Фото: Архива

Лидерите на партиите членки на бугарската владина коалиција вечерва одржуваат средба во Софија на која главна тема е влезот наМакедонија во Европската Унија, објави софиски „24 Часа“, повикувајќи се на извори во Владата на Бугарија и на претставници на дел од коалициските партнери.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера по средбата во Софија со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и колегите од Романија и Црна Гора, Николае Чука и Здравко Кривокапиќ, изјави дека Македонија има место во европското семејство и тоа мора да се случи што е можно поскоро.

– Ние како Влада сме посветени да го постигнеме тоа, но има прашања кои треба да се разјаснат, вклучително и малцинските права – рече Петков на заедничката прес-конференција на четворицата премиери.

Петков додаде и дека Бугарија и Македонија постигнале голем напредок во односите во последните три месеци, вклучително и за историските прашања.

– Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин што ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициски партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо, рече Петков. зш/сп/