Големиот христијански празник одбележан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“
Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост, па во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик: Христос воскресна!, истакна во велигденското послание поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Христос воскресна! Навистина воскресна!, наведува г.г. Стефан, е поздрав на животот што Бог ни го подари не само преку тајната на Неговото воскресение и преку победата над гревот и смртта туку и преку радоста на овој настан што ни ја дарува со неизмерливото смирение, со примерот на своето снисходење, простување и пожртвуваност за секој човек и за секое создание.
Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, во присуство на голем број верници, на полноќ, во неделата, се одржа литургиска прослава на Христовото воскресение – Велигден, најголемиот и најсветол христијански празник. Со литургијата чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а верниците си честитаа со традиционалниот поздрав: Христос воскресна! Навистина воскресна!
Поглаварот на Македонската православна црква – ОА чиноначалствуваше и со воскресната света литургија на првиот ден на воскресението на Исус Христос одржана во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Воскресението Христово беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква. Н.М.
Велигденски честитки од државниот врв и политичките претставници
Пораки за просперитет, обединетост и одговорни политики
Мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух да бидат дел од сечиј дом, гласи главната порака што по повод најголемиот христијански празник Велигден ја упатија државниот врв во Македонија и лидерите на политичките партии. Тие, во своите честитки, се обврзуваат да истраат во определбите за постигнување на најдоброто за Македонија и за нејзините граѓани, односно за обезбедување – просперитет, обединетост и одговорни политики.
– Во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од срце ви посакувам во вашите домови да се вселат мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух – порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во својата велигденска честитка.
Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, порача претседателката, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит.
Премиерот Христијан Мицкоски во честитката по повод Велигден посака здравје, мир и благосостојба во секој дом.
– Велигден не е само празник на верата туку и симбол на надежта, обновата и победата на животот над искушенијата. Тој нè потсетува дека по секоја темнина доаѓа светлина, по секој предизвик – нов почеток, а по секоја жртва – заслужена надеж – вели Мицкоски во честитката.
Тој додава оти е свесен дека постојат неизвесности и предизвици, но, вели, нашата определба е јасна, да продолжиме со одговорни политики, да ја зајакнеме економијата, да го заштитиме животниот стандард и да создадеме сигурна иднина за сите.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, им го честита на сите православни верници големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, истакнувајќи дека Велигден е симбол на спасението.

– Велигден е симбол на спасението, празник што го означува крајот на Христовите страдања – празник што ни дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците – порача Филипче во честитката.
Честитка упати и претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.
– Велигден е празник што носи пораки на надеж, духовна обнова и зацврстување на вербата во доброто, човечноста и заедништвото. Во овие празнични денови, кога се слават љубовта, солидарноста и меѓусебната почит, уште еднаш се потврдува значењето на вредностите што нè поврзуваат како општество и нè упатуваат кон заеднички напредок – вели Гаши во честитката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по повод Велигден упати честитка до граѓаните дека денес повеќе од кога било ни се потребни вера и избор – да останеме луѓе.
– Велигден потсетува – верувајте, секогаш има нов почеток. И секогаш има светлина. Денес, повеќе од кога било, ни треба вера – не како навика, туку како избор. Избор да останеме луѓе. Да подадеме рака. Да не се откажеме еден од друг – истакнува Божиновска во честитката.
Таа додава дека во свет што нè оттурнува во брзање и поделби, вистинската сила е да застанеш – и да избереш добрина.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод големиот христијански празник Велигден им посака на верниците среќни празници, среќа, здравје и љубов во нивните домови. Тој, по покана на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, присуствуваше на свечената Велигденска литургија во Соборниот храм во Скопје.
– Ова се празници кога и смислата на нашето постоење се гледа преку овој празник, но и суштината на нашиот живот, моменти кога треба да се обединиме како народ – изјави Ѓорѓиевски по литургијата.
Велигденски честитки и пораки упатија и претставници на политичките партии, граѓански здруженија и голем број институции, со желба за здравје и благосостојба во секој дом. Н.М.
Министрите Муцунски и Тошковски го одбележаа празникот со македонската
дијаспора во САД
Испратена силна порака за поврзаноста со дијаспората и поддршка за нејзините напори за зачувување на македонскиот идентитет
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информира дека заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го одбележал најголемиот христијански празник Велигден со македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави, каде што ги посетил црквите „Св. Никола“ во Тотова, Њу Џерси, и „Св. Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув, Њу Џерси.
– Присуството меѓу нашите иселеници на овој голем празник е силна порака за поврзаноста со дијаспората и поддршка за нејзините напори за зачувување на верата, традицијата и македонскиот идентитет. Христос воскресе! Честит Велигден! – напиша Муцунски во објава на Фејсбук. Н.М.
Честитка од македонското друштво „Илинден“ – Тирана
Велигден ја буди надежта што ни е потребна
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана им го честита Велигден на православните верници со желба да го слават во текот на многу години.
– Како православни верници, Велигден нè потсетува на моќта на Христовото воскресение, а во нас ја буди надежта што очајно ни е потребна во нашите животи, за нашите работни места, за нашите семејства, за нашата иднина. На Велигден нашите мисли и срца се со луѓето на кои им е најпотребна помош, со оние што се чувствуваат осамено, со оние што ги изгубиле надежта и вербата за подобра иднина. Верата Христова нѐ учи да делиме и споделуваме. Затоа, на Велигден отворете ги домовите и срцата за вашите сакани, но и за оние што имаат помалку од вас – стои во честитката потпишана од претседателот на „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај. Н.М.

































