На денешниот Светски ден на демократијата, 15 Септември, самото постоење на Македонија со 32-годишен демократски стаж и понатаму е предизвик за
демократскиот капацитет на меѓународните институции, кои се сметаат за носители и заштитници на демократските процеси во светот – од Организацијата
на Обединетите нации, преку Европската Унија, па и на НАТО. Иако Македонија е членка на две од овие три организации, до таквиот статус дојде по години
минати со блокади, опструкции и уцени од своите соседи, од порано членки на истите организации
Меѓународната демократија и македонскиот демократски дух и капацитет
Референдумското изјаснување во 1991 година во Македонија, за државна самостојност и излегување од југословенската федерација, истовремено значеше и прифаќање на плуралната демократија, како политички систем со кој ќе функционира како независна држава. Одлучувајќи за таква демократска еволуција на општествениот систем (напуштајќи го претходниот еднопартиски систем, кој беше наречен едноумие), Македонија веруваше дека со манифестација на својот демократски дух и капацитет ќе успее да ја легитимира својата државност во меѓународни рамки на тогашниот демократски свет. Прифаќајќи ги предизвиците за градење внатрешна парламентарна демократија, Македонија практично од самиот почеток на својата независност беше ставена на суров тест на меѓународната демократија, која декларативно е поставена на принципите на еднаквост, рамноправност и правото за самоопределување на народите.
Урсула фон дер Лејен: Има „единствена демократија“!
Денес на Светскиот ден на демократијата, 15 Септември, самото постоење на Македонија со 32-годишен демократски стаж и понатаму е предизвик за демократскиот капацитет на меѓународните институции, кои се сметаат за носители и заштитници на демократските процеси во светот – од Организацијата на Обединетите нации, преку Европската Унија, па и на НАТО. Иако Македонија е членка на две од овие три организации, до таквиот статус дојде по години минати со блокади, опструкции и уцени од своите соседи, од порано членки на истите организации. Отстапките што ги направи Македонија за членството во овие меѓународни организации никако не им служат на чест на светските организации, кои се сметаат за предводници на демократскиот свет, иако со квазидемократски методи издејствуваа формално задоволителна перцепција дека „Македонија така сама одлучила“. Но предизвиците на Македонија со меѓународната демократија сѐ уште не можат да се пишуваат во минато време, зашто непринципиелните и недемократски уцени и притисоци продолжуваат и со процесот за нејзина интеграција во Европската Унија, која според актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, има „единствена демократија“.
Дали меѓународната демократија беше праведна со Македонија?
Краткиот приказ на демократскиот „живот и приклученија“ на Македонија во овие 32 години во „светот на демократијата“, легитимно ги наметнува прашањата на Светскиот ден на демократијата: како Македонија се снајде со принципите на демократијата на меѓународен план и дали меѓународната демократија беше праведна со Македонија.
– Сето она што ѝ се случува на Македонија во овие 32 години и со сите напори и отстапки направени за добивање заслужена праведна и рамноправна позиција на меѓународен план, за жал, само ни докажува дека Светскиот ден на демократијата и сѐ што тој симболизира, функционира само на хартија. Се покажува, а Македонија тоа го чувствува постојано како товар на својот грб, дека меѓународната демократија е неправедна спрема послабите и помалите, наспроти принципите на рамноправност и еднаквост вградени во нејзината суштина. Како се снајде Македонија со демократијата? Македонскиот народ секогаш бил со демократски дух, но политичарите ја сфатија и ја практикуваат демократијата како неограничена можност исклучиво за постигнување на сопствените интереси и амбиции – вели историчарката и универзитетската професорка Наде Проева.
Светскиот ден на демократијата е своевидно цинично одбележување на погазувањето на демократските вредности на меѓународен план
Еминентните македонски филозофи Љубомир Цуцуловски и Ферид Мухиќ сметаат дека Светскиот ден на демократијата е своевидно цинично одбележување на погазувањето на демократските вредности на меѓународен план.
– Не само кај нас во Македонија туку и со многу работи што речиси секојдневно се случуваат во светот, предизвикуваат една резигнација дека Светскиот ден на демократијата се претвора во парастос, циничен помен на демократијата. Дури не се потребни ни схоластички расправи и докажувања својствени на средновековните религиски расправи, за да се согледаат деградацијата, двојните стандарди и погазувањето на базичните демократски вредности. Со голо око се гледа дека во име на демократијата се предизвикуваат хаотични состојби за остварување сосема конкретни интереси за моќ и влијание – вели универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски.
Согледувајќи ги резултатите од напорите на македонската држава да се етаблира на меѓународен план, професорот Ферид Мухиќ смета дека на Македонија воопшто не ѝ била дадена таква шанса од страна на меѓународната заедница, која себеси се нарекува демократска.
– Со својот однос спрема Македонија, меѓународната демократска заедница се искажа како сопствена негација, користејќи особено недемократски методи и инструменти. На Македонија, едноставно не ѝ беше дозволено да се развива и да ги достигне стандардите на демократска држава. Секој нејзин исчекор на меѓународен план беше саботиран на многу недемократски начини, како од соседите така и од меѓународните организации, кои го толерираат, па и го поддржуваа таквото однесување на своите членки. Светската демократија (ако навистина постои) беше и сѐ уште е многу недемократична спрема Македонија – вели Ферид Мухиќ.