Централниот совет на Македонците во Германија испрати жалба до Бундестагот
По потпишувањето на Преспанските договор, во 2018 година, зачести употребата на навредливиот термин „северномакедонци“, како од страна на странските медиуми, така и од високите претставници на некои светски метрополи. Меѓу оние што направија „лапсуси“ во однос на именувањето на Македонците може да се вброи заменик-државниот секретар задолжен за Балканот, Габриел Ескобар, кој на прес-конференција изјави дека „северномакедонците се Европејци“, како и францускиот претседател Емануел Макрон, кој нѐ нарече „северномакедонци“.
Последен таков пример е изјавата на германскиот пратеник Маркус Фронмајер, кој повторно нѐ именува како „северномакедонци“. Но и покрај овие „лапсуси“, Македонците продолжуваат на секој начин и во секоја пригода се борат за да го зачуваат својот идентитет и да укажат на несоодветниот третман. Во тој поглед особено е активна македонската дијаспора.
По искажувањето на германскиот пратеник Маркус Фронмајер, Централниот совет на Македонците во Германија испрати жалба до германскиот Бундестаг, во која се истакнува дека со голем интерес се следат дебатите во Бундестагот. Истовремено, Македонците што живеат во Германија искажуваат благодарност до германската влада за нејзината силна поддршка кон македонскиот народ на неговиот пат кон Европската Унија. Но Централниот совет на Македонците во жалбата испратена до претседателка на Бундестагот потенцира дека идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ се од големо значење и токму затоа, со ова обраќање, сакаат да ги охрабрат сите пратеници во Бундестагот да се воздржат од употребата на термините „северномакедонски“ и „северномакедонец“.
– Со загриженост забележавме дека пратеникот Маркус Фронмајер продолжува да ги користи овие презриви термини во својот говор, без никаква реакција од неговите колеги. Се надеваме дека пратениците ќе се согласат и ќе ги избегнуваат таквите неприкладни термини и активно ќе се спротивставуваат на нивната употреба, со цел да се однесуваат со почит кон македонскиот народ и неговиот идентитет, јазик и култура. Како што беше истакнато во говорите, Македонците се дел од европското семејство и придонесуваат кон разнообразноста на ЕУ – се наведува во жалбата на Централниот совет на Македонците до германскиот Бундестаг. Д.Ст.