Фото: приватна архива

Костовски го постигна најголемиот успех како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година

ДЕНЕСКА СЕ ДОДЕЛУВА НАЈВИСОКАТА ДРЖАВНА НАГРАДА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ОСТВАРУВАЊА ВО СПОРТОТ

Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ денеска, во 11 часот, во Кристалната сала на Собранието на Република Македонија, ќе ги врачи наградите за највисоко признание за животно дело и признание за спортисти, тренери (селектори и тренери) и спортски работници за остварувања во областа на спортот за 2024 година.
Годинашен добитник на наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на државата на меѓународен план е Борче Костовски, успешен спортски работник, тренер, селектор и претседател на Таеквондо-федерацијата на Македонија. Костовски го постигна најголемиот успех како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година.
Досегашни добитници на државната награда „8 Септември“ за животно дело од 2012 година се: Насе Насев (борење), Марин Докузовски (кошарка), Стеван Крстевски (стрелаштво), Лазар Лечиќ (кошарка), Андон Дончевски (фудбал), Иван Кочовски (шах), Таки Џиков (одбојка), Драган Стојановски (карате), Љуљзим Вранези (борење), Чедо Николовски (борење) и Дејан Богданов (борење).
Наградите со кои им се оддава признание на спортисти, тренери (селектори и тренери) и спортски работници за остварувања во областа на спортот, годинава им се доделуваат на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, Зоран Бошковски и Димитар Јованов.
Четворицата наградени за посебни остварувања ќе добијат еднократна парична награда во висина на 10 просечни плати, додека добитникот на наградата за животно дело ќе добие доживотна пензија. Н.М.