Министерството за надворешни работи на Бугарија, строго ќе го почитува мандатот на Советот на министри, декларацијата на Народното собрание и договорот помеѓу Бугарија и Македонија. Тоа го изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска на прашање дали има несогласувања меѓу претседателот и Владата на темата Македонија.

Таа посочи дека ќе го земат предвид и мислењето на последниот состанок на Советодавниот совет за национална безбедност под претседателот и нема да отстапат од рамковниот став.

Запрашана за зборовите на шефот на државата Румен Радев дека посетата на премиерот на Скопје била избрзана, Генчовска одговори дека тоа е мислење на претседателот и не може да го коментира.

– Навистина, рестартиравме и продолжуваме да го надградуваме досега постигнатото. Има континуитет од страна на Министерството за надворешни работи, се надоврзуваме на постигнатото, има позитивизам во односите и дијалогот – рече таа, а пренесе МИА.

Генчовска истакна дека се во директен контакт со министерот за надворешни работи на Македонија, а тимот од МНР е во директен контакт на експертско ниво.

– Ни претстои експертска средба. Колегите од МНР на Македонија од 10 до 11 февруари ќе дојдат овде на експертски разговори за политичкиот пакет „4 + 1“, рече таа, додавајќи дека денеска доставила нацрт-мандат до Советот на министри.