Последниот извештај на ЕК само ја покажа апсурдноста на инсистирањето за уставни измени без да се работи на средување на работите дома. Извештајот на владата на ЕУ, всушност Европската комисија (ЕК), покажа дека:
– уставните измени воопшто не се пресудни за продолжување на процесот на интеграција во ЕУ; – отфрлањето на уставните измени (од страна на мнозинството македонски граѓани) е ползувано како алиби/покривање на носителите на проектот за уставни измени, за вистинските причини за застојот во интегративните процеси што требало да бидат спроведени досега (а се наведени во извештајот);
– само решителни реформи дома во насока на средување на државата, во точно покажаните области, се „условот без кој не е можно“ продолжување на интегративните процеси на Македонија со ЕУ
Извештајот на ЕК одговори на многу недоумици на јавноста во Македонија
Повеќе од една година македонските власти потрошија на обидот за операционализација на зафатот за уставни измени. Меѓутоа, паралелно со тоа, не се операционализираа зафати и суштински реформски политики во насока на подобрување на економијата, стопанството, бизнисот, енергетиката, судството, образованието, здравството и, воопшто, подобрување на животот на граѓаните и на функционирањето на институциите, што резултира со извештај на Европската комисија во кој се констатира дека земјата нема никаков напредок во ниту една важна сфера.
Да не го заборавиме и фактот за неколкукратните предупредувања на странските амбасадори дека уставните измени не се приоритет и дека земјата треба да се фокусира на владеењето на правото и на борбата со корупцијата. Но очигледно тие не дадоа плод, бидејќи носителите на проектот за уставни измени сметаа дека „ќе биде доволно само да се внесат Бугарите во Уставот и на тој начин државата сама ќе тргне напред, дури и без потребните реформи“?!
Очигледно домашниот есап не излегува на пазар, па сега Македонија го доби можеби најлошиот извештај, со многу нули во него, во поглед на напредокот во повеќето подрачја што беа предмет на опсервација од страна на ЕУ, што јасно говори дека сега и без бугарското вето, буквално секоја земја доби одврзани раце да може слободно да каже „стоп“ бидејќи не се исполнети клучните критериуми на кои инсистира Брисел – владеење на правото и борба со корупцијата.
Можеби тука треба да се бараат причините зошто претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, завчера говорејќи за напредокот на земјите кандидати воопшто не посвети време за Македонија, очигледно и самата разочарана од она што некој го ветувал, а не го исполнил.
Послушноста кон надвор не значи дозвола за запоставување на обврските дома
Сето тоа ја истакнува на површина лошата практика на домашните политичари, кои со години играат на картата на слепа послушност кон меѓународните партнери и исполнување на сè што тие ќе побараат од нив, без да ги спроведуваат реформите дома, сметајќи дека нивната кооперативност ќе биде доволна земјава да добие добри оценки од ЕУ. Таквиот систем на избегнување реформи трае со децении, поради што денес државата е донесена во состојба да биде целосно институционално неефикасна, без правен систем од доверба, заглавена во корупција и криминал, без ефикасен здравствен и образовен систем, како и со економија што е пред колапс.
Последниот извештај на ЕК само ја покажа апсурдноста на инсистирањето за уставни измени без да се работи на средување на работите дома, што сега им се враќа како бумеранг на оние што мислеа дека само со козметички измени на Уставот ќе го замаскираат повеќедецениското игнорирање на реформските процеси.
По сè што беше забележано во извештајот на ЕК, се поставува прашањето што е сега поважно, дали конечно да се започне со решителни реформи дома во насока на средување на државата или уште ќе се инсистира на уставни измени во време кога и самата ЕУ нема јасна визија за сопствената иднина.
Брисел кажа што кажа, прашање е дали некој слушна
За повеќето експерти во земјава во делот на евроинтеграциите нема никакви дилеми дека Македонија добила сериозна шлаканица од Брисел и дека европските бирократи повеќе немаат намера да толерираат изговори без конкретни резултати. Тие сметаат дека со вакви оцени, уставните измени се целосно беспредметни и едноставно не сакаат дефектна држава во своите редови, без оглед колку уште колку народи ќе се додадат во нејзиниот устав.
– Самите амбасадори во земјава отворено ни кажаа пред извесно време дека треба да се фокусираме на реформите, на владеењето на правото и на борбата со корупцијата, јасно истакнувајќи дека уставните измени се второстепени. Очигледно некој спиеше на тоа уво дека ако обезбеди мнозинство за уставните измени, Брисел ќе замижи пред фактот дека нема напредок во ниту една област. Се покажа дека работите не одат така, туку дека наместо да се зборува за уставни измени, треба да се почне со сериозни внатрешни реформи оти вака веќе не оди. Затоа и почнаа вакви националистички изблици во последниве денови, затоа што се свесни оти народот бара резултати, бара пристоен живот, а не продавање приказни дека кога ќе сме го сменеле Уставот, ЕУ ќе ни помогнела да се реформираме. Европа чека од нас самите да покажеме дали сме способни да бидеме дел од нејзиното друштво – посочуваат експертите.
Боцевски: Царот е гол!
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека Македонија досега платила висока цена за сите отстапки во име на евроинтеграциите, па затоа крајно време е да им се посвети на домашните реформи, кои, како што вели, ниту се тешки, ниту, пак, се сложени, туку се потребни знаење и волја да се направат.
– Извештајот беше моментот на „Царот е гол!“ од познатата приказна. Скапа беше досегашната цена на македонската европска интеграција, наплатена со национални понижувања, со геостратегиски поткусурување и со попуштање зад најцрните балкански шовинизми. За жал, сето тоа секогаш со потписот на СДСМ. Благодарение на визната либерализација, на европеизацијата на институциите и на мобилноста на македонските граѓани, веќе е јасно кои се реформите што Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ. Ништо од тоа не е ни сложено, ни недостижно, а ни политички контроверзно. Недостига само јасна политичка волја за изградба на Македонија како пристојно место за живеење – вели Ивица Боцевски.
Прстот за лошите состојби тој го вперува во владејачката СДСМ, именувајќи ја како главен кочничар на евроинтегративните процеси на земјава.
– Вчерашниот ден ќе остане запишан со црни букви во историјата на СДСМ како политичка партија. За време на транзицијата тие се преоблекоа во европско руво и само на два момента ВМРО-ДПМНЕ успеваше да ја преземе европската палка. Тоа беше во времето кога Македонија ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и кога се работеше на визната либерализација. Освен кај овие две точки, во јавноста долго време СДСМ се прикажуваше себеси како партија што има монопол на европската агенда. Вчера конечно се виде грдото лице на СДСМ, зад површинската европска шминка, а и зад евтината имитација на европското руво. За жал, премиерот не успеа да собере сили да го прими извештајот од рацете на евроамбасадорот Гир. Зарем има подобар доказ дека европската интеграција воопшто не е помеѓу приоритетите на актуелната влада – истакнува Боцевски.
Потребни се пресврт и визија
За основачката на Институтот за европски политики, Малинка Ристеска- Јорданова, овој извештај само покажува колку ни е потребен пресврт во начинот на кој гледаме на интеграцијата во ЕУ и во начинот на кој воопшто гледаме кон промени, односно кој може да нè спаси.
– Не може никој да дојде од страна да нè спаси. Само ние може да ја направиме таа промена, не може никој однадвор да ја направи. Едноставно политичарите мора да бидат под постојан притисок дека тие мора да даваат резултати за граѓаните. Тоа не значи дека треба да се прејде во нихилизам, сите политичари не чинат, сите да се лоши, сите административци да се лоши, туку, напротив, мора да се одвои житото од каколот и затоа поттикнувам секогаш да се кажува кој врши притисок и да се реагира таму каде што треба да се реагира – истакнува Ристеска-Јорданова.
Според неа, не постои свесност дека треба да се преземат храбри чекори во насока на средување на состојбите дома.
– Не постои свесност дека ова е момент кога навистина е потребна визија, кога се потребни многу похрабри чекори, многу похрабри политики, кога е потребен пресврт. Во спротивно, ние ќе се најдеме на опашката, но само заради нас самите, бидејќи не сме имале ни доволно храброст ни доволно волја да погледнеме понатаму, да преземеме чекори што ќе ги решаваат вистинските проблеми, а не чекори што се водени само од популизам – заклучува Ристеска-Јорданова.