Денеска во Македонија и низ светот се одбележува Меѓународниот ден за заштита на децата, но се чини дека државата потфрли токму во тоа да им овозможи на децата пристојно образование (и воспитание), со кое подоцна ќе можат интелектуално, когнитивно и со своето поведение, однесување и одговорност да се реализираат и да го најдат своето место во рамките на македонското општество, да сакаат да придонесат за развојот на својата држава, наместо единствениот излез да го бараат надвор
Еден различен аспект по повод денешниот Меѓународен ден за заштита на децата
Познатата изрека „доколку сакате да ѝ ја уништите иднината на една држава, уништете го нејзиното образование“ добива секаква смисла во последните години во Македонија, ако се анализираат сите случувања во образовниот систем.
Незадоволителните резултати на меѓународните тестирања се само еден од показателите дека во образованиот процес во земјава има многу фалинки што никој не се обидува да ги отстрани, туку со секој нов министер, со секоја нова реформа само се продуцираат дополнителни проблеми, кои од година на година сè повеќе се таложат и остануваат нерешени.
Експериментите со образовната програма, со учебниците, со самата настава воопшто доведоа до состојби што се крајно алармантни – матуранти на крајот на средното образование да се со знаење на ниво на седмоодделенци. Децата не знаат добро да читаат, не си ги познаваат мајчиниот јазик, сопствената историја, култура…
Потфрлање во образованието и во воспитанието по сите основи
Денеска во Македонија и низ светот се одбележува Меѓународниот ден за заштита на децата, но се чини дека државата потфрли токму во тоа да им овозможи на децата пристојно образование (и воспитание), со кое подоцна ќе можат интелектуално, когнитивно и со своето поведение, однесување и одговорност да се реализираат и да го најдат своето место во рамките на македонското општество, да сакаат да придонесат за развојот на својата држава, наместо единствениот излез да го бараат надвор.
Парадоксално е цела учебна година децата да немаат учебници, а тие да им се доставуваат на 10 дена до крајот на учебната година и никој за тоа да не понесува никаква одговорност. Учениците ја немаа основната алатка за учење, книгите, нешто што е незамисливо во секоја држава во светот.
Секое квалитетно образование креира квалитетни кадри што знаат како да ги водат процесите, но очигледно во оваа држава некој посакува да има што помалку луѓе што мислат со своја глава, а што повеќе партиски полтрони што ќе работат во интерес на партијата и на партискиот лидер. Кај нив размислувањето е третостепено, бидејќи некој друг мисли за нив и им кажува што да зборуваат, каде да работат, како да се однесуваат.
Затоа и не може да се најде некое друго поинакво толкување зошто целото образование во земјава е целосно девастирано и тоне уште подлабоко, освен тоа да се прави од незнаење или, пак, што е многу поопасно, да се прави намерно. Првото се решава со доаѓање на вистински луѓе од фелата, кои ќе го прекинат коруптивниот синџир во образованието, но второто, ако се прави намерно да се урниса образованието, тогаш тоа веќе влегува во делот на субверзивни дејности, преку лошо образование внатрешно да се ослаби земјава со квалификуван човечки потенцијал.
Очигледно во главите на тие луѓе постои онаа матрица дека на децата што не ја познаваат доволно својата историја многу лесно ќе им се протне некоја нова редефинирана историја, на тие што англискиот јазик им е поблизок од мајчиниот поедноставно ќе им се пласира некој друг јазик, а традиционалните културни вредности ќе бидат заменети со глобалното мејнстрим-однесување.
Токму тоа е тој процес на бришење на македонскиот идентитет и креирање нов, така што ќе се руинира образованието, за подоцна да почнат да излегуваат генерации на кои едноставно нема да им биде грижа кои се и што се, а сопственото егзистирање ќе го набљудуваат исклучиво низ материјална призма. Тука се губат националната свест и чувството за припадност кон една држава и еден народ. Тоа е моментот кога на сцената стапува безлична маса, нова генерација што секој ќе ја обликува според сопствените потреби, без никаква сила и желба да се спротивстави на она што ѝ се наметнува спротивно на волјата.
Коруптивниот систем не дозволува образовно-воспитна реформа?!
Познавачите на состојбите во образовната сфера се на ставот дека образованието е целосно потонато само затоа што и во него се пресликани севкупните состојби во државата, почнувајќи од високата корупција, нефункционалните институции, непотизмот, партиските влијанија и слично.
– Образованието потона, го немаме веќе. Прво, системот на образование како што е поставен последниве 30 години, толку го потцени наставникот, буквално го исфрли на маргините на општеството. Тој е безгласна буква, никој не го цени. Кога државата го нема тој однос кон учителот или наставникот, кои се една од најпотценетите професии што постојат, тогаш како децата ќе гледаат авторитети во нивните наставници? Сето тоа е резултат на еден круг што се создаваше најмалку три децении. Имено, на педагошките факултети своевремено се запишуваа најслабите ученици, кои не можеа да се запишат на другите факултети. Тоа траеше со децении и полека се затвори кругот. Се произведоа неспособни кадри, кои отидоа да предаваат во основното и средното образование и дел од нив немаат капацитет да ги научат добро децата, така што и на универзитетите се испраќаат исто неспособни кадри. На тој начин се затвори кругот. Од каде сега во еден таков маѓепсан круг да се почне со реформи – прашува социологот и добар познавач на образовните состојби Илија Ацевски.
Според него, тешко е да се најде одговор како да се направи нешто за македонското образование да се врати на улогата што му е наменета, да ги образова младите.
– Трагично е што кај нас средношколците сериозно размислуваат да си заминат од државата. Таа атмосфера, амбиент дека живееме во корумпирана држава, неефикасна администрација, каде што владее непотизмот, каде што има ниски плати и која е една од најсиромашните земји, веќе е создаден и враќање назад нема. Кога еден ученик ја има таа претстава пред себе, бегството од државата го гледа како единствено решение – нагласува Ацевски.
Тој смета дека сето ова е резултат на еден коруптивен систем што го руинира образованието, како и впрочем сè друго во државата, а добивка од сето тоа може да имаат сите оние што сакаат да наметнат одредени политики на овие простори.
– Кога на почетокот нема да се реагира на корупцијата кога ќе се појави, таа ќе се шири и ќе ги зафаќа сите, за во еден момент да дојдеме во ситуација сите да се помират со состојбата и воопшто да немаат желба што било да направат. Едноставно се приклонуваат на тие текови, се формира коруптивен систем. Затоа никој не може да направи реформа, бидејќи нема да биде прифатена или ќе биде опструирана од оние што се на комотни позиции и што имаат бенефиции од таквото коруптивно работење. Паметните влегуваат во таа коруптивна шема бидејќи знаат како лесно да дојдат до пари – објаснува Ацевски.
Негово мислење е дека ако нешто сериозно не се случи, генерациите и натаму ќе бидат образовно осакатени, а така недоволно образовани ќе бидат само обична нископлатена работна сила низ градовите и селата низ Европа, на која освен полниот џеб, нема ништо друго да ѝ биде важно.