Чешка бара увозот на челични плочи од Русија да биде изземен од санкциите до 2028 година, потврди министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела, додавајќи дека не можат да најдат замена за рускиот доставувач, пренесуваат медиумите.
Чешкиот министер го потврди барањето во понеделникот, на состанокот на советот на министрите за надворешни работи во Брисел, објави порталот „Еурактив“.
– Со оглед на моменталната ситуација во градежниот сектор, на пример во изградбата на мостови, не можеме без нив – рече Сикела.

Чешка очекува барањето да биде одобрено.
– врсто верувам дека ќе се задржи пристапот дека санкциите мора да му наштетат пред сѐ на оној кому му се воведени, а не на оној што ги применува и дека нашето барање во конкретниот случај ќе биде прифатено – рече министерот, истакнувајќи дека денес челични плочи произведуваат само неколку доставувачи.
Сикела рече дека Чешка бара и други решенија, но ниту еден од предлозите засега не е добар. ЕУ го ослободи увозот на челик од руските санкции само до следната година, а Чешка, слично на Италија и Белгија, бара ослободувањето да остане во сила до 2028 година, објави чешката новинска агенција ЧТК.

Барањето за изземање беше поднесено по консултации со претставници на челичната индустрија, а портпаролот на чешкото министерство за индустрија и трговија Марек Вошахлик укажа на годишната потрошувачка на челик во чешката индустрија од околу 500.000 тони до 2024 година.
Портпаролката на „Витковице челик“, Јана Дронска, изјави за чешката новинска агенција дека отфрлањето на барањето за продолжување на изземањето може да доведе до криза во градежната или автомобилската индустрија.

Подготвил: Митко Јовановски