Новата Европа 30+

Постигнувањето траен и одржлив мир на Балканот не зависи само од националните политики што се водат во земјите од регионот. Голема, ако не и најзначајна улога во постигнувањето стабилен и економски просперитетен регион има Европската Унија. Раководејќи се првенствено од сопствените (глобалистички) интереси, официјалните претставници на Брисел предолго ги занемаруваат потребите на огромното мнозинство граѓани од земјите од Западен Балкан за изградба на подемократски општества, кои побрзо би се оствариле со забрзување на процесот на приближување и пристапување на европската заедница

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, првпат по четири и пол месеци се срeтнаа вчера во Брисел, како резултат на напорите на Европската Унија за продолжувањето на дијалогот за деескалација и нормализација на нивните меѓусебни односи. И Вучиќ и Курти влегоа со различни очекувања од оваа средба, но како што забележуваат долгогодишните и неутралните набљудувачи на овој српско-косовски спор, нема сериозни сигнали дека некоја од страните е подготвена за нормализација или уште повеќе за подобрување на меѓусебните односи. Моменталната состојба на „теренот“ само придонесува за секојдневното зацврстување на статус кво, што би значело продолжување на етничките тензии на Косово. Згора на ова, односите меѓу Белград и Приштина се влошија во изминатиот период, влијаат и на поширока регионална безбедносна дестабилизација.
Токму во тој правец беше и пораката на албанскиот премиер Еди Рама, кој во пресрет на вчерашната средба Вучиќ – Курти изјави дека секоја друга алтернатива, освен итно и сеопфатно спроведување на договорот за француско-германскиот план на патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, е игра со оган и дека покрај тие што ќе изгорат со огнот, ќе изгори и целиот регион. Албанија, Македонија, Црна Гора, но и самата Европа. Притоа тој изрази надеж дека следната средба „нема да биде уште еден празен круг, за уште едно повторување на песната ‘другиот е виновен’“. Предупредувањата на албанскиот премиер треба да се примат добронамерно, ако се знае дека тој е докажан следбеник на политиката што се води од центрите на меѓународната заедница, а често знае да испрати и критики кон позициите на косовските власти. Рама во јуни ја откажа заедничката средба меѓу двете влади, што доведе до заладување на односите со премиерот на Косово, Албин Курти.
Дали ќе има некаков напредок од вчерашните преговори на двајцата балкански политичари во Брисел, ќе се знае денеска. Но во секој случај, (пре)пораките на Еди Рама за постоење реална закана за безбедноста на регионот, вклучувајќи и на Македонија, некако сѐ почесто се провлекуваат на меѓународните собири и средби.

Ова нешто е и во контекст на неговата претходна изјава, дадена во неговиот препознатлив сатиричен стил на самитот на процесот Брдо-Бриони во Скопје, дека секоја од земјите во регионот може лесно да најде изговор за почеток на нова војна со соседот, притоа споменувајќи ја и Бугарија, која би се обидела да ги оствари своите „окупаторски“ амбиции кон Македонија!
Постигнувањето траен и одржлив мир на Балканот не зависи само од националните политики што се водат во земјите од регионот. Голема, ако не и најзначајна улога во постигнувањето стабилен и економски просперитетен регион има Европската Унија. Раководејќи се првенствено од сопствените (глобалистички) интереси, официјалните претставници на Брисел предолго ги занемаруваат потребите на огромното мнозинство граѓани од земјите од Западен Балкан за изградба на подемократски општества, кои побрзо би се оствариле со забрзување на процесот на приближување и пристапување на европската заедница. Пораките на учесниците на самитот на процесот Брдо-Бриони во Скопје се единствени и се однесуваат на тоа дека „ЕУ, како и Западен Балкан, треба да биде подготвена за проширување во најкраток можен рок, но не подоцна од 2030 година“. Наедно пред ЕУ стои задачата да го разгледа отворањето на патишта што ќе му овозможат на Западен Балкан да пристапи кон специфични ЕУ-политики, иницијативи и фондови.

Тоа што се бара од Брисел е што побрзо да ги надмине разликите околу прашањето за можното функционирање на „новата Европа +30“, за која се заложи и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во нејзиното (последно) годишно обраќање во Стразбур. Без да се испратат и конкретни пораки со внатрешната деблокада на процесот на проширување на ЕУ, за што придонесува и бесмисленото и ексклузивно право на ставање вето и прашања што се поврзани со минатото, европскиот пат за балканските земји ќе биде трајно затворен. Наедно и паролите на европските функционери за тоа дека „сите сме дел од европското семејство“ ќе звучат како евтина пропаганда, во која сѐ помалку ќе веруваат граѓаните од Западен Балкан

Меѓу барањата што беа нотирани во завршната декларација е и итноста за користење на новата методологија на преговори со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ заснован на заслуги, како и да се осигури напредок на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот уште за време на самиот процес на проширување. Секако, најважното за побрз почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ, а на што предупредија и претседателите на Хрватска, Словенија и на Македонија, се однесува на тоа дека билатералните прашања и спорови не треба да бидат пречка за процесот на интеграција во Унијата. „Да не се лажеме, Хрватите не платија голема цена и не одеа во војна за да остварат големи интеграциски цели, туку за да имаат сопствена држава, исто како и Словенците. ЕУ е одлично средство, но сама по себе не е цел и таа треба да се саморегулира“, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Неспорно е дека зачленувањето во Европската Унија треба да се потпира првенствено на заслугите на секоја земја во остварувањата на целите што се поставени во преговарачките кластери. Но не треба да се занемари и фактот дека и самата Европска Унија не е доволно единствена околу процесот на проширувањето. Внатрешните политички разлики меѓу земјите-членки на ЕУ негативно се рефлектираат и на односите меѓу земјите во регионот. Промовирањето на недоволно обмислени идеи за „Европа со повеќе брзини“ може дополнително да внесе забуна и да ги закочи демократските процеси во регионот и да им остави празен простор на националистичките струи, кои лесно можат да го потпалат балканското буре барут. Тоа што се бара од Брисел е што побрзо да ги надмине разликите околу прашањето за можното функционирање на „новата Европа +30“, за која се заложи и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во нејзиното (последно) годишно обраќање во Стразбур. Без да се испратат и конкретни пораки со внатрешната деблокада на процесот на проширување на ЕУ, на што придонесува и бесмисленото и ексклузивно право на ставање вето и прашања што се поврзани со минатото, европскиот пат за балканските земји, ќе биде трајно затворен. Наедно и паролите на европските функционери за тоа дека „сите сме дел од европското семејство“ ќе звучат како евтина пропаганда, во која сѐ помалку ќе веруваат граѓаните од Западен Балкан.