Поранешниот премиер Никола Груевски преку Фејсбук побара од претседателот Стево Пендаровски да каже кој барал амнестија за него, по последните информации за измените во Кривичниот законик и на законот за амнестија.
– Од никого не сум побарал да бара амнестија за мене кај актуелниот претседател на Македонија Пендаровски. Го повикувам претседателот на републиката, кој даде изјава дека некои лица разговарале со него за моја амнестија, да соопшти јавно кој му барал амнестија за мене. Ако тоа се случи, и ако тоа воопшто било така, потоа споменатите лица би ги замолил јавно да кажат и покажат дали е тоа точно и доколку е точно дали јас сум побарал од нив да бараат амнестија за мене кај Пендаровски – пишува Груевски.
Поранешниот премиер кој е во бегство во Будимпешта, тврди и дека нема никаква комуникација со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како и оти не учествувал на тајни средби за членот 353 од Кривичниот законик, за кои изјави даде лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Груевски порача и дека измените на Кривичниот законик имаат минорно влијание врз неговиот случај, одговарајќи на шпекулациите дека се донесени заради него.
– Да допрецизиран за ефектот од измените на кривичниот законик врз мене, бидејќи има многу шпекулации дека бил правен заради мене. Всушност токму во мојот случај имаат само минорно влијание, спротивно на тоа што го форсираат како теза многу политичари јавно или задскриени зад некои медиуми. Од многу монтирани предмети против мене, ова ќе има ефект во само еден предмет, во смисла на негова целосна елиминација. Тоа е предметот „ТНТ“, кој во нормална држава немаше да се случи, туку сопственикот на дивоградбата докажана со 30 судски одлуки ќе одеше во затвор – наведе Груевски.
И поранешниот премиер Зоран Заев синоќа негираше дека имал тајни средби со Али Ахмети и со Никола Груевски за Кривичниот законик, во изјава за ТВ24.