Поранешниот претседател Бранко Црвенковски, се сомнева дека ќе има напредок во пристапувањето на Западен Балкан во Европската Унија. Тој рече дека Македонија нема започнато преговори со Унијата. Тој посочи дека ниту соседните држави кои чекаат полноправно членство немаат значајни исчекори.
– Подготвувајќи се за денешниов настан го прочитав и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо важно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија, туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги започнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус, но со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите кои следуваат за земја-кандидат. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, земји кои преговорите ги почнаа пред цели девет, односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро – рече Црвенковски.
Тој потсети дека поради промена на методологијата за отпочнување на пристапните преговори, во октомври 2019 година, Македонија не ги почна преговорите со Унијата.
– Во овие три години, ниту Србија ниту Црна Гора не направија значаен чекор напред во преговорите. Од различни причини, за различни држави, процесот за евроинтегрирање стои во место или нема значаен исчекор – додаде Црвенковски.
Експретседателот посочи дека треба да се гледа и поширокиот контекст, а не само проблемот со Бугарија. Кажа дека додека нема реформи, нема да има ниту пристап на нови членки.
– Фактите говорат дека интеграцијата на Западен Балкан, се во застој, со повремени мали исчекори. Не постои простор за поголем оптимизам ни за во наредните неколку години – рече Црвенковски.
За него, нелогични се изјавите дека ако сега Македонија ги започне преговорите, за седум, а некои велат и за четири години, ќе стане и полноправна членка на Унијата.
– Можеби грешам, но гледајќи ја поделеноста во Унијата и колку тешко доаѓаат до единствен став во врска со војната, како што се санкциите за Русија, воената помош за Украина – се плашам дека тоа ќе го зголеми скептицизмот – додаде Црвенковски.