Веднаш се вклучил во партиските активности, како и во активностите на ВМРО (Обединета). Тој бил познат по своите способности за прикривање, така што често патувал низ селата, претставувајќи се како нечиј роднина, пријател или трговец. Неколкупати успешно ги одбегнал полициските заседи, но на 17 јануари 1939 година бил опколен во куќата на еден негов пријател во селото Сливени и бил уапсен. По долго мачење во визбите на безбедноста во Костур бил изведен пред судот, заедно со уште неколку комунисти. Осуден е на строг затвор од шест месеци на островот Егина и на уште три години интернација во злогласната крепост Акронавплија, на Пелопонез.
Учество во НОБ
Капитулацијата и првите денови од окупацијата на Грција од германско-италијанските и бугарските војски, Трповски ги дочекал како затвореник. Меѓутоа, со еден вешт потег на еден од затворениците – дедо Неделко Попнеделков од Солун, успеале да избегаат 27 комунисти (Македонци и Грци), меѓу кои и Лазо Трповски. По ослободување од затворот, Трповски бил испратен во Егејска Македонија, каде што бил одреден како инструктор на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија. Во тоа својство неуморно ги обиколувал Костурската, Леринската, Воденската и Солунската околија и успеал да ги обнови партиските организации речиси во цела Западна и Централна Егејска Македонија. На еден партиски состанок, одржан во април 1942 година, го изнел ставот дека партизанската група што требало да се формира во Костурско не треба да излегува со грчки туку со македонски симболи.
Во пролетта 1943 година, Трповски формирал посебен македонски одред со командирот Паскал Михаиловски и комесарот Аргир Валсамов. Тој не доживеал да го види разгорувањето на НОБ. На одење за Солун, надвор од селото Хејбели (Имера), Кожанско, заедно со други шестмина, меѓу кои двајца членови на Покраинскиот комитет, на 11 април 1943 година паднал во заседа на националистите од колаборационистичката организација ЕКА и бил масакриран на дивјачки начин. Во септември 1943 година, неколку месеци по неговата смрт, во Костурско бил формиран партизанскиот одред составен од Македонци, кој во чест на Лазо Трповски бил именуван со неговото име. Во спомен на неговите херојства тој е опеан во народната песна „Песна за Лазо Трповски“. Денес повеќе улици во македонски градови и едно основно училиште во скопската населба Карпош го носат името на Лазо Трповски. Св.Т.
































