Фото: Макфакс

Политичките партии ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите денеска потпишаа коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР.

Непромена на Уставот, пораст на животниот стандард, социјална заштита на граѓаните, подобро образование, безбедносен систем, енергетика, инфраструктура…се дел од програмата на Коалицијата „Храбро за Македонија“ со која ќе учествуваат на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Јакимовски нагласи дека Коалицијата „Храбро за Македонија“ се формира јасно да каже дека  притисоци, уцени и уставни промени нема да поддржат, ниту пред, ниту по изборите и дека остануваат цврсто на ставот за решавање на оние проблеми кои, како што рече, ни се наметнуваат вештачки.  Потенцира дека клучно за коалицирање после изборите е непромената на Уставот.

– Заеднички став на сите три партии е дека се против уставните промени, против внесување на Бугарите во Уставот без да се затвори целиот пакет на отворени прашања. Сметаме дека за овие прашања не се разговара и не се преговара. Сметаме дека Македонија треба да биде дел од интегративните процеси, но отфрламе со индигнација да се поставуваат нови и нови измислени и нерешливи прашања кои се однесуваат на идентитет, јазик, култура, историја, услови што не се поставени на ниту еден народ и на ниту било која држава при нејзиниот влез во Европската Унија – рече Јакимовски.

Оваа коалиција, како што посочи, предлага реформа на администрацијата – секој да работина место за кое е образован и реформа во образованието како важен фундамент на општествениот развој.

– Имаме сериозни проблеми во образованието. Како еден битен столб од фундаментот на државата и развојот на младите луѓе и сметаме дека на ова прашање треба да се посветиме сите заедно. Услов по усвојување на пратеничките места за било каква коалиција е и реформата во образованието како битен фундамент на општествениот развој – рече Јакимовски.

Справувањето со растечката сиромаштија, како што беше соопштено, ќе го таргетираат со иновативни стратегии и политики и ќе мора да се ослободат фондови со кои ќе се создаваат услови да се поттикне творечкиот потенцијал на секоја индивидуа за да почне бизнис и да создава нова вредност.

Коалицијата „Храбро за Македонија“ ги објави и носителите на избирачките листи во шесте изборни единици со кои ќе учествуваат на парламентарните избори закажани на 8 мај.

Во Првата изборна единица носител на листа ќе биде Добрила Андоновска, во ИЕ2 ќе биде Љупчо Ристовски, во ИЕ3 Јордан Николов, ИЕ4 Ружица Николова, ИЕ5 Самка Ибраимоски и во ИЕ6 Зоран Софрески.