Претседателот Трамп ја потпиша извршната наредба за новите царински тарифи / Фото: ЕПА

Нова царина од 25 отсто на сите увезени автомобили во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува нова царина од 25 отсто за сите автомобили увезени во САД, со цел да се поттикне домашната автомобилска индустрија. Царината ќе стапи во сила на 2 април, истиот ден кога Трамп планира да објави други тарифи против американските трговски партнери.
Претседателот на САД изјави во јавноста дека „мерката ќе доведе до огромен раст“ за американската автомобилска индустрија, ветувајќи дека ќе поттикне нови работни места и инвестиции во САД. Наедно, Трамп додаде дека „не е особено загрижен за падот на пазарот што му претходеше на објавувањето на новите царински стапки“.
Сегашната тарифа за странски автомобили во САД е 2,5 отсто, така што аналитичарите го сметаат ова за „значително зголемување“. Имено, информацијата што ја изнесуваат е дека „приближно половина од сите продадени автомобили во САД се увезени“.

Од втори април – голем удар за европските производители на автомобили

Најавените царини за увезените автомобили се голем удар за европските производители на автомобили и ќе го зголемат притисокот врз Европа да одговори со контрамерки, велат аналитичарите. САД се најголемиот пазар за европски автомобили, со речиси една четвртина од сите возила извезени од ЕУ, додаваат тие. Постои и дополнителна информација, која сѐ уште не е официјално потврдена, сугерираат соговорници, а тоа е дека американската администрација планира „воведување „царини за увезени фармацевтски производи“, што дополнително ќе долее масло на огнот на трговските односи меѓу САД и Европа.

Aкциите на автомобилските компании нагло паднаа на Волстрит, но и на европските и азиските берзи

Цените на акциите на Волстрит и на европските и азиските берзи нагло паднаа по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за царините за увоз на автомобили.
Први настрадаа акциите на автомобилските компании. Акциите на американскиот автомобилски гигант „Џенерал моторс“ паднаа за 8 отсто, а на „Крајслер“, т.е. неговата матична „Стелантис“, и на „Форд“, со кои се тргува во САД, паднаа за по околу 4,5 отсто. Акциите на компанијата „Тесла“ на милијардерот Илон Маск загубија околу 5,5 отсто од својата вредност. Акциите на „Тојота“, „Хонда“ и „Хјундаи“ паднаа за околу 3 отсто.
Покрај автомобилскиот сектор, под притисок се и технолошките компании. Од 11 клучни сектори на индексот S&P 500, шест забележаа пад, при што најголеми загуби претрпеа комуникацискиот и технолошкиот сектор, со пад од над 2 отсто. Меѓу најголемите губитници беа акциите на производителот на чипови „Енвидија“, кои паднаа за речиси 6 отсто.
Американскиот индекс Dow Jones падна за 0,31 отсто, на 42.454 поени, S&P 500 падна за 1,12 отсто, на 5.712 поени, додека индексот Nasdaq потона дури за 2,04 отсто, на 17.899 поени.

Во минус и европските берзи

Нервозата ја почувствува и Европа. Поголемиот дел европски берзи исто така забележаа пад на акциите, при што франкфуртски DAX падна за 1,17 отсто, на 22.839 поени, додека париски CAC падна за 0,96 отсто, на 8.030 поени. Лондонски FTSE беше единствениот што забележа мал пораст од 0,30 отсто, на 8.689 поени.
Аналитичарите на „Баркли“ вчера ја намалија својата целна цена за индексот S&P 500 од 6.600 на 5.900 поени поради трговската војна. По вчерашниот пад, S&P 500 бележи пад од околу 3 отсто, додека индексот Nasdaq изгуби повеќе од 7 отсто.
– На пазарите не им се допаѓа оваа несигурност околу тарифите, особено кога таа ја погодува автомобилската индустрија. Овие мерки би можеле да имаат сериозно негативно влијание врз економијата – предупредува Џејми Кокс, партнер во „Фајненшл груп Харис“.
Сега се очекува одговор од земјите што најмногу ќе бидат погодени од новите царини, како и дополнителни потези од Вашингтон.

Појава на групи што ги бојкотираат и игнорираат американските производи во Европа

Заладувањето на трговските односи меѓу САД и европските држави поттикна повици во Европа за бојкот, игнорирање или, пак, „замена на американските производи со домашни брендови“. Оваа појава во европските држави е регистрирана по слична ваква што започна во Канада.
На пример, групата на Редит наречена „Купи од ЕУ“ (BuyFromEU) привлече 190.000 члена што разговараат и разменуваат информации за алтернативи на американските брендови. Скандинавските групи за бојкот на американски производи на (американската мрежа) Фејсбук имаат десетици илјади члена. Натаму, активистите низ Шпанија, како што пишуваат тамошните медиуми, „ги превртуваат американските производи наопаку во големите продавници за потенцијалните купувачи да знаат од каде доаѓаат тие производи“.

Поради сериозните рефлексии од кампањата за „бојкот за американските
производи“ официјално реагираше германската влада

Германската влада ги отфрли повиците за бојкот на американските производи и покрај несогласувањата околу царините, велејќи дека најголемата европска економија сака да поттикне добри трговски односи. Претставници на Европската Унија се обидуваат да ги намалат тензиите со САД и да спречат трговска војна додека американскиот претседател Доналд Трамп започнува тарифна офанзива.
– Германската влада е заинтересирана за добри односи и добри трговски односи со Соединетите Американски Држави. Правиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа. Не ни требаат повеќе трговски бариери туку ни требаат помалку. Во таа смисла, ние не се согласуваме со таквите барања – изјави за новинарите владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Коментарот го повторува предупредувањето од шефот на германската асоцијација БГА што ги претставува увозниците и извозниците, кој рече дека бојкотот на американските производи би бил „лажен одговор“ на политичките несогласувања што може да поттикнат „циклус на одмазда“.
– Не треба дополнително да ја влошуваме и онака сложената ситуација. Наместо да се вклучиме во бојкоти, царини и контратарифи, треба да бараме дијалог со Соединетите Американски Држави за трансатлантските трговски прашања во иднина – рече претседателот на БГА, Дирк Џандура.
Во тој контекст, германскиот министер за финансии Јерг Кукиес деновиве најави дека ќе отпатува за САД на разговори со својот американски колега, како и со Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
За потсетување, според информацијата на германскиот Завод за статистика, трговскиот суфицит на Германија со САД минатата година достигна рекордно ниво од 70 милијарди евра. Р.С.