Фото: Пиксабеј

Париз со концепт за поддршка и на Киев?

Франција се обидува да најде решение и за украинскиот проблем, па во тие рамки новоименуваниот министер за надворешни работи Стефан Сежурн во саботата во Киев се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговата прва официјална посета во странство, ветувајќи дека Париз ќе ја задржи својата поддршка.
Неговата посета дојде еден ден откако британскиот премиер Риши Сунак го претстави новиот пакет воена помош во Киев и додека Украина чека да види дали Брисел и Вашингтон ќе отклучат огромни суми нова помош.
– И покрај зголемените кризи, Украина е и ќе остане приоритет на Франција – му рече Сежурн на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на заедничката прес-конференција во саботата.
Подоцна тој разговараше со Зеленски околу еден час, изјави за АФП извор близок до министерот.
– Ги ценам непоколебливата одбранбена поддршка на Франција за нашите војници и помошта за нашиот народ – изјави за јавноста Зеленски.
Зеленски исто така јасно стави на знаење дека го цени значењето што Сежурн ја направи Украина своја прва официјална станица по неговото назначување.
– Ние сме благодарни за овој сигнал – му рече тој на министерот.
Во своето вечерно обраќање, Зеленски рече дека разговарале за одбранбените потреби на Украина, „вклучувајќи заедничко производство на беспилотни летала, артилерија и натамошно зајакнување на воздушната одбрана“.
Посетата на Сежурн е во време кога сојузниците се борат да обезбедат финансирање и бидејќи некои се загрижени дека Киев може да биде заборавен додека другите конфликти, како оној меѓу Израел и Хамас, заземаат централно место. Европската Унија треба да одржи состанок на 1 февруари за да го деблокира пакетот помош од 50 милијарди евра за Украина, на кој унгарскиот лидер Виктор Орбан стави вето.
Но, со застојот на пакетот на ЕУ, а американскиот Конгрес сè уште поделен околу испраќањето дополнителна помош за Украина, Киев го чувствува притисокот. Помошта ветена на Украина меѓу август и октомври 2023 година падна за речиси 90 отсто во однос на истиот период во 2022 година, достигнувајќи ја најниската точка од почетокот на војната, според истражувањето на институтот „Кил“ од декември.
Сежурн претходно вети дека Франција ќе направи сѐ што може за да помогне. Нејзината воена поддршка досега изнесува 3,2 милијарди евра, според парламентарниот извештај објавен во ноември.
– Основните принципи на меѓународното право и вредностите на Европа, како и безбедносните интереси на Французите, се загрозени во Украина – рече Сежурн на прес-конференцијата со Кулеба.
Притоа Сежурн додаде дека двајцата „разговарале за натамошното снабдување со системи и ракети за заштита на украинското небо, како и за снабдување со беспилотни летала за Украина“.
– Влегуваме во нова фаза на одбранбена соработка за да го зајакнеме капацитетот на Украина да произведува оружје што ѝ е потребно на сопствена почва – рече Сежурн. Р.С.