Веќе подолго време битолчани коментираат и негодуваат поради лошото сообраќајно решение, поточно немањето современ влез со булеварско-сообраќајно решение од патните правци: Прилеп – Битола и Охрид – Битола. И кога се мислеше дека такво булеварско решение ќе се изгради најпрво од патот Прилеп – Битола, по почетните активности за реконструкција на тој патен правец и изградбата на булеварско патно решение, градежните работи прекуноќ застанаа и, како што стојат работите, барем засега, градските власти се чини на извесен период ја одложија изградбата на булеварското решение на влезот од градот во правец кон Прилеп.
Па така, овој патен правец е оставен како што беше, да пропаѓа, со голем број дупки и целосно неосветлен, што во голема мера го загрозува безбедното и нормално одвивање на патниот сообраќај.
И токму кога битолчани речиси се помирија со фактот дека барем во овој момент нема да добијат современо булеварско патно поврзување со Прилеп, се чини дека наскоро ќе се реализира желбата на битолчани барем да добијат современо патно поврзување на влезот за Битола од правец на Охрид.
Деновиве на оваа делница, кај местото Довлеџик, конечно започнаа подготвителните активности за изградба на мостот на реката Драгор, а се поставува и соодветна сообраќајна сигнализација, со која ќе се врши пренасочување на сообраќајот, за да можат непречено да се одвиваат градежните активности за изградба на современиот влез од патот Охрид – Битола. Добрите временски услови и благата зима, без снежни врнежи, ѝ овозможија на локалната самоуправа да ги почне градежните активности за изградба на оваа делница, која ќе има современ влез.
– Изградбата на мостот за одвивање на патниот сообраќај на реката Драгор на ул. Довлеџик ќе биде со челична конструкција, во должина од околу 30 метри, со четири коловозни ленти, две пешачки и две велосипедски патеки. Инвестицијата изнесува 50.150.000 денари – вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Инаку, претходно, пред почетокот на изградбата на мостот, за да нема застој во одвивањето на сообраќајот, општината Битола изгради привремен премин, односно девијација, во должина од 322 метри, преку која сега се пренасочува и се одвива сообраќајот. Изградбата на девијацијата ја чинеше локалната самоуправа околу девет милиони денари. Но нејзината изградба беше неминовна, сѐ со цел додека се гради мостот преку реката Драгор сообраќајот од Битола за Охрид и обратно да се одвива непречено.
Овој пат, со пропуст за пренасочување на сообраќајот на патот Битола – Ресен и Битола – Пелистер, ќе биде во функција во периодот на изградба на челичниот мост на ул. Довлеџик за премостување на реката Драгор. Градежните активности на пропустот се дел од целосната реконструкција на ул. Довлеџик, која опфаќаше реконструкција на водоводната мрежа, реконструкција на фекалната канализациска мрежа, реконструкција на атмосферската канализациска мрежа, реконструкција на коловоз и ново улично осветлување, во вредност од над 22.419.000 денари. Со целосната реконструкција на ул. Довлеџик, Битола ќе добие нов современ влез од страната на Охрид.
За изработката на проектот и за изградбата на новиот мост, како и комплетното сообраќајно проектно решение, Општина Битола користи средства од државниот буџет, од фондот формиран од „ТАВ Македонија“.
Договорот за изработка на проектот ѝ беше доделен на Битола во периодот кога градоначалничка на Битола беше Наташа Петровска, но со реализација на проектот почна актуелниот градоначалник Тони Коњановски.
Севкупната инвестиција изнесува 50.150.000 денари, а Општина Битола за изработка на проектната документација и ревизијата на проектот обезбеди 1.235.460 сопствени средства.
Со реконструкцијата и реализацијата на новото современо сообраќајно патно решение на влезот од Охрид за Битола, не само што Битола ќе добие современа сообраќајница, туку со изградбата на новиот мост преку реката Драгор конечно ќе се реши и големиот проблем што се јавуваше со постојниот мост кај месноста Довлеџик, каде што честопати доаѓаше до поплави, особено при поголеми врнежи на дожд.