Фото: Игор Бансколиев

Од сите промени што се случуваат во светот ниту една не е поважна од оние што се случуваат во рамките на семејството, едногласни се аналитичарите. Во таа насока, по повод неодамнешниот Меѓународен ден на семејството, 15 Мај, но и претстојниот Меѓународен ден на детето, 1 Јуни, ги анализираме промените што денес се случуваат во семејството во контекст на промените и условите во општеството. Зашто општеството и семејството се меѓусебно поврзани и влијаат едни на други

Дали новиот современ начин на живот и технологијата на некој начин ги загрозија улогата и значењето на семејството и тоа полека ја губи својата мисија, дали опседнатоста од мобилните уреди и социјални мрежи ги отуѓува луѓето и во склоп на семејствата, и колку во целина едно дисфункционално семејство има импакт на општеството и државата. Ова се некои од прашањата на кои побаравме одговори од компетентни и стручни лица, кои се најупатени во оваа проблематика.

ВРЕДНОСЕН СИСТЕМ КАКО ПАТОКАЗ ВО ЖИВОТОТ

Според проф. д-р Македонка Радуловиќ, од Институтот за семејни студии, при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“, современиот начин на живот и променетата динамика на општествениот живот создаваат голем притисок врз семејното живеење.
– Семејствата чиј најголем предизвик е сиромаштијата единствено се борат да го прехранат семејството и да ги овозможат основните услови за живот. Семејствата, пак, што имаат редовни приходи се соочуваат со недостиг од време и тешко балансираат помеѓу работата и семејството. Факт е дека современите семејства сѐ повеќе личат на „допрете и одете семејства“. Семејството како основен извор на социјализација има примарна улога во создавањето вредносен систем, кој понатаму ни служи како патоказ во животот. Во отсуство на изграден вредносен систем се создаваат личности без идентитет, кои лесно стануваат предмет на манипулација и девијантни појави – вели Радуловиќ.
Таа смета дека претераното користење на социјалните медиуми и мобилните телефони има негативно влијание врз децата и брачните партнери.

– Прво, поради нереалната слика што се прикажува на интернет и очекуваме нашиот живот да изгледа/личи како тоа што го гледаме на интернет. Тоа води кон разочарување и фрустрација затоа што тој живот во суштина е нереален. Второ, поради недостигот од квалитетно поминато време и комуникација меѓу членовите на семејството, што води до отуѓување. Отуѓувањето, недостигот од внимание, љубов и интимност водат кон незадоволство, кавги и семејно насилство, кое станува сѐ поголемо бреме на македонското семејство – вели Радуловиќ.
Според неа, социјалните медиуми не можат и не смеат да ги заменат родителските и партнерските улоги или да бидат модели за идентификација!
– Општеството и семејството се меѓусебно поврзани и влијаат едни на други. Дисфункционалните семејства се извор на неморални и девијантни појави и тоа се одразува во самото општество. Последиците и штетите се одразуваат и во социјалниот, здравствениот и правниот систем. Со други зборови, дали градиме здрави, стабилни, образовани луѓе и квалитетни работници не е исто како да израснеме деликвенти, криминалци и насилници.
Од друга страна, општеството создава услови за развој и унапредување на семејствата. Така што стабилна економија, квалитетен образовен систем, почитување на човековите права, социјални инструменти за семејна поддршка се основа за градење здрави семејства – нагласува проф. д-р Македонка Радуловиќ.

ЗДРАВО СЕМЕЈСТВО ЗА ЗДРАВО ОПШТЕСТВО

Од повеќето функции што ги има семејството, социјализаторската воспитна функција се смета за една од најважните, но, за жал, во нашата држава многу малку се води грижа токму за оваа улога, за промовирање на семејните вредности и изградба на здрави хумани личности и целосно етаблирање на социјалното однесување на личноста, уште во најраните фази на нејзиниот развој. Но денес семејството доживува криза и затоа се сфаќа не како „свето“ место за растење, туку како „нужна стварност“, се вели во магистерски труд во кој се анализираат влијанието на семејството и агресивното однесување на учениците.
Јулијана Шумкоска, раководителка на Службата за советување при ПУ „СОС детско село“ – Скопје, вели дека семејството, како основна општествена единица, игра многу важна улога во животот на секое дете.
– Родителите денес имаат голем предизвик да ги воспитуваат децата во современиот начин на живеење. Модерното општество бара голем ангажман од родителите и децата, кои се вклучени во голем број активности надвор од домот, што доведува до недостигот од поминување квалитетно исполнето време во рамките на семејството. Дополнително, технологијата и технолошкиот развој играат голема улога во семејните врски и во релацијата родител – дете, односно влијаат на семејството со намалување на семејното време, комуникацијата и интеракцијата лице в лице – вели Шумкоска.
Според неа, технологијата е неизбежна и е присутна во нашето секојдневие, но од особена важност е да се постават граници во нејзината употреба, во согласност со возраста на децата и нивниот развој.
– Разбирањето на придобивките, но и негативното влијание при користењето на технологијата, придонесува членовите на семејството да имаат свесност за овие состојби и да се стремат кон промовирање на семејните вредности и позитивни морални норми, блиски семејни релации и семејна сплотеност и кохезија, а ќе превенира други несакани состојби.
Впрочем, превенцијата е најважна, а здраво и стабилно семејство е основен предуслов за здраво и стабилно општество – нагласува Шумкоска од „СОС детско село“.
Повеќето соговорници, меѓу другото, го истакнуваат и значењето на воспитната улога во рамките на семејството. Според проф. д-р Розалина Попова-Коскарова, од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во условите на современото семејство, кое според бројот на членовите е микросемејство, се случуваат големи турбуленции.

Дефиницијата за семејството, како основна клетка од која е изградено општеството, во поново време како да губи од својата актуелност, значење и смисла. Денес современото семејство доживува криза од повеќе аспекти, што само по себе е показател и за кризата во општеството. Истражувачите, научниците, социолозите, политиколозите и упатените во оваа проблематика се согласни во констатацијата дека од сите промени што се случуваат во светот ниту една не е поважна од оние што се случуваат во рамките на семејството

– Заедничкото живеење само на родителите и децата, вработеноста на двајцата родители, зголемениот број разводи, урбаните промени и слично имаат силно влијание врз остварувањето на воспитната функција. Сѐ појасно станува дека таа функција многу потешко се остварува во современото семејство отколку во некогашното традиционално семејство. Помниме едно време кога семејството секојдневно се собираше на ручек во точно определено време, кога постоеше голема почит меѓу членовите на семејството, кога за проблемите се разговараше на маса, кога вредностите беа водилка по која се воспитуваа младите генерации. Одамна не е така. Сликата за една дневна соба во која седат мајка, татко и две или три деца е следнава: сите се заедно, но секој со мобилните телефони или друг електронски уред пред себе. Заедно, а всушност одвоени – нагласува проф. д-р Розалина Попова-Коскарова.
Повеќе од јасно е дека сите чинители мора многу поголемо внимание во иднина да посветат токму во промоција на семејните вредности и улогата на семејството во изградба на здрави личности, кои потоа ќе бидат во функција и од полза на државата. Зашто во спротивно ни се заканува целосен колапс на она што се нарекува и воспитно-образовен, но ако сакате и социјално-морален и вредносен систем, кој почнува да се гради токму во рамките на семејството уште од најмали нозе. И конечно, но не помалку важно, македонското семејство е чувар и на македонскиот идентитет. Зашто без негување на семејните вредности се креираат личности без себепознавање и без идентитет, кои понатаму се лесен предмет на какви било обиди за манипулација.