Славната Ени Лејбовиц ќе ги фотографира луѓето во нивните домови

Ени Лејбовиц, светски позната фотографка, наскоро ќе почне да работи на серија фотографии што ќе го прикажуваат животот на обичните луѓе во нивните домови, како дел од глобалното истражување на ИКЕА, насловено „Живот дома“. Уметницата вели дека домот отсекогаш имал важно место во нејзината работа, од самиот почеток фотографирала луѓе во нивните домови, што за неа е начин да сфати што всушност е човекот. Таа ги советува младите фотографи да ги фотографираат своите семејства.
– Тоа е еден од најдобрите начини да се започне кариера – вели Лејбовиц, која фотографирала многу познати личности и нивните најинтимни моменти.
Традиционалното годишно истражување на шведскиот синџир продавници за мебел беше спроведено во 37 земји. Неговите резултати ќе откријат што значи домот за луѓето низ светот и ќе послужат како инспирација за познатата фотографка да го документира животот на луѓето од куќата со нејзиниот објектив – токму таков каков што е.
Истражувањата покажаа дека трите најголеми грижи за повеќе од две третини од граѓаните се состојбата на економијата, семејните финансии и личниот животен стандард поради актуелната криза на зголемени животни трошоци. Покрај овие грижи, на глобално ниво, истражувањето покажа и изразена загриженост на луѓето за климатските промени. Меѓу најголемите фрустрации е вишокот работи за кои немаат соодветно место, а дополнителен извор на незадоволство е немањето простор за работите воопшто и различните сфаќања на членовите на домаќинството за тоа што е неред.
Ени Лејбовиц е поврзана со фотографската уметност веќе 40 години и за целиот период има создадено десетици ѕвездени фотографски портрети што се појавија на насловните страници и едиторијалите во некои од најпознатите светски магазини како „Венити феар“, „Вог“ и „Ролинг стоун“. Како најспектакуларен фотографски момент во нејзината кариера е фотографијата на Јоко Оно и Џон Ленон од 8 декември 1980 година, која подоцна се најде на насловната страница на списанието „Ролинг стоун“. Ова е и последната фотографија на Џон Ленон, кој беше убиен неколку часа по фотосесијата.